Економска катастрофа

Сè е скапано во држава Данска, напишал Шекспир во „Ромео и Јулија“. Ама, веројатно, никаде не било толку за никаде, како што е сега во Македонија.

1,427

Нема земја без проблеми, ама Македонија ги има премногу. Нема сектор каде нешто функционира. Образованието ни е одлично, на пример, освен што нема учебници. Да не правиме муабет за здравството (онкологија), транспортот (автопатот Кичево – Охрид …), екологијата (целосна загаденост на земјата), правда (нема корупција и има врвен Судски совет), внатрешни работи (ем дувло на злоупотреби, ем лесна замена на документите), земјоделство (постојано штрајкови) … Речиси да нема институција која работи како што треба. Исклучок е М-НАВ, каде малку се степале. Та, нели, луѓе сме. И такви работи мораат да се случуваат. Авионите летале, и пак ќе летаат. Ако некој падне, нема да биде ниту прв, ниту последен.

Сè е скапано во држава Данска, напишал Шекспир во „Ромео и Јулија“. Ама, веројатно, никаде не било толку за никаде, како што е сега во Македонија.






Во целата таа трагедија, којашто надвиснала, доминираат два клучни проблеми и предизвици. Едниот е надворешно – политички, другиот е внатрешен, економски.

1. Долго време, Македонија нема никаква надворешна политика освен дрндање дека сакаме во ЕУ. Ништо не се прави тоа да се постигне, освен катастрофални порази во однос на Бугарија. За разлика од Софија, која знае што сака и е концентрирана на негова реализација, ние се вртиме во маѓепсан круг со невидени и крајно неоправдани историски отстапки, преку кои го негираме сопственото постоење.

Кога правиш илузии од својата иднина, како ние со ЕУ, без реална процена на условите и можностите, неизбежно ќе удриш со главата во ѕид. Токму тоа ни се случува во односите со Бугарија. Ако не се освестиме, и направиме радикални промени, нема никаде да стигнеме. Имаме само еден излез – итно откажување на предавничките договори со Бугарија, тој за (не)пријателство и двата протоколи, коишто се повеќе од договори. Клучно е што со таков чин, по автоматизам отпаѓа и преговарачката рамка на ЕУ, која е безобразно базирана на спомнатите документи со Бугарија, и преку која никогаш нема да влеземе во Унијата. Со тоа, ирелевантен станува и бесрамниот ултиматум – да го менуваме Уставот. Само така, Македонија ќе може нормално да се развива и да влезе во ЕУ.

2. Вториот проблем и предизвик за Македонија, дури е и пострашен. Тоа е неконтролираното задолжување. Со Буџетот за 2024 година, предвиден е дефицит од 545 милиони евра, коишто ќе треба да се обезбедат со задолжување. Тоа е околу 10 проценти од Буџетот. Ова значи дека земјата ќе потроши 545 милиони евра повеќе отколку што ќе заработи и што ќе обезбеди во Буџетот, преку даноци, акцизи, царини … Ако некој заработува 50 илјади ама троши 55 илјади денари месечно, задолжувајќи се постојано, прашање е само кога ќе пропадне.

Новиот Буџет е само нов исчекор во уништувањето на Македонија. Според Народната банка, на крајот од септември 2023 година, бруто надворешниот долг на земјата бил 11,072 милијарди евра, или 78,3 проценти од проектираниот бруто домашен производ (БДП) којшто, најверојатно, нема да биде достигнат. Овој податок покажува дека земјата е веќе презадолжена. Според критериумите на ЕУ, се толерира задолженост од 60 проценти од БДП, и три проценти буџетски дефицит од БДП. Кај нас, тој е преку четири проценти.

Ова се крајно загрижувачки показатели, коишто бараат итна реакција и менување на пропорциите. Во спротивно, се оди во банкрот. За нас, бесмислена е и праксата да се оди со буџетски дефицити, не е важно дали од еден, два, три, или повеќе проценти. Тие задолжување, ние не ги враќаме од заработеното туку, во годините коишто следуваат, ги исплаќаме со нови задолжувања. На тој начин, пропаѓаме во должничка спирала. Вкупниот долго постојано ни расте и прашањето не е дали ќе банкротираме, туку кога.

На овие податоци, од кои боли глава, мора да се додаде дека нашите мудреци, на крајно бесмислен начин, со Бехтел и Енка, договорија проект од 1,3 милијарди евра. Треба да се градат патишта коишто, барем во моментов, апсолутно не се потребни. Со тоа, најверојатно намерно, Македонија се турка во финансиска пропаст. Патниот правец Прилеп – Битола, којшто треба да го гради американско – турската фирма, според интензитетот на сообраќајот, е апсолутно доволен во сегашната форма и не е потребно никаква надградба. Истото важи и за правецот Тетово – Гостивар. Сегашното решение може да ги задоволи потреби и за следните барем 20 години. Делницата од Гостивар кон Кичево, пак, прво не е дефинирана и, второ, не се знае дали ќе се гради тунел под Стража, што е клучно. Таа нема да оди и до Кичево, веројатно за да не се прават проблеми во Зајас, каде живее семејството на Али Ахмети. И последната делница, од Требеништа, преку Струга до Ќафасан, нема објективна потреба од автопатско решение. Доволно е нешто како од Штип до Кочани.

Фактот дека е направен договор без да има проекти, покажува тотална неодговорност, која крие и невидена корупција. Астрономска. Тоа е чиста бесмислица, којашто скапо ќе нè чини. Со истата фирма, слична будалштина направија и соседите. Потпишаа договори за поврзување на Албанија со Косово. Едниот дел требаше да чини 400, а вториот 485 милиони евра. На крајот, овие две држави на фирмата и платија близу две милијарди евра. Повеќе од двојно од договорено. Нема никакви дилеми дека истото не чека и нас. За 110 километри, ќе платиме преку две милијарди евра. Или, околу 20 милиони евра за километар. Тоа е светски највисока цена. Барем во нешто да бидеме први.

Македонија нема никогаш да може да ги врати овие пари. Добро е да се гради. Тоа треба да се поддржува. Ама ваквите скандалозни договори, во режија на Артан Груби, се директни и ГРУБИ удари, за уништување на Македонија. Како, инаку, ќе се реализира големоалбанскиот проект?

3. И, ова не е сè. Во меѓувреме, потпишани се договори за доградба на пругата кон Бугарија, којашто треба да чини преку 600 милиони евра. Тоа е проект којшто е на маса можеби и половина век. Најактуелен беше на почетокот на 1990-тите, за време на грчката терористичка блокада на нашата јужна граница. Тогаш беше затворена и северната граница, заради санкциите на СБ на ООН врз Србија, и Македонија беше оставена без железнички врски со светот. Без излез на море, имавме страшни и непроценливи последици по економијата. Со право, се започна со интензивни напори за железничко поврзување со Бугарија и Црното море. Потребата се наметнуваше од безбедносни причини, за сообраќајна диверзификација.

Разбирање за проектот имаа и странците, меѓутоа, веднаш беше јасно дека оваа пруга нема услови да биде економски оправдана. Тогаш бев потсекретар (државен секретар) во МНР и познато ми е дека Германија, на пример, понуди и помош од 30 милиони евра за пругата, којашто требаше да чини, чинам, околу 250 милиони долари. Ама, постави и услов – ќе помогне само ако прво Владата на Македонија се обврзе дека ќе го финансира нејзиното функционирање. Знаеја дека пругата ќе носи трајни загуби и, за да не ги фрлат парите во бездна, бараа гаранции за рефакција на транспортните трошоци. До тоа не дојде, и се потрошија големи пари за непотребно изградените делови.

Сега сме во иста ситуација и, иако е надвор од умот, фрламе преку 600 милиони евра во нешто што потоа ќе мораме да го финансираме секоја година. Таква глупост, паметни луѓе – не прават. Кон Бугарија треба да се направи модерен автопат и, барем засега, пруга не е потребна. Велат дека е таа интерес на НАТО. Ако е така, алијансата нека ја гради.

Македонија нема да може да ги врати и овие пари. Ако се додаде дека се планира и пруга кон Албанија, сè е јасно.

4. Подлабока анализа на нашите голготи, јасно покажува дека нашите западни „пријатели“ и „стратегиски партнери“ прво се обидоа економски да не уништат со грчката блокада на границата. Зад тоа, воопшто не стоеше само Атина. Ова што сега се случува, е само втор обид во иста насока. Со веќе огромниот набилдан долг, плус Бехтел и Енка и пругата кон Бугарија, Македонија свесно се турка кон колапс.

5. Дека тоа воопшто не е случајно, покажува досегашното меѓународно искуство. Ривалството и конфронтацијата меѓу Истокот, симболизиран во СССР, и Западот, предводен од САД, го карактеризираше добар дел од минатиот век. Западот настојуваше на секој начин да го уништи противникот, и не успеваше. Рецептот го најдоа во 1970-те години. Банките, коишто секогаш беа под нивна контрола, започнаа да делат евтини кредити. Се залетаа сите земји од социјалистичкиот блок, вклучувајќи ја и Југославија. И, сите – заглавија. Долговите ги уништија, и го променија светот.

Ова е повторување на истиот рецепт. За некоја година ќе ги видиме резултатите. Грција ја спасуваа заради еврото, ама нас нема кој. Мршојадците чекаат пред врата, за да нè згазат.

6. Сепак, сè зависи од нас. Сè уште има време за исправање на катастрофалните грешки коишто се направени и на надворешно – политички, и на економски план. Времето, меѓутоа, не работи за нас. Мора итно да се реагира и делува. Новата власт ќе мора уште првиот ден да почне со радикални промени. Се разбира, ако сакаат да опстане македонизмот, ама и тие. Ако продолжат со козметика, црно ни/им се пишува.

Поврзани содржини