ЕКОНОМИЈАТА ВО 2022 ГОДИНА ЌЕ СЕ ВРАТИ НА ПРЕТКРИЗНОТО НИВО Гувернерката очекува економијата да порасне за 3,9 отсто
Гувернерката сепак упатува и на негативните ризици. Тоа се неизвесната епидемиолошка состојба, растот на цените на енергенсите, застојот во синџирите на снабдување во глобални рамки, но и можното побрзо затегнување на глобалните финансиски услови.
Економијата следната година ќе се врати н прткризното ниво и ќе оствари раст од 3,9 отсто. Ваквата проценка се базира на повеќе претпоставки, од кои клучна е заздравувањето на европската економија како наш најзначаен трговски партнер, вели во интервју за „Капитал“ Анита Ангеловска-Бежоска. гувернерка на Народна банка.
– Според најновите проекции на Европската централна банка, по растот во еврозоната од околу 5,1 отсто годинава, за следната се проектира солиден раст од 4,2 отсто. Тоа, заедно со поповолна ценовна конјунктура кај металите, би имало директно позитивно влијание врз нашиот извоз, а индиректно и врз други сегменти во економијата. Во поглед на домашниот амбиент, се очекува дека процесот на имунизација ќе продолжи, што позитивно ќе делува врз довербата и однесувањето на економските субјекти и нивната потрошувачка и инвестиции. Со оглед на високата капитализираност и ликвидност на банкарскиот систем, се очекува натамошна солидна кредитна поддршка на растот – вели Ангеловска-Бежоска.
Сепак, додава таа, за овие проекции постојат негативни ризици. Тоа се неизвесната епидемиолошка состојба, растот на цените на енергенсите, застојот во синџирите на снабдување во глобални рамки, но и можното побрзо затегнување на глобалните финансиски услови.
Во однос на инфлацијата, гувернерката вели дека имајќи ги предвид проекциите на меѓународните финансиски институции за стабилизирање на цените на примарните производи догодина, се очекува дека ќе дојде до одредено стабилизирање на инфлацијата и кај нас.
– Сепак, цените на примарните пазари се променливи и многу неизвесни, поради што Народната банка внимателно ги следи промените кај увозните цени и факторите коишто ги придвижуваат, но и домашните фактори. Доколку се оцени дека е потребно, Народната банка е подготвена да реагира користејќи дел од монетарните инструментите коишто ги има на располагање – вели гувернерката.
Според неа, годинава којашто изминува е година на постепено закрепнување по првиот удар од пандемијата. За разлика од претходната глобална криза, којашто предизвика долга и тапа болка, корона-кризата предизвика брза и остра болка ‒ со првично поголем и пораспространет ефект во однос на светската финансиска криза, но со побрзо заздравување.
– Досегашните остварувања главно се во согласност со очекувањата на Народната банка. Динамиката на закрепнување на економијата е солидна, а растот во првите три квартали од 4,6 отсто е многу блиску до нашите проекции од 4,2 отсто. За разлика од претходната глобална криза, којашто предизвика долга и тапа болка, корона-кризата предизвика брза и остра болка ‒ со првично поголем и пораспространет ефект во однос на светската финансиска криза, но со побрзо заздравување. Ова е пред сѐ бидејќи оваа криза не произлезе од нарушувањето на економските фундаменти, туку се прелеа од кризата во здравствениот систем и бескомпромисната потреба од зачувување на јавното здравје – вели Ангеловска-Бежоска.