ЕДНОМЕСЕЧНО БЕБЕ ПО ГРЕШКА ПРИМИЛО КОВИД ВАКЦИНА Тестовите покажале дека развило антитела
Бебето ја напуштило болницата целосно здраво, како што дошло, немало несакани ефекти што понекогаш ги имаат возрасните, како што е треска, вели Куругол педијатриски инфектолог од Егејскиот универзитет.
Едномесечно бебе по грешка прими вакцина против ковид, наместо против хепатитис во јули годинава, изјави за АФП Зафер Куругол, педијатриски инфектолог од Универзитет Еге во Турција.
Куругол рече дека здравствениот работник кој ја дал вакцината во околината на Измир, веднаш ја увидел грешката и ги известил надлежните, а детето итно било пренесено во болница, каде што било прегледано и му бил следен срцевиот ритам, пренесува порталот 021.
Лекарите го следеле една недела и не откриле никакви негативни последици.
– Бебето ја напушти болницата целосно здраво, како што дојде. Немаше несакани ефекти што понекогаш ги имаат возрасните, како што е треска. Мајката продолжи да го дои – вели Куругол.
Бебето, кое сега има четири месеци, е здраво и лекарите редовно го прегледуваат. Тестовите покажале дека тоа развило антитела кон ковид, додаде инфектологот, кој не сакаше да каже која вакцина ја примило детето. Во Турција моментов се даваат две вакцини „Фајзер“ и „Синовак“.
Светската здравствена организација (СЗО) на барање на агенцијата АФП рече дека тестовите сѐ уште се во тек, но дека се потребни повеќе докази за краткорочните и долгорочните ефекти на инфекцијата САРС КоВ-2 кај децата, со цел да се утврдат придобивките и ризиците од вакцинирање на младите луѓе.
Неделава компанијата „Фајзер“ објави дека клиничките испитувања што ги спроведува вклучуваат и деца на возраст од шест месеци. Единствените податоци што досега ги објави „Фајзер“ се однесуваат на вакцинација на деца од 5 до 12-годишна возраст.
Куругол изјави дека голем број бебиња погрешно се вакцинирани против вирусот корона во здравствените институции и дека наскоро ќе биде објавена студија за тие случаи.
Турското министерство за здравство најави истрага.