Едно општество за сите, ама различна лична карта за секого

Професорот и поранешен пратеник, Ферид Мухиќ, за Плусинфо вели дека предлогот за вметнување графа за етничка припадност во личните карти е грешка и тој предлог како таков не треба да биде реализиран.

2,137

Поголемиот дел од политичките партии во земјава немаат ништо против предлог-измените на Законот за лични карти поднесени од политичката партија БЕСА, со кои се овозможува вметнување графа за етничка припадност во документите за лична единтификација.

Двете најголеми македонски партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, се согласни за овој предлог, а поддршка најавија и пратениците од ДУИ, од Алијансата за Албанците и од Алтернатива. Засега против е партијата на Павле Трајанов, Демократски сојуз, како и Левица на Димитар Апасиев, која поднесе 1.230 амандмани и очекува процесот да се закочи.






Против се и политичките аналитичари со коишто денеска разговараше Плусинфо, а кои тврдат дека со ваквиот потег ќе биде направена голема грешка, додека последиците ќе ги трпат самите граѓани.

СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ немаат ништо против

Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, за Плусинфо вели дека неговата партија нема ништо против предлогот за вметнување етничка графа во личните карти, бидејќи, како што вели, на тој начин ќе се задржи дел од националното достоинство на Македонците.

– Сметам дека е најдобро секој граѓанин да има можност сам да одлучува дали сака во неговата лична карта да постои графа за етничка припадност. Исто така, преку Преспанскиот договор се доведе во прашање не само името Македонија, туку и сите деривати од името Македонија. На пример, тоа се придавките „македонско“, „македонски“, „македонска“, кои, за жал, се во рестриктивна употреба. Затоа сметаме дека на овој начин ќе се зачува барем еден мал дел од националното достоинство – вели Милошоски.

Исто така, додава тој, уште една позитивна работа од етничката графа е тоа што на тој начин ќе се намали злоупотребата на јавните огласи за вработување на лица од одредена етничка припадност.

– Многу често се случува одредена државна институција да распише оглас за вработување еден Бошњак, на пример, а на огласот се пријавуваат Македонци и Срби кои тврдат дека се Бошњаци – вели Милошоски.

И премиерот Зоран Заев вчера истакна дека не гледа никаков проблем во личните карти да биде запишана етничката определба на граѓаните.

Како што кажа тој, СДСМ таквиот став го имал уште при донесувањето на уставните промени.

– Ние сме мултиетничко општество, кадешто покрај државјанството, македонско/граѓанин на Република Северна Македонија, граѓаните се Македонци, Албанци, Турци, Роми, Власи, Бошњаци, Срби и други. Немаме проблем во документ за лична идентификација да го има и тоа право – рече Заев.

И предност и хендикеп

Професорот и поранешен пратеник, Ферид Мухиќ, за Плусинфо вели дека предлогот за вметнување графа за етничка припадност во личните карти е грешка и тој предлог како таков не треба да биде реализиран. Тој објаснува дека освен поделбите што ќе следуваат во општеството, граѓаните на оваа земја ќе се соочат и со низа други проблеми.

– Секако дека е потребно да се води евиденција, но етничката припадност на граѓаните во никој случај не треба да биде впишана во личните карти. Во личната карта треба да стои само „граѓанин на Република Македонија“ и толку. Мислам дека сето ова е една голема грешка. Секако, можеме и да шпекулираме за други игри кои се играат зад предлогот. Графата за етничка припадност можеби не води директно кон поделба на општеството, но води кон тоа секој човек да биде легитимиран на начин за кој нема потреба да биде легитимиран. Зошто полицаецот треба да знае дали јас сум Албанец, Македонец, Бошњак или Турчин, кога ме запира со возилото? Во личната карта е напишан матичниот број и тоа е доволно – вели Мухиќ.

Граѓаните можат да имаат и предност и хендикеп доколку се воведе графата за етничка припадност во личните карти, додава Мухиќ.

– Може да се случи да налетате на полициски службеник кој, ете, поради некоја причина не ги сака Македонците, а во вашата лична карта е наведено дека вие сте Македонец. Од друга страна, пак, можете да налетате на полициски службеник кој ќе биде благонаклонет кон вас поради тоа што во личната карта прочитал дека сте Македонец. Затоа сметам дека ваквиот предлог нема логика – објаснува Мухиќ.

Се чувствувам како Тунгузиец

Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски вели дека со графата за етничка припадност на граѓаните во личните карти, земјава нема да добие ништо друго освен поделби.

Јас досега не сум слушнал за друга земја во светот каде што во личните карти постои графа за етничка припадност на луѓето.

Синиша Пекевски Политички аналитичар

– Станува збор за една обична дневно-политичка тема и ние нема да имаме никаков ќар доколку во личните карти постои графа за етничка припадност на граѓаните. Да се зборува за национализам во услови кога економијата ни е крахирана и да се занимаваме со работи кои носат само поделби е одлика на партии кои апсолутно не знаат што да прават. Ова е само начин да се оттргне вниманието од реалните проблеми со кои се соочува државата. Албанските партии немаат економска политика, туку само националистичка политика. А ако ние постојано повторуваме дека сме мултиетничко општество, во пракса правиме сè што е спротивно на тоа. На крајот на краиштата, за кого е важно дали ти си Албанец, Македонец, Турчин, Србин или Ром? Со ова нема да добиеме ништо друго освен нови поделби – вели Пекевски за Плусинфо.

Тој додава дека македонските лични карти ќе бидат единствените во светот кои ќе содржат графа за етничка припадност.

– Јас досега не сум слушнал за друга земја во светот каде што во личните карти постои графа за етничка припадност на луѓето. А што ако некој сака да си тера мајтап и во личната карта да се впише како Тунгузиец? Може ли некој да му забрани на тој човек да не се чувствува како Тунгузиец? Не може. Исто така, што правиме со оние деца на родители од мешани бракови? Дали тоа дете ќе биде половина Србин, а половина Хрват? Дали во личната карта ќе му пишува дека е половина Македонец, а половина Албанец? Нема никаква логика. Како и да е, цврсто стојам на тоа дека целата оваа работа е само за да се оттргне вниманието од проблемите кои допрва ќе ѝ следуваат на државата – објаснува Пекевски.

Поврзани содржини