Едно недоветно прашање…
Македонците, ниту сме заспани, ниту сме глупави... ама... колку и да не сакам, ќе морам да речам: - ние сме немоќни!... Како напуштено дете, незаштитени, стреите нѐ капат... Сепак, можеме и треба да бидеме многу внимателни и будни околу прашањето за уставните измени. Совеста, самопочитта и самозаштитата треба да предничат при донесувањето на судбинската одлука, со која, од ова наше последно упориште, за нас решаваме – ќе опстоиме или не.
Виновни сме што постоиме?
Недолично звучи сами на себе да си поставиме прашање кое прозвучува како негација на сопственото земско присуство поради отстрана упорно наметнуваното чувство на вина што постоиш таков каков што си, од некој, надвор од твојот опстој, кој, третирајќи те како подредено на него битие, со присила, тортура и уцена, те тера да прифатиш дека – ти, не си ти, туку си тој! Поголема глупост од ваквиот апсурд не постои на веков. Но…, тој апсурд, со животинска жилавост својствена на политиканското профитерство, во отсуство на спротивставување, егзистира, и навално настојува – Македонците, кога веќе не сакаме да прифатиме дека не постоиме вакви – какви што сме, тогаш, без вина да се чувствуваме виновни што постоиме баш такви, какви што сме.
Оваа негација која низ фатален шаблон ни ја заповедаат Бугарите, а со подмолна рамнодушност и силеџиско надоврзување ја прифаќаат и дома Албанците, нема врска со европскиот пат. Осојузени, тие, со фашистички набој, дрчни за туѓото – во случајов нашето, неблагодарни кон своето, поединечно и заеднички го крчат патот на Санстефанија и Голема Албанија… пред наши очи. За жал и не мерена срам, ним им помагаат, а на нашето спротивставување одмагаат со притисок вперен кон нас, Америка и Брисел. Отворен и дрзок! Ним им се брза, за свои геостратешки интереси да донесат брзи решенија за сите спорови на З. Балкан (на многу и кумуваа), што значи и за Македонија, со сила, минус меѓународното право и сопствените прокламирани наводни вредности, на кои продолжуваат со формална реторика да се повикуваат… сметајќи дека (кој нѐ ферма нас) така ќе го зацврстат бедемот против руското влијание кое им е главна преокупација, но…, ги има чапнато и страв…, па така, нѐ брецаат и на глава да ни згазнат….
Косовскиот француски ќитап ќе има влијание за создавање амбиент во земјава за носење на уставните измени? – Ќе даде оправдување на некои (малкумина се) политичари – Македонци, предавници, кои и сега не се двоумат од материјални вдахновенија да турат параф за отворање на Уставот. Погубно ќе биде за Македонија и Македонците ако се отвори Уставот… Тоа не смее да се случи… Погубно е брзото носење на таквите одлуки, сега, посебно кога ништо добро за Македонија не може никој да ни гарантира. Не сака и не може ниту Европа со сите нејзини институции, бидејќи и самата е закочена, во небрано… Нема гаранции ни за самата себе потпаѓајќи под целосно и посебно „внимание“ на Америка. А, чека да се реорганизира…, па каков ќе биде исходот од војната… Нас, Европа, за жал, повеќе ни ги убива нашите надежи….
Македонците, ниту сме заспани, ниту сме глупави… ама… колку и да не сакам, ќе морам да речам: – ние сме немоќни!… Како напуштено дете, незаштитени, стреите нѐ капат… Сепак, можеме и треба да бидеме многу внимателни и будни околу прашањето за уставните измени. Совеста, самопочитта и самозаштитата треба да предничат при донесувањето на судбинската одлука, со која, од ова наше последно упориште, за нас решаваме – ќе опстоиме или не.
Политичарите како што се нашите паразитски штетници од власта, згора на тоа зачудувачки недоветни, кои себе се прогласија за европски експонат, а сите други кои не се сложуваме со нивната апла антимакедонска предавничка политика, за анти-европјани, кои нѐ клеветат пред Западот, присилуваат под паљба на лаги, уцени и закани од дома и надвор да сме ја прифателе нивната геноцидна агенда како единствен наш европски пат и тоа набрзаница…, веднаш, се само алатки за конкретна употреба, кои го обработуваат тоа за што се од туѓинци избрани и програмирани. Како извршители, без сопствена мисла и врз неа изграден став немаат што да понудат и испорачаат на народот, а да не се лаги и криминални малверзации, со кои, за личен интерес, намерно ја доведоа државата до состојба на дезорганизираност и општ распад. Поради тоа е компромитирана нивната спроведувана анти-народна јаничарска политика, до степен на физичка одвратност кон нив. Посебно што, и продолжените проблеми со корупцијата ги „решаваат“ корумпираните, – истите политичари.
Во природата на човекот е нормална и пожелна појавата да ги отфрла наметнатите ставовите кои се спротивни на неговите пориви за сопствена егзистенционална опстојба, при што, мислата која е супстанца на духот, е главното орудие. Таа предничи како водилка од која се буди и шири разгорената желба за слободарски еволутивен пат. Со потенцијал на искра која може во даден момент да букне како разбудување, како креација од искушенија кои ја будат душата и усмеруваат свеста, потврдува дека сѐ што се случува има причина и значење, но и можност за промена на токот кој е минлив и менлив.
Затоа кризата која ја живееме со намерно ништење на сите структури од животот во нашето општество, делува и како благ поветерец, можност, да се подразбудиме и да сфатиме дека и оваа состојба е само надвиснат облак од темнина над кој таа светла ѕвезда, чии краци како патокази се пробиваат, со светлина го растерува мракот и во него ставеното зло. А злото кое нѐ опкружува нема ограда и може безгранично да се шири и да делува до постигнување на насочената цел, ако, ние, народот, навреме не го спречиме, со против-делување. Значи, отворено спротивставување. Да не чекаме од власта да нѐ штити од злото, иако е тоа нејзина должност, при ситуација кога таа нема морален капацитет, а згора на тоа, се осојузила со него. Ниту да прифатиме дека само од себе ќе исчезне, свесни дека бесмисленото чекање само го трасира патот на нашиот морален пад… Да престанеме да ги слушаме и почитуваме и оние, кои нѐ омаловажуваат и намерно замајуваат со проповеди за владеењето на демократијата по принципи диктирани од нив, било да се наши, домашни чучнати токмаци, или визитари од „меѓународната заедница“.
Во моментов не само кај нас туку и во светот суспендирана е демократијата како вредност, како израз на владеење и како факт, или подобро речено – изедначена е со диктатот. И така се практикува. Се зборува за демократски вредности и принципи, а, истовремено, со бранови тортури се „одоброволува“ диктатот. Тоа го чувствуваме…, и јасно ни е. Разликата меѓу демократијата и диктатот е во тоа што во т.н. демократија која сега се практикува, прво се гласа, а потоа примаш наредби, а во диктатот не мораш да гласаш.
Како поткрепа на самата себе и на сите Македонци, од душа повикувам да не веднеме глава, да истраеме! Да се бориме за себе! Со гордост да останеме тоа што сме и што со векови биле нашите предци, кои името и идентитетот како духовно завештание ни го предавале од колено на колено, кое завештание со продуховеност и ние треба да го предадеме на нашите идни генерации.
Достоинствените стихови на Екхард, за индивидуалноста на човекот и гордоста што се раѓа од неа, сакам да ги споделам:
Што сум човек,
тоа го делам со другите луѓе.
Што гледам и слушам
и јадам и пијам,
тоа сите животни слично прават.
Но, тоа, да, ЈАС СУМ ЈАС – САМО Е МОЕ!
Ми припаѓа мене
и на никој друг.
На ниеден друг човек,
ни на ангел, ни на Господ
– освен онолку, колку сум со нив едно…