ЕДНАТА ИМА ДЕСЕТ ПОРАЗИ, А ДРУГАТА НИТУ ЕДНА ПОБЕДА Две репрезентации „влетуваат“ на Светско со катастрофални бројки
Две селекции со најневообичаени квалификациски резултати сепак остануваат чекор до Светското првенство
Заклучно со ноемврискиот циклус, 42 национални селекции обезбедија пласман на Светското првенство што следното лето ќе се одржи во САД, Канада и Мексико. На располагање остануваат уште шест места, за кои ќе се борат 22 репрезентации во европските и интерконтиненталните квалификации.
Меѓу нив се издвојуваат две селекции кои имаат неверојатно необичен пат до можниот пласман — едната со десет порази, другата без ниту една победа во квалификациите, но сепак со реални шанси да се најдат на Мундијалот благодарение на специфичниот систем и новиот формат. Станува збор за Шведска и Боливија кои најблаго речено, имаа чуден пат.
Првата селекција, репрезентацијата на Боливија заврши едвај над дното во регионалниот круг, со шест победи, два реми и десет порази, ефект што во нормални околности никогаш не би бил доволен за место на Светско првенство. Но со проширувањето на турнирот и дополнителните квалификациски патеки,Боливија има реална шанса да замине во Северна Америка.
Во дополнителните квалификации, прво ќе игра против Суринам, а ако помине, ќе се соочи со Ирак во финалето. Реално е да се каже дека не е аутсајдер во ниту еден од тие натпревари. Напротив.
Втората селекција, Шведска пак, има уште поекстремен случај. Го заврши својот настап во групата со два нерешени натпревари против Словенија и четири порази, по два од Швајцарија и Косово. Сепак, благодарение на освојувањето на првото место во својата група во Ц Лигата на нации, Шведска се избори за дополнителни квалификации, а и таму беше доста фаворизирана при ждрепката и имаше голема среќа. Скандинавците ќе играат на неутрален терен против Украина во полуфиналето, додека во евентуалното финале ќе се соочат со победникот од натпреварот помеѓу Полска и Албанија на домашен терен.
Дополнително, новиот селектор на оваа репрезентација има на располагање состав кој вредносно се вбројува меѓу најскапите десет во светот. Со малку дисциплина и спортска среќа, селекцијата би можела да избори пласман на Мундијалот дури и без ниту една победа во сите одиграни квалификациски натпревари, доколку плејофот го мине по пат на ремија и пенали.
Двете ситуации стануваат дел од најчудните квалификациски приказни во поновата историја на фудбалот, и последица на новите, проширени правила на глобалното натпреварување.