ЕДНА ИЗБОРНА ЕДИНИЦА, ИНАКУ НЕМА ПОПИС Мицкоски предложи ново пребројување, но под еден услов

Премиерот рече дека е подготвен како претседател на Владата да обезбеди средства во Буџетот за реализација на пописот уште следната година.

884

Премиерот Христијан Мицкоски попладнево на собраниската седница посветена на пратенички прашања предложи веќе идната година да се спроведе вонреден електронски попис на населението, но го услови тоа со итно прифаќање на моделот за една изборна единица.

Ова го изјави во одговор на прашањето на пратеникот Халил Снопче од редовите на Алијансата на Албанците, кој побара објаснување дали Владата ќе ја повлече одлуката за бројот на советници во општините, по вчерашната одлука на Уставниот суд во врска со спроведувањето на пописот во 2021 година.






– Уставниот суд на вчерашната седница укина некои одредби од методологијата за спроведување на Пописот на населението во 2021 година. Уставниот суд оцени дека директорот на Државниот завод за статистика ги пречекорил своите надлежности и со подзаконски акт извршил категоризација на резидентно и нерезидентно население за што немал законско овластување – рече Снопче.

Пратеникот и координатор на пратеничката група на Алијансата за Албанците, Халил Снопче рече дека е убеден оти се обезбедени потребните гласови за реконструкција. Според него, следствено на одлуката на Уставниот суд, одлуката на Владата за намалување на бројот на советниците во општините е невалидна.

– Дали на следната седница на Владата ќе ја поништите претходната одлука и ќе се врати претходната одлука за бројот на советници? Логички, не може да се отстранат нерезидентите бидејќи нивната одлука има директно влијание врз изборот и бројот на советниците – праша Снопче.

Тој посочи дека уште пред пет месеци има поднесено барање за автентично толкување на оваа владина одлука, но досега немал добиено никаков одговор.

Во одговорот, премиерот Мицкоски нагласи дека кај нерезидентното население во последниот попис немало адреса, туку тоа било класифицирано како нерезидентно население. Како пример ја наведе Општина Гостивар, од каде што е пратеникот Снопче, каде што, според него, бројот на жители бил намален од 85 илјади на 59 илјади резидентно население. Во тие 59 илјади, како што додаде, имало и неколку илјади кои не се изјасниле што се, односно одбиле да се попишат.

– Често зборувам дека дијаспората е нераскинлив дел од унитарниот карактер на Македонија како држава, и затоа ве молам како политичка партија да поддржите една изборна единица во која што ќе овозможите дијаспората да гласа – изјави Мицкоски.

Тој додаде дека Уставниот суд не може да биде законодавец и дека не е негова улога да кажува како треба да се работи, туку да се произнесува по законски решенија.

– Но не може да наметне. Тоа сте вие, пратениците, и во одреден дел Владата. Уставниот суд вели дека не може да има графа „нерезидентно“ и графа „резидентно население“, за што зборувавме уште во време на пописот дека тоа не го препознава Евростат. Исто како што молевме, немојте да го правите ова со Францускиот предлог – рече Мицкоски.

Притоа, премиерот предложи идната 2026 година да се спроведе вонреден електронски попис.

– Ви гарантирам дека со вкрстување на базите 90 отсто од населението ќе го попишеме преку електронскиот попис, а само отприлика 10 проценти ќе треба теренски – изјави Мицкоски, додавајќи дека е подготвен како претседател на Владата да обезбеди средства во Буџетот за реализација на пописот уште следната година.

Во коментар на одговорот, пратеникот Снопче рече дека за да гласа дијаспората не е потребна една изборна единица, туку политичка волја на партиите.

УСТАВНИОТ СУД ГИ УКИНА ОДРЕДБИТЕ РЕЗИДЕНТНО И НЕРЕЗИДЕНТНО НАСЕЛЕНИЕ Оваа одлука нема да важи за пописот од 2021 година

Поврзани содржини