ЕДНА ИЗБОРНА ЕДИНИЦА ЌЕ НИ ДОНЕСЕ ИТАЛИЈАНСКО СЦЕНАРИО? Тајната на успехот на големите партии е во Донтовиот модел
Проблемот е начинот на пребројување на гласови (Донтов модел). Според мене, оваа промена на една ИЕ со Донтов модел нема да донесе ништо, вистинско решение би биле шест ИЕ со Харе квота за пребројување гласови и делење на пратенички места, вели политикологот Димитар Христов.
Предложено е укинување на „пржинската влада“, потоа прогласување на Република Македонија за една изборна единица без изборен праг, но во исто време имаме предлози за три изборни единици (ИЕ) или за осум изборни единици и за изборен праг од 2 до 2,5 отсто од вкупниот број избирачи, како и предлог за отворени листи. Секоја од партиите во Собранието, тргнува од сопствените желби во претстојните преговори за измените за Законот за избори, кои ќе мора да се донесат со консензус.
Од ВМРО-ДПМНЕ се чини дека се најзаинтересирани за укинувањето на „пржинската влада“, што во пракса ќе значи дека повеќе нема да мора да се формира техничка влада на три месеци пред избори. Но, од најголемата опозициска партија се подготвени да ги прифатат предлозите на Демократски сојуз (ДС), од каде посакуваат комплетно менување на Изборниот законик. Претседателот на ДС Павле Трајанов посочи дека е битно да се прогласи една изборна единица, а бројот на пратеници да се намали на 90. Тој смета дека техничка влада може да функционира 20 дена пред изборите.
Коалицискиот партнер на ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса за Албанците, пак, пред извесно време излезе со предлог за осум изборни единици.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески вели дека нивниот предлог за една изборна единица во 2016 година, бил блокиран токму од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.
– Ние и тогаш кажавме дека сме за една изборна единица и дека треба да разговараме со сите модалитети на таа една изборна единица, прво гледат дека и денес има различни ставови, едни зборуваат за една изборна единица со праг, други без праг, може да се отвори прашањето за колкав да биде тој праг дали 2%, 2.5%, дали од запишаните дали од излезените гласачи се отвара прашањето за помалите етнички заедници односно за загарантираните места за помалите еднички заедници, затоа викам дека тој е сложен процес за којшто треба да обезбедиме консензус од сите – порача Митрески.
Пред извесно време од ДУИ имаа предлог за три изборни единици, за вицепремиерот Артан Груби пред неколку дена да каже дека од неговата партија се подготвени да разговараат за промена на Уставот, но дека меѓу другото би сакале промените во Законот за избори да одат во пакет со употребата на албанскиот јазик во Македонија и бришењето на неопходните 20 проценти за неговата примена во државните и во општинските институции.
Левица добива најмногу од една изборна единица
Очигледно е дека консултациите и преговорите на политичките партии ќе траат долго и во моментов е неблагодарно да се прогнозира каков ќе биде крајниот резултат од договероното, па затоа ние ќе се обидеме да ги претставиме сите можни сценарија.
Го контактиравме политикологот Димитар Христов, кој за Плусинфо ги откри сите можни сценарија и последиците кои би следувале од нивната примена во Законот за избори.
– Една изборна единица ќе доведе до поголема шареноликост во парламентот и можно е да добиеме италијанско сценарио, па да не може долго време да се состави влада. Големите партии нема да изгубат нешто значително, можеби еден, а во одредени случаеви можно е и ниту еден пратеник. Малите партии спротивно од големите, може да добијат 1 до 2 места, но сепак тоа повторно не би значело ништо. Дефинитивно ќе се изгуби пропорционалноста, тоа можеме да го видиме и во резервираноста на албанскиот блок на оваа тема. Проблем ќе биде и водењето на кампањата каде што таа дефинитивно ќе биде насочена кон местата со поголема популација на население бидејќи таму ќе биде битката за гласови – објаснува Христов.
Тој ни испрати и графикон со манипулација на изборните резултати од последните парламентарни избори, пресметани како изборите да се одржале во една изборна единица.
Од графичкиот приказ може да се процени дека сите партии губат по еден пратеник, додека Левица ќе добие 5 наместо освоените 2, а во Собранието свој претставник би имала и партијата на Интегра.
Проблемот е во Донтовиот модел
Што се однесува до изборниот праг, односно поставување одреден минимален број освоени гласови при изборот на пратениците, Христов смета дека мора да се определи. Тој вели и дека Донтовиот модел на пребројувањето на гласовите би било паметно да се промени со т.н. Харе квота, со што би добиле многу пореална слика на волјата на гласачкото тело.
– Изборен праг дефинитивно мора да има за да се направи некаква селекција кој би можел да влезе во парламентот. Според мене, треба да се движи помеѓу 2 % до 2,5 %, нормално ако го воведат. Во моментов немаме изборен праг, но доколку хипотетички претпоставиме дека би имале бидејќи можеме да зборуваме за некаков вештачки праг, во моментов тој е меѓу 1,5 до 2. Проблемот е начинот на пребројување на гласови (Донтов модел). Според мене, оваа промена на една изборна единица со Донтов модел нема да донесе ништо, вистинско решение би биле шест изборни единици со Харе квота за пребројување гласови и делење на пратенички места – додава тој.
Со манипулација на изборните резултати од минатите парламентарни избори, во услови на шест изборни единици и употреба на Харе квота, би се добиле следниве хипотетички резултати:
Гледаме дека со пребројувањето на гласовите со помош на Харе квотата се доаѓа до позначителни измени во изборниот резултат.
Што се однесува до предлогот за отворени листи, Христов вели дека тие би внеле огромна збрка во кампањата.
– Отворени листи ќе биде најпромашената работа, прво поради комплицираноста на начинот на гласање, второ ќе има можност за раздор внатре во партиите, бидејќи кандидатите ќе се натпреваруваат и внатре меѓусебе, трето и да сакаме нема никаква теорија да можеме да разгледаме 120 кандидати само од една партија, а не па од повеќе – тврди Христов.
Од изложеното може да се заклучи дека најголемиот дел од партиите што во моментов се консултираат за измените на Изборниот законик, се свесни дека со секоја промена би можеле за загубат по некој пратеник на наредните избори.