ЕДНА ГОДИНА ОД ТРАГЕДИЈАТА ВО КОЧАНИ Непребол и тага по 63 млади луѓе
Во трагедијата животот го загубиле 63 лицa, додека пак 193 биле повредени
Македонија денеска одбележува една година од најголемата трагедија која се случи во Кочани. Пожарот во кој загинаа 63 млади луѓе и деца , а беа повредени 193, се случи на 16 март во ноќниот клуб Пулс.
Една година по трагедијата во тек е судскиот процес во кој се обвинети 35 лица, но трагедијата отвори низа прашања поврзани со постапувањето на институциите и почитувањето на законите.
Изминатата година беше и година на протести на родителите на загинатите и повредените во кои тие бараа правда за нивните деца.
По трагедијата Македонија повторно беше центар на солидарност. Голем број држави дадоа медицинска помош и преседоа повредени на лекување.
Денеска, по повод годишнината од трагичниот пожар денеска во црквата „Св. великомаченик Георгиј“ во Кочани се одржува литургија за упокоените, а во 9:30 часот – општ парастос за упокоените во пожарот во дискотеката „Пулс“.
Со верските обреди чиноначалствуваат Неговото блаженство архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан и Неговото високопреосвештенство митрополитот на Брегалничката епархија г. Иларион.
На државно ниво денеска во Скопје се одржува меѓународна конференција за институционалните и клиничките аспекти и решенија по пожарот во Кочани. На конференцијата ќе учествуваат високи државни претставници, меѓународни експерти и водечки медицински професионалци од регионот и Европа.
Воведните обраќања на премиерот Христијан Мицкоски, министерот за здравство Азир Алиу и министер за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, по што ќе се следува краток комеморативен момент посветен на жртвите и последиците од трагедијата.
Темата на првиот панел насловен „Европскиот механизам за цивилна заштита и меѓународниот одговор“ ќе бидат меѓународните реакции по пожарот, координацијата меѓу државите и активирањето на европските механизми за итни ситуации.
Панелисти се Ивица Томовски, директор на СОЗР, Сиен Ванломел, DG ECHO – ERCC, д-р Игор Мерџановски, директор на ТОАРИЛУЦ, Панче Тошковски, министер за внатрешни работи, Владо Мисајловски, министер за одбрана и Валентина Атанасовска, Државен завод за статистика, одделение за меѓународна соработка.
Вториот панел „Национален и меѓународен здравствен одговор и акутен третман на изгореници“ се фокусира на медицинскиот одговор, тријажата, ургентните постапки и сложените третмани за изгореници.
Панелисти ќе бидат прим. д-р Јасмина Горѓиевска, директор на УК за пластична хирургија, проф. д-р Марија Срцева, анестезиолог, ТОАРИЛУЦ, д-р Елизабета Обочки, пластичен хирург, доц. д-р Марко Јовиќ, Клинички центар Србија, д-р Крисаги Гинаки, интензивист, Болница Папаниколау – Солун и д-р Влатко Захариев, директор на КБ Штип.
Мултидисциплинарниот пристап, рехабилитација и опоравување ќе бидат во фокусот на третата панел дискусија на која ќе учествуваат д-р Катерина Мирчовска, директор на ОБ Кочани, проф. д-р Славица Арсовска, директор на УК за психијатрија, проф. д-р Маја Аргирова, Пирогов, Бугарија, д-р Божидар Поповски, пулмолог, проф. д-р Катерина Дамевска, директор на УК за дерматологија и д-р Симона Јовановска, физијатар, ОБ Кочани.
Панелот „Од искуство до решенија – улогата на заедницата и институциите“ започнува со видео пораки од пациенти и продолжува со дискусија за институционалното учење, хуманитарната поддршка и потребата од системски реформи.
Панелисти се д-р Владко Грозданов, градоначалник на Кочани, Саит Саити, генерален секретар на Црвен крст, д-р Небојша Настов, УК „Наум Охридски“, д-р Бесник Хамити, кабинет на министерот за здравство ид-р Надиа Депетрис, претседател на Европската асоцијација за изгореници (ЕБА).
Конференцијата завршува со презентација на министерот за здравство Азир Алиу за националните решенија, доделување благодарници на здравствените установи и официјално обраќање на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.