Еден за сите, сите против предлозите на Љубчо!

Поради тоа што сите структури во Македонија се дистанцираа од фантазиите на експремиерот Љубчо Георгиевски, сега тој не може да влијае врз процесите, ама во секој случај ѝ даде поттик на Софија да биде уште поагресивна, вели поранешниот амбасадор Ристо Никовски.

1,198

Никој во земјава не ги бендисува предлозите што ги понуди поранешниот македонски премиер Љубчо Георгиевски за решавање на спорот со Бугарија. Се чини дека нема политичар и политичка партија во Македонија која не му забележа и која јавно не го искритикува експремиерот, обвинувајќи го дека одработува за интересите на туѓа држава.

Политичките аналитичари со коишто разговараше Плусинфо велат дека штетата е веќе направена, но дека, сепак, светла точка во сето ова е тоа што сите структури во Македонија се обединија и се дистанцираа од предлозите на Георгиевски. Токму таквиот потег, велат тие, го оневозможува експремиерот да влијае врз процесите, но од друга страна, пак, ѝ дава дополнителен поттик на Бугарија да биде уште поагресивна во следниот период.






Георгиевски во саботата понуди план за излез од спорот со Бугарија, а според тој план составен од пет точки, потребно е да ѝ се дадат гаранции на Бугарија дека земјава нема апсирации кон Источна Македонија. Тој предлага промена на стратегијата за историјата и конечно, како што вели, решавање на проблемот со јазикот. Неговиот предлог-акциски план предизвика серија политички реакции.

Поттик за агресија

Поранешниот амбасадор Ристо Никовски вели дека Љубчо Георгиевски не може да влијае врз процесите, но дека сепак, со неговите предлози ѝ дал поттик на Софија да биде уште поагресивна во наредниот период.

– Кога се читаат изјавите на експремиерот Љубчо Георгиевски, мора да се знае дека тој е причината за проблемите кои ние ги имаме со Бугарија. Во 1999 година, тој потпиша срамна и капитулантна декларација со Софија. Тогаш тој се откажа од македонскиот јазик, го направи неавтохтон, а се откажа и од нашето малцинство. Кога се читаат неговите нови изјави, најсилен е впечатокот дека тој зборува во име на Бугарија и ги брани нивните позиции. Сето тоа што го предлага се неприфатливи небулози и само потврдуваат дека тој не случајно го добил бугарскиот пасош, ако таа информација е точна. Поради тоа што сите структури во Македонија се дистанцираа од неговите фантазии, тој не може да влијае на процесите, ама во секој случај ѝ даде поттик на Софија да биде уште поагресивна – вели Никовски за Плусинфо.

Тој додава дека ако сака Македонија да излезе од ќорсокакот, тогаш мора да ѝ стави на Софија два избора.

– Првиот избор е веднаш да бидат прекинати блокадите и да се даде гаранција дека Македонија нема да биде попречувана во преговорите за членство во ЕУ. И ако тоа веќе не е возможно, тогаш вториот избор е Македонија веднаш да го откаже договорот. Ако тоа е договор за пријателство и за соработка, ова што го прави Софија се крајно непријателски потези и ако нема промени од другата страна, договорот веќе не е потребен – објаснува Никовски.

Критики од сите страни

Ставовите кои ги презентираше Љубчо Георгиевски се негови лични ставови, а не како коалиционен партнер, рече премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција.

– Јас веднаш разговарав со него, и ми потврди дека тие ставови ги изнел како негови лични размислувања – рече Заев.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвини дека премиерот Зоран Заев преку Љубчо Георгиевски пушта пробен балон во јавноста.

– Зоран Заев преку Љубчо Георгиевски пушти пробен балон во јавноста, и порача дека македонскиот јазик не постоел во кореспонденцијата на патриотските револуционерни организации, директно негирајќи ја посебноста на македонскиот јазик, како и посебноста на македонската нација. Заев сака да ги одроди револуционерите и сите македонски дејци и од нив да направи Бугари – велат од партијата на Христијан Мицкоски.

И режисерот Владимир Милчин, реагираше за акцискиот план на експремиерот Љупчо Георгиевски за нормализирање на македонско-бугарските односи.

„Не само сервилност, туку и неписменост е неопходна за да се истресе дека нации се формираат со декрет во еден ден. Никој не може да зборува во името на Македонците во Бугарија. Уште помалку може да тргува со нив“, напиша Милчин.

Кумановскиот градоначалник од редовите на СДСМ, Максим Димитриевски, предлозите ги нарече срамни и понижувачки, а побара од Георгиевски да се откаже од македонското државјанство и да му се извини на целиот македонски народ.

Слична реакција имаше и академик Катица Ќулавкова, која обвини оти поранешниот македонски премиер застанал во одбрана на бугарскиот културен и државен хегемонизам.

– Бившите премиери и министри на Република Македонија, кои даваат предлози за решавање на македонско-бугарскиот спор и притоа го бранат бугарскиот културен и државен хегемонизам се срам и зло не само за Македонците, туку и за целиот цивилизиран свет – реагираше Ќулавкова.

Реакција пристигна и од Бугарија. Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев ги пофали предлозите на Георгиевски, посочувајќи дека за него тие се добар почеток.

БГНЕС: 24-часовен масакр и линч

Поранешниот македонски премиер Љубчо Георгиевски предложи излез: Скопје да ја прифати историската вистина, а Софија да ја прифати реалноста, коментира репортерот на БГНЕС.

„Во последните 24 часа, во РС Македонија се одвива масовен и целосно координиран напад против поранешниот македонски премиер Љубчо Георгиевски, откако вчера тој предложи свој план за излез од ќорсокакот во нашите билатерални односи. Во нападот учествуваа дипломати кои во минатото служеа и ја поддржуваа антиквизацијата на Никола Груевски“, објави БГНЕС.

Сите медиуми, и провладини и опозициски, објавуваат лути реакции, наведено е таму, но никаде нема барем едно неутрално мислење или коментар.

„Сето ова потсетува на периодот по 1945 година, кога секој дисидент во Македонија се прогласи за ‘предавник, шпион, терорист, соработник на окупаторот или дел од петтата колона‘. Никаде во предвидувањата на Љубчо Георгиевски не беше спорен современиот македонски идентитет, но имаше повик земјата да ја прифати историската вистина, а властите во Софија да ги препознаат реалностите денес во РСМ“, коментира БГНЕС.

Поврзани содржини