ЌЕ ВЛЕЗЕ ЛИ ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ СО КОЊ ВО СОБРАНИЕ? Јавноста заслужува да ги чуе сите непристојни предлози од Софија
Лани во декември Бугарија дала предлог за решавање на спорот, но два члена биле спорни за Македонија, оти од нас се барало да потпишеме дека македонскиот јазик произлегува од бугарскиот, а дека македонската нација произлегла од обидот за ослободување од Отоманската Империја. Но, доколку ваквиот непристоен бугарски предлог би се нашол пред пратениците во Собранието, македонската јавност уште лани, следејќи ја јавната дебата во парламентот, би добила појасна слика за правецот кон кој се движат преговорите со Софија.
Секое потенцијално решение што ќе го постигне Македонија во спорот со Бугарија треба да влезе во македонското Собрание и да пројде низ филтерот на пратениците. Ова неодамна го предложи вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, кој рече дека станува збор за важно прашање во интерес на нацијата, кое ги надминува интересите на една или на друга влада.
Со ваквиот предлог се согласува и опозицијата, која го повикува министерот за надворешни работи Бујар Османи да ги информира пратениците за сето тоа што се преговара со Софија, со цел, како што велат оттаму, да не се загрозат националните црвени линии.
Но, главните актери коишто се директно вклучени во процесот за изнаоѓање заедничко прифатливо решение кое би ја натерало Бугарија да го повлече ветото за членство на земјава во Европската Унија, молчат и упорно го игнорираат ваквиот предлог.
Молчи и министерот Османи, иако, на денешниот брифинг со новинарите, тој откри дека неговата бугарска колешка Екатерина Захариева лани во декември дала предлог за решавање на спорот, но дека два члена биле спорни за Македонија, бидејќи, како што истакна, се барало да се потпише дека македонскиот јазик произлегува од бугарскиот, а дека македонската нација произлегла од обидот за ослободување од Отоманската Империја.
Па така, доколку ваквиот непристоен бугарски предлог би се нашол пред пратениците во Собранието, како што предлагаат Димитров и ВМРО-ДПМНЕ, македонските граѓани уште лани, следејќи ја јавната дебата во парламентот, би добиле појасна слика за тоа кон кој правец се движат преговорите со Софија.
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, смета дека е добро министерот за надворешни работи Бујар Османи да ги информира пратениците за сè што се преговара со Бугарија во однос на решавање на билатералниот проблем.
– Нашиот пратеник Антонио Милошоски кој претседава со Комисијата за надворешни работи во рамките на Собранието веќе има упатено покана до министерот за надворешни работи и побара од господинот Османи да дојде и пред пратениците да објасни во каква насока ја води дипломатијата. И добро е да каже колку народни пари потроши спедијалниот преговарач Владо Бучковски патувајќи наваму-натаму изминатава година, затоа што очигледно е дека тие патувања претставуваат мини-екскурзии без никаков бенефит за граѓаните. Затоа и јас повторно апелирам до господинот Османи да ја прифати поканата на Антонио Милошоски и да дојде и пред пратениците да зборува за тоа во каков правец оди дипломатијата, до каде се преговорите, до каде е почетокот на преговорите и првата меѓувладина конференција. Затоа што тоа се прашања на коишто народот сè уште нема одговор. Нема да дозволиме за македонскиот идентитет да се преговара на аеродромски фоаеја и врз основа на тие разговори и преговори да зависи идентитетот. За нас е неприфатлив секој договор што ќе значи било какво начнување на македонскиот идентитет – рече Мицкоски.
И претседателот на Националниот совет за евроинтеграции, Александар Николоски, кој е пратеник од редовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, го дели истиот став дека недостига здрава дебата и здрав консензус меѓу политичките партии.
– Не постои посериозен притисок врз Бугарија. Постои декларативен притисок на зборови, тоа го гледаме сите, но сериозен политички притисок врз Бугарија не гледаме во изминативе години. Затоа можам да се согласам дека секое постигнато решение со нашиот источен сосед треба да дојде и да се усвои во македонското Собрание – рече Николоски.
Мислење побаравме и од партијата на Зијадин Села, Алијанса за Албанците, а оттаму велат дека потребни се дискусии и дебати во однос на барањето решение за проблемот со Бугарија.

– Ние како партија прифаќаме преговори и разговори на секое поле, со цел да се забрза евроинтеграцискиот процес и да ни се овозможи почеток на преговорите со Европската Унија. Треба да дискутираме и да дебатираме, бидејќи само така ќе го пронајдеме најдоброто решение за нас како држава. Потребен е внатрешен политички консензус и не смеат да се загрозат националните црвени линии – ни изјави Флакрон Беџети, портпарол на Алијанса за Албанците.
Од Левица, пак, не го коментираат предлогот на Димитров, но затоа, пак, нудат друг предлог – да се прекинат преговорите со Бугарија.
– Како најголеми поборници за рехабилитација на внатрешната и надворешната политика, остануваме на јасните ставови во врска со тековните преговори со Бугарија, за кои сметаме дека мора да бидат прекинати поради заштита на нашите државнички интереси од отворените шовинистички и негаторски политики на бугарската влада – велат од Левица.
Собранискиот спикер Талат Џафери изјави дека Собранието си го направило своето со усвојувањето на Резолуцијата за црвените линии во преговорите со Бугарија, но како што рече, нема да бега од тоа доколку пристигне формален предлог секое решение со Бугарија да помине во парламентот.
– Во нашиот систем, извршната власт е надлежна за надворешните односи и за надворешната политика, а Собранието веќе си го направи своето со Резолуцијата во која беа опфатени црвените линии во преговорите со источниот сосед. Но, стоиме на располагање доколку ни пристигне формален предлог секое постигнато решение со Бугарија да го разгледаат пратениците – истакна Џафери.