Ќе вивнат ли коледарски огнови?
Не се сомневам дека едно онакво парче хартија од некои дваесетина страници викано Протокол, како и нашево вкупно шизофрено постапување во однос на започнувањето на т.н. пристапни преговори – некои „стручњаци“ велат дека сме требале да славиме! – во иднина ќе биде предмет на многу домашни и странски магистерски и докторски дисертации, но тоа не е и не може да биде никаква сатисфакција.
Политиката, особено меѓународната, не е лажлива професија само заради фактот што македонските политичари се такви, ниту пак историјата е политикантска играчка со која што (ќе) си играат мрсулави дечиња кои пораснале во проклето неспособни „возрасни“ со некакви напамет научени „наративи“ што треба да нѐ убедат дека тие знаат што прават. Најмалку, пак, историјата е реверзибилен процес во којшто секој (ќе) си ги допишува своите вековни соништа а науката ќе ја потчини на диктат на дневната политика. Се разбира, ако државата ја претворите во куклена претстава во која што оние шеесет и осум „пратеници“ и дваесетина „министри“, кои со својата неспособност ја турнале земјата во хаос, едновремено сакаат да глумат дека се и нејзини спасители, тогаш сѐ е можно. И дозволено. А ние постојано, цели три децении, ја играме таа претстава, во (веќе) речиси 11.000 репризи, при што главните протагонисти се циклично реизбирани во носечки или споредни улоги.
Оттука, дали денешнава ситуација по објавувањето на фамозниот Протокол е некакво изненадување, и за кого? Проклето – не, се разбира, како што не се ниту демантите од „госпожата“ Генчовска во улога на министер за надоворешни работи во оставка, која речито си ја брани тезата дека (и) овој Протокол е составен дел од Преговарачката рамка. А како, пак, не би бил кога тоа, „црно на бело“, стои во два документи за нашето приклучување кон ЕУ: Предлог-заклучоците на Советот и Воведната изјава на ЕУ за преговорите за пристапување. Фактот што „нашиот“ министер за надворешни работи, уште еднаш, по којзнае кој пат, потврди дека е комплетен политички дилетант тврдејќи во едно свое „шоу“ дека „Многу е важно да направите разлика помеѓу тежината на документите.
Рамката е таа што има тежина и ги одредува суштината и принципите на преговарачкиот процес, заклучоците не се… Заклучоците имаат поинаква тежина“, не ни помага многу. Но не е само тој, се разбира, туку и сите оние кои едноставно одбиваат да видат што сѐ пишува во документите од т.н. „француски предлог“ и на што се обврзува земјава. Меѓу нив, секако, и најновиот Протокол кој не го видоа оние 68 „пратеници“, но кои сепак гласаа „за“ и за којшто ни веќе познатите приврзоци на власта, нормално, нема ни два збора да кажат!
Впрочем, тој „документ“ и не завредува на него да се трошат зборови, бидејќи дефинитивно е најпонижувачкиот лист хартија потпишан од некој македонски политичар. Секако, ние можеме сега да го впрегнеме дури и Макијавели со неговото „целта ги оправдува средствата“, но мислам дека ни тој не би се осмелил на нешто такво.
Зашто, самиот – под притисок или не, сеедно – целосно да си го негираш комплетниот образовен систем, најсветлиот период во поновата историја, да ги ревидираш спомениците што си ги градел во слава и чест на хероите, па дури да превземеш обврска и да осудиш и да се извинуваш за некакви наводни комунистички репресии врз Бугари…, е чин без преседан во современата европска историја. А згора на сѐ, кај нас егзалтирано се ракоплеска на секој странец што ќе спомне дека говориме македонски јазик, дека имаме наш идентитет и култура, небаре ние тоа не го знаевме!
Не се сомневам дека едно онакво парче хартија од некои дваесетина страници викано Протокол, како и нашево вкупно шизофрено постапување во однос на започнувањето на т.н. пристапни преговори – некои „стручњаци“ велат дека сме требале да славиме! – во иднина ќе биде предмет на многу домашни и странски магистерски и докторски дисертации, но тоа не е и не може да биде никаква сатисфакција. Ниту пак некаква сатисфакција ќе биде и започнувањето на тие проклети преговори под вакви услови. Факт е дека историјата многу ѝ должи на Македонија, во секој поглед, но таа не може да ги отплаќа и нашите свесни глупости. Зашто, ова е токму тоа: ние влегуваме во процеси – историски, образовни, културни, јазични… па и идентитетски, ако баш сакате – за коишто не знаеме како ќе се развиваат, ниту пак имаме некакви гаранции за „квалитетот“ на тој развој.
Најновата Декларација за јазикот од Софија е потврда за тоа. А впрочем, тоа се процеси што се тренираат само врз нас зашто ниту една друга земја-кандидат не поминала низ таква дресура. И, да биде иронијата поголема – повторно историјата и иронијата! – сето тоа ни се случува заради интервенциите на земја-членка на ЕУ, но едновремено и некогашен фашистички окупатор на Македонија во периодот 1941-1944 година. Има ли претстава некој во државава какви последици ќе предизвикаат сите оние „договорени“ обврски? Ќе правиме ли „коледарски“ профашистички огнови со 2/3 од македонската литаратура по 1945 година, и со речиси целата македонска кинематографија по 1952? Или македонскиве „стручњаци“ тоа не го разбираат? Зашто, како инаку ќе им удоволиме на хистеричните бугарски барања за ревизија на сѐ во македонската историја и култура? Два големи „коледарски“ огнови ќе мора да се организираат – едниот пред НУБ „Св. Климент Охридски“, вториот пред Кинотеката на Македонија! Ќе има ли доброволци со подготвени запалки? Не се сомневам. Ќе смеат ли во наставните планови да се спомнат тие книги и филмови, или тоа ќе биде „говор на омраза“? Никој не знае, како да нема еден нормален човек во оваа власт!
Од друга страна, како ќе ја реафирмираме „осудата и извинувањето за неправдите и репресиите извршувани во минатото, директно или индиректно, од страна на југословенските комунистички власти против граѓани врз основа на нивното етно-политичко самоопределување, вклучително и Бугарите“, како што бара Протоколот? Ќе инсценираме ли нови судења, сега на тогашните судии и/или нивните семејства за да им удоволиме на бугарските хистерии?
И, како што неодамна прашав, дали меѓу оние Бугари на кои ќе мора да им се извиниме спаѓаат, на пример, и полковникот Љубен Апостолов, капетанот Борис Жеглов, поручникот Борис Костов… осудени за ѕверското убиство на младинците во Ваташа; или можеби Димитар Чкатров, Стефанов и Хаџи Кимов, Асен Богданов, Ѓузелов… но и уште илјадници (про)бугарски воени и цивилни злосторници од времето на фашистичката окупација 1941-1944 година? Или, дали повеќе светлина во тие настани ќе внесат зборовите на еден од судените, Димитар Чкатров, кој пред судот изјавил: „Се чувствувам виновен зашто бев политички заблуден. Ја признавам својата морална и политичка одговорност пред македонскиот народ“.
Конечно, го видела ли овој Протокол т.н. Историска комисија односно нејзиниот македонски дел? Се согласува ли со него и знае ли воопшто на што се согласува? Можеби некому историјата и нејзините толкувања им се чинат како реверзибилен процес низ којшто ќе филтрирате сѐ што не ви се допаѓа во минатото. Ама тоа не е баш така. Толкувањето на историјата е една работа, но нејзиното „фризирање“ сосема друга. И што ќе правиме со странските книги/истории и нивното толкување на македонската историја, особено на онаа за периодот 1941-1944 година? И нив ли ќе ги палиме?
Извор: Теодосиевски уметност