ЌЕ УСПЕЕ ЛИ ПРОЕКТОТ ЗА ТРЕТМАН НА ОТПАДНИ ВОДИ ВО БИТОЛА? Нов парадокс пред битолчани

Иако јавната набавка е одамна завршена, договорот со изведувачот на канализацијата не е потпишан. Канализацијата во Битола е паралелен проект без кој се поставува прашањето за функционалноста на самата пречистителна станица која треба да започне да се гради.

151

Децении наназад Општина Битола се соочува со предизвици во реализација на идејата за решавање на проблемот со отпадните води. Сѐ уште сета отпадна вода од канализацијата се излева директно во реката Драгор, што претставува и евентуален ризик по здравјето за битолчани. Сепак, со помош на Европската Унија беше изготвен проект за изградба на колекторски систем, реконструкција на канализациската мрежа и изградба на пречистителна станица, кој по долги години стагнација започна да се движи.

Летово беше потпишан договорот со конзорциумот кој ќе ја гради пречистителната станица кај Оризари, но засега недостасува изградбата на канализацијата. Иако јавната набавка е одамна завршена, договорот со изведувачот на канализацијата не е потпишан. Канализацијата во Битола е паралелен проект без кој се поставува прашањето за функционалноста на самата пречистителна станица која треба да започне да се гради. Односно, се јавува дилемата како отпадната вода од Битола ќе пристигне до пречистителната станица? Во Студијата за проектот се наведува дека овие два проекта треба да се одвиваат напоредно со цел да се заокружи модерното решение за третман на отпадните води во Битола. Ова се потврдува и со тендерската спецификација за изградба на канализациската мрежа.






„Главната цел на овој проект е да се обезбеди подобрување на собирањето и третманот на отпадните води во агломерацијата во Битола. Проектот предвидува мерки за надградба на постојниот канализациски систем, што би придонело за: подобрени хигиенски стандарди за населението; помалку проблеми во одржувањето на канализацискиот систем; заштита на водотекот; правилно функционирање на идната пречистителна станица во Битолско… Овој дел предвидува изградба на главен колектор до новата пречистителна станица. Проектот за изградба на главниот колектор треба да обезбеди прифаќање на отпадните води од постојните главни колектори во еден главен колектор преку кој отпадните води ќе се транспортираат до локацијата на новопредвидената пречистителна станица“, се наведува во тендерската спецификација за битолската канализација.

Неодамна од Општина Битола соопштија дека за првпат се состанал Управувачкиот kомитет кој ја следи реализацијата на проектот за изградба на пречистителна станица за отпадни води и реконструкција на канализационата мрежа во Битола. Во соопштението, акцентот беше поставен на изградбата на пречистителната станица, а отсуствуваше делот за канализациската мрежа.

„На состанокот беа презентирани тековниот статус и напредокот на проектот, кој во моментот е во фаза на идеен проект за пречистителната станица, кој веќе е и доставен од страна на Изведувачот до Надзорот. Се разговараше за предизвиците кои стојат пред проектот во наредната фаза, како што се Основниот проект, организацијата на градилиштето, мобилизацијата, безбедносни прашања на градилиштето, како и квалитетот на работата“, соопштија од Општината.

Оттаму додадоа дека на состанокот присуствувале претставници од Министерството за животна средина и просторно планирање, општина Битола, Јавното претпријатие „Нискоградба“, Министерство за финансии и Делегацијата на ЕУ. Изградбата на станицата, но и на канализациската мрежа, се финансира со средства од ИПА програмите, од претпристапните фондови на Европската Унија. Но, доколку наскоро не биде потпишан договорот за изградба на канализацијата, постои можност парите да бидат повлечени назад во Брисел. Ваквиот непосакуван чекор го саботира и правилното функционирање на пречистителната станица, а секако и конечното решение за третманот на отпадните води во Битола.

Поврзани содржини