Ќе стане ли Националниот парк Маврово резерват на дивоградби?

Во општината Маврово и Ростуше се регистрирани вкупно 4.990 дивоградби, исто толку барања за легализација на објекти се поднесени. Одбиени се 2.990 барања за легализација на дивоизградените објекти.

952

Во Националниот парк Маврово кој се поклопува со територијата на општината Маврово и Ростуше досега се регистрирани 4.990 дивоградби. Бројката е на објекти чии сопственици побарале легализација во изминатите години. Меѓутоа, точната бројка на дивоизградени објекти не се знае. Познато е само дека 2.990 поднесени барања за легализација на дивоизградените објекти се одбиени. Прашање е колку од нив се одбиени поради тоа што се изградени во зоните во кои е забрането градење во рамки на Националниот парк.

Од Управата на Националниот парк велат дека во ситуациите кога е доставено барање за мислење за бесправен објект исклучиво одговараат во која зона на заштита се наоѓа објектот, а секое решение за одземање на корисничко право го обжалуваат. Сепак, велат од таму во дел од зоните на паркот е дозволена градба.






Од општината тврдат дека општинските служби се во постојана контрола за да не се дозволи ново бесправно градење на објекти на целата територија на општината.

Самир Ајдини в.д. директор на Националниот парк Маврово вели дека 95% од територијата на Националниот парк се поклопува со територија на Општина Маврово и Ростуше, па затоа целиот процес на третирање на бесправно изградените објекти согласно Закон го спроведува Општината Маврово и Ростуше.

– Во ситуација кога е доставено барање за мислење за бесправен објект ЈУ НП Маврово исклучиво одговара во која зона на заштита е објектот, а секое решение за одземање на корисничко право го обжалува – вели Ајдини.

Според него, управата на Националниот парк нема законски надлежности да се справува со узурпација на државното земјиште.

– Секое евидентирано нарушување на природните вредности преку записник за констатација на самото место и фотографии се пријавува до Општината, Инспекторатот за животна средина и полиција. НП Маврово согласно Законот за заштита на природата врши заштита и зачувување на природните вредности и биолошката разновидност и утврдува зони на заштита. Во зоната за одржливо користење дозволено е градба на објекти за домување и други инфраструктурни објект, но урбанистичкото и планско уредување го извршува Општината – вели Ајдини.

Според последните измени на Законот за прогласување на Маврово за Национален парк од 2015 година, паркот има три зони и заштитен појас: зона на строга заштита, зона за активно управување, зона на одржливо користење. Во третата зона е дозволена градба, но според детални планови на општината.

Општината Маврово и Ростуше има регистрирано вкупно 4.990 дивоградби што се совпаѓа со барањата за легализација на басправно изградени објекти.

– Досега се легализирани 2.000 бесправно изградени објекти, додека 2.990 барања за легализација се одбиени. Најгелем дел од легализираните објекти се домови за живеење, имајќи предвид дека во Општина Маврово и Ростуше има 42 населени места во кои повеќето се со население со постојано живеење – велат од општината.

Колку од одбиените 2.990 барања за легализација на дивоградбите се одбиени и дали тие се изградени во деловите на Националниот парк Маврово каде што не смее да се гради, од општината не кажуваат.

Министерството за животна средина и просторно планирање, пак, сѐ уште не одговори на нашите прашања поврзани со дивоградбите во овој и во другите национални паркови.

И Министерството за транспорт и врски кое ги носи законите за легализација на дивоизградени објекти нема точна бројка на дивоизградени објекти во овој и во другите два национални парка во земјава.

– Министерството за транспорт и врски не води регистар или инвентар на дивоизградени објекти од причина што таа обврска ја имаат локалните самоуправи. Бидејќи забелешките во Законот се однесуваат токму на оваа прашање, во овој момент во јавните дебати што ги имаме со релевантните институции, со граѓанските здруженија и со ЗЕЛС, се размислува за изземање на посочените објекти од правото за легализирање – одговорија од Министерството.

И Заедницата за локални самоуправи (ЗЕЛС) се прогласи за ненадлежна за бројот на дивоизградени објекти во општините и посебно во националните паркови и заштитените подрачја. Оттаму велат дека општините се тие кои го знаат точниот број на ваквите објекти бидејќи тие ги носат и деталните урбанистички планови.

Точна бројка на дивоизградени објекти во националните паркови и заштитените зони немаат ниту екологистите кои изминатите години повеќе се занимаваа со спречување на изградбата на мали хидроелектроцентрали на реките во Националниот парк. Сега тие бараат да бидат вклучени во подготовката на новиот текст на Законот за легализација на дивоградби кој беше донесен од собранието но претседателот Стево Пендаровски одби да го потпише указот и законот сега е на доработка.

– Имавме забелешка што во подготовка на текстот на законот не бевме вклучени како еколошки друштва сѐ со цел да придонесеме за зачувување на природата и реткостите. Сега има најава дека ќе бидеме повикани да работиме на текстот заедно со другите заинтересирани – вели екологистката Ана Трајчева.

Колку новиот текст на Законот за легализација на дивоградби најавен од страна на министерот за траспорот и врски Благој Бочварски ќе биде ригорозен за дивоградбите во националните паркови и заштитените зони во земјава ќе се види по две недели кога е најавено негово објавување.

Националниот парк Маврово е основан со закон на Народното собрание на НР Македонија од 1949 година, со кој шумските предели околу Мавровско поле се прогласени за Национален парк. Според овој закон, Националниот парк е формиран „поради особените природни убавини, историското и научното значење на шумите и шумските предели околу Мавровското поле”.

Во 1952 година со измени на законот се проширува територијата на националниот парк, а во 2014 повторно е потврдено прогласувањето на Маврово за национален парк.

Националниот парк Маврово зазема простор од 73.088 хектари и е најголем меѓу трите национални паркови во земјава. Во границите на паркот се опфатени планините Кораб, Дешат, југозападните ограноци на Шар Планина, поголем дел од Бистра и северните делови на Корчин. Средишниот дел на националниот парк го зафаќа долината и сливот на реката Радика. Во склопот на националниот парк е и Мавровското вештачко езеро.

Поврзани содржини