ЌЕ СЕ „ЖРТВУВААТ“ ЛИ АХМЕТИ И ГАШИ ЗА ТАРАВАРИ? Алијанса може да добие 3 ресори со што за првпат ќе имаме повеќе албански министри од македонски

Доколку падне договор, тоа би значело дека СДСМ, ДУИ и Алтернатива се согласиле да се откажат од по едно министерство и да ги отстапат на Алијанса за Албанците. Во таков случај не би бил нарушен етничкиот баланс во Владата, но за првпат во историјата на Македонија ќе се случи да имаме повеќе албански министри отколку македонски - 11 ќе бидат Албанци, а 10 Македонци.

2,428

Две министерства со коишто во моментов раководи кадар на ДУИ и на Алтернатива, како и едно министерство со коешто раководи СДСМ е цената што треба да ја „плати“ власта за да ја убеди опозициската Алијанса за Албанците да ѝ се приклучи на владината коалиција и со своите 8 пратеници да го зајакне парламентарното мнозинство кое во моментов брои 64 пратеници.

Како што неофицијално дознава Плусинфо, лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, наводно постигнал начелен договор со премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, но целата работа е ставена на стенд бај поради тоа што властите сега се принудени да прават нова распределба на владиниот колач, но треба и да ги молат своите коалициски партнери од албанскиот блок да се откажат од парчето торта што досега им следуваше.






Па така, дури и да сака, власта не може на својот нов потенцијален коалициски партнер Алијанса за Албанците да му вети повеќе од три министерства – и тоа две мора да бидат министерства со коишто сега раководи кадар на ДУИ и на Алтернатива – оти, во спротивно, ќе се наруши етничкиот баланс во Владата кој сега речиси е 50:50, односно од вкупно 21 член на владиниот кабинет, 10 се Албанци, а 11 се Македонци.

Ако се создава поширока владина коалиција, тогаш мислам дека балансот Македонци-Албанци нема да биде многу важен податок. Дури и да бидат побројни албанските министри од македонските, не верувам дека тоа нешто ќе смени во поглед на јавното мислење и перцепција

Петар Арсовски Политички аналитичар

Доколку падне договор, тоа би значело дека СДСМ, ДУИ и Алтернатива се согласиле да се откажат од по едно министерство и да ги отстапат на Алијанса за Албанците. Во таков случај не би бил нарушен етничкиот баланс во Владата, но за првпат во историјата на Македонија ќе се случи да имаме повеќе албански министри отколку македонски – 11 ќе бидат Албанци, а 10 Македонци.

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски за Плусинфо вели дека одземањето и доделувањето министерски места е тежок процес кој може прилично долго да трае.

– Теоретски е возможно власта да ѝ отстапи три министерски позиции на Алијанса за Албанците, меѓутоа премиерот тврди дека воопшто не се зборува за такво нешто. Мислам дека треба сепак да почекаме, да видиме некаков официјален договор, па потоа да коментираме. Оти, одземањето министерски места не е само договор помеѓу Ковачевски и Таравари, туку мора да се прашаат и другите коалициски партнери, а во овој случај тоа се ДУИ и Алтернатива кои досега имаа еден прилично тврд став околу тоа прашање. А ако се создава поширока владина коалиција, тогаш мислам дека балансот Македонци-Албанци нема да биде многу важен податок. Дури и да бидат побројни албанските министри од македонските, не верувам дека тоа нешто ќе смени во поглед на јавното мислење и перцепција – објаснува Арсовски.

Од Алијанса за Албанците за Плусинфо велат дека официјална понуда од власта сѐ уште не е пристигната, а информацијата за колачот со три министерства го оценуваат како шпекулација.

– Не е променет нашиот став и засега нема ништо ново. Нашиот претседател уште во понеделникот изјави дека воопшто не разговарал со премиерот за евентуално приклучување на Алијанса за Албанците во власта. Јас вчера повторно се консултирав, но тој ми го повтори истиот став. Покана или понуда немаме добиено, а со тоа и преговорите не се започнати. Точно е дека во јавноста кружи информација дека наводно власта ќе ни понуди три министерски позции, меѓутоа ние не сме добиле ниту официјална, ниту неофицијална понуда – ни изјави Арбен Зеќири од Алијанса за Албанците.

Дека не е баш сѐ најобична шпекулација и дека сепак се крчка некаков договор помеѓу власта и Алијанса за Албанците потврди и лидерот на Демократски сојуз, Павле Трајанов, кој веднаш по завршувањето на лидерската средба одржана во понеделникот изјави дека една политичка партија со 8 пратеници во секој момент чека да му се приклучи на владиното мнозинство.

– И без мене и со мене, мнозинството топ не го разбива. Имаме уште една партија со 8 пратеници што чека да се вклучи во Владата, така што опстојувањето на Владата не зависи од мене или само од бројките – изјави Трајанов.

Од друга страна, пак, премиерот Ковачевски денеска целосно ги отфрли информациите за евентуална реконструкција на Владата, а како што истакна, информацијата за евентуална смена на министерот за здравство Беким Сали од Алтернатива со кадар на Алијанса за Албанците е шпекулација.

– Владата во моментов функционира со мнозинство од 64 пратеници и тоа беше потврдено на изборот на новиот министер за локална самоуправа. Сѐ што се пишува за реконструкција на Владата е во доменот на шпекулациите во овој момент – изјави Ковачевски.

Тој одговараше на новинарско прашање поврзано за медиумските написи за реконструкција на Владата до Нова година и за смена на министерот за здравство Беким Сали со кадар на Алијанса за Албанците.

– Јас не сум ги видел утрово написите за коишто зборувате. Не сум имал разговори како премиер, бидејќи премиерот предлага министри во Владата во однос на реконструкција на Владата така што сѐ тоа што се пишува е во рамките на шпекулации во овој момент – рече Ковачевски.

Поврзани содржини