ЌЕ СЕ ЗАТВОРААТ НОЌНИ КЛУБОВИ Инспекторите тресеа 12 објекти, 3 од нив ќе останат без лиценца
Портпаролката на Владата, Марија Митева, информираше дека до Министерството за економија веднаш ќе биде испратено барање за одземање на лиценцата за трите објекти, забрана за вршење дејност и дека ќе бидат преземени сите казнени одредби кои се возможни согласно закон.
На 3 објекти со важечка лиценца за кабаре, ноќен клуб или за дискотека ќе им биде забрането да работат и ќе ја загубат лиценцата бидејќи не исполнуваат минимум технички услови за вршење дејност.
Од 22 вакви објекта, за кои вчера беше соопштено дека имаат активни лиценци, инспекцијата кај 12 ги проверувала техничките услови, при што е утврдено дека овие 3 објекти не ги исполнуваат. Продолжува теренската контрола на Пазарниот инспекторат за техничката контрола и на останатите десетина објекти кои поседуваат лиценца.
Новите сознанија од терен денеска на прес-конференција ги соопшти владината портпаролка, Марија Митева.
Таа информираше дека веднаш до Министерството за економија ќе биде испратено барање за одземање на лиценцата за трите објекти, забрана за вршење дејност и, како што рече, „ќе бидат преземени сите казнени одредби кои се возможни согласно закон“.
– Последните инспекции потврдија сериозни регулаторни прекршувања. Доказите се јасни. Од вчера направената контрола на 12 објекти со активна, важечка лиценца, до овој момент е утврдено дека 3 од нив не исполнуваат минимум технички услови, а сепак имаат активна лиценца за вршење дејност. За останатите 9, сѐ уште во тек проверката на документацијата и во текот на денот дополнително ќе информираме – рече Митева.
Посочи дека теренските проверки продолжуваат денеска и утре и ги вршат над 10 тима.
– Ќе се проверат сите, до детаљ. Направен е план и за проверка на оние кои немаат важечка лиценца, а работеле во минатото. Она што се случи во Кочани не е само изолирана трагедија, туку е симптом на расипан систем наследен од долгогодишна корупција. Ниту ќе замижуваме, ниту ќе заштитуваме. Ја разбираме фрустрацијата, луѓето бараат правда и ќе ја добијат – истакна Митева.
На прашање кои се трите објекти кои не работеле прописно, а имале лиценци, одговори дека би сакала да ги каже градовите, а и објектите, но дека во овој момент тоа се информациите со кои располага.
Во врска со информации дека сопственици на вакви објекти интервенираат и отстрануваат инвентари за да се скријат траги дека работеле, портпаролката одговори дека „кружат такви информации и шпекулации“ и оти сите ќе бидат проверени.
– Сите, буквално до еден, ќе бидат проверени согласно законите за најмалку услови што мора да ги исполнат за да работат. Секој ден ќе има информации за текот на контролата – додаде Митева.
На прашање дали во дискотеката „Пулс“ во Кочани, која од 2023 имала лиценца за работа, биле проверувани техничките услови, што е дел од годишните планови на Пазарниот инспекторат, таа рече дека токму тоа е дел од истрагата и не може да изнесува детали.
– За тоа како е постапувано години наназад, согласно планот за работа, би сакала да споделам податоци, но токму плановите за работа се дел од истрагата и не можам ништо дополнително да кажам за да не ја нарушам – одговори Митева.
Во однос на екипираноста на Државниот пазарен инспекторат и дали има доволно кадар за над 10 теренски тимови, портпаролката рече дека во тимовите за контроли учествуваат и експерти од други надлежни институции, вклучувајќи ги и МВР, искусни градежни работници, од Трудовиот инспекторат, УЈП и Финансиската полиција, како што рече, „сите што може да придонесат во утврдување на условите“.
На прашањето дали ќе се проверуваат работата и условите и за други угостителски објекти, освен за кабареа, ноќни и диско клубови, Митева одговори дека се актуелни тие со лиценци бидејќи „од таму и започна целата ситуација“.
-Но, ревносни сме во постапките дека се ќе се провери, додаде портпаролката на Владата.
На прес-конференција вчера таа информираше дека во околу 50 контроли што Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) ги извршил на 16 и 17 март на територијата на државата во угостителски објекти со лиценца за кабаре, ноќен клуб, диско клуб и за диско клуб на отворен простор, утврдено е дека 22 имале лиценци, на 15 им била истечена, а за неколку немало податоци дека воопшто поседувале лиценца.