ЌЕ СЕ ТЕСТИРА ГАСОВОДОТ СКОПЈЕ-ГОСТИВАР До 22 јуни ќе биде забрането приближување на 100 метри од цевката
До 22 јуни ќе се врши пневматско испитување на цврстината и непропусноста на гасоводот Скопје – Гостивар, поради што ќе биде регулирано движењето во близина на оваа гасоводна делница.
– Заради безбедноста на граѓаните, најавено е регулирано ограничено движење во близина на гасоводната делница Скопје – Гостивар, во сигурносен појас од 100 метри од двете страни на цевката – информираат утрово од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Движењето е ограничено во три последователни временски интервали од 30 мај до 22 јуни 2024 година и тоа:
– на делницата од црквата „Св. Мина“ во Сопиште (км 17+401) до Полициска станица Глумово (км 28+400), од 30 мај до 12 јуни;
– на делницата од Полициска станица Глумово (км 28+400) до селото Паничари, општина Сарај, (км 37+400), од 7 јуни до 16 јуни и
– на делницата од селото Паничари, општина Сарај (км 37+400) до пред село Ларце, општина Желино (км 47+829), од 12 до 22 јуни годинава.
Во известувањето до ЦУК, фирмата „Рапид Билд“ известува дека во согласност со законските регулативи и одобрената процедура за работа од инвеститорот и надзорот на проектот за изградба на магистрален гасовод Скопје – Гостивар, за време на изведување на испитувањето на цврстина и непропустност, пристапот на неовластени лица во сигурносен појас од 100 метри од двете страни на цевката е ограничен.
Од страна на ЦУК дополнително се информирани МВР, ДЗС, ЈП Национални Шуми, ЈП за стопанисување со пасишта, Град Скопје и општините Сопиште, Карпош, Сарај, Желино, Тетово, Брвеница и Гостивар.