ЌЕ СЕ ШКОЛУВААТ МЕДИЦИНСКИ СЕСТРИ ВО КАВАДАРЦИ Почнува уписот на 34 ученици во новата паралелка
Склучивме меморандум за соработка со болницата во Кавадарци и со две приватни здравствени установи, за нашите ученици од медицинска струка таму да изведуваат практична настава, вели помошник директорот во училиштето „Ѓорче Петров“, Горан Зимоски.
Првпат се воведува наставен профил за медицинска сестра во Тиквешијата, има интерес за школување во Кавадарци, потврдија денеска од средното училиште „Ѓорче Петров“ во Кавадарци. Училиштето постои 69 години и во новата учебна година ќе се стартува со новата воспитно-образовна струка.
Помошник директорот во училиштето Горан Зимоски вели дека за неколку дена почнува уписот на 34 ученици во новата паралелка, веќе верификувана од Министерството за образование и наука.
– Нашето училиште е расадник на таленти со години наназад. Низ годините овде се имаат школувано кадри главно од земјоделската и шумарската струка. Одовде имаат произлезено бројни стручни лица, самовработени или вработени во компании, каде даваат свој придонес во заедницата. Мотото на училиштето е „Денеска ученик, утре стручњак“ – изјави Зимоски за МИА.
Тој потсети дека од пред некоја година во училиштето беше воведена и фармацевтска струка, што исто така привлекува интерес кај младите лица од Кавадарци и регионот, но и пошироко, бидејќи градот има и средношколски интернат. Притоа, додаде, во училиштето веќе некое време има и гимназиско образование, спортска академија.
– Во врска со новиот профил за медицинска сестра, веќе склучивме и меморандум за соработка со Општа болница со проширена дејност Кавадарци и со две приватни здравствени установи, за нашите ученици од медицинска струка таму да изведуваат практична настава. Нудиме квалитетна и креативна настава – подвлече Зимоски.
Во просек во средното училиште во Кавадарци годишно се запишуваат околу 130 ученици. Вкупниот број на ученици од прва до четврта година годишно изнесува околу 370 ученици.