ЌЕ СЕ ПРАВИ РЕГИСТАР НА ЗАГАДУВАЧИ Поднесени се казни во износ од 450.000 за загадување

Регистарот на загадувачи ќе биде тема на состанок со индустриските оператори во април. Тој ќе содржи податоци за емисии на загадувачи, пренос на отпад, потрошувачка на енергија, вода и суровини и ќе овозможи споредливи и сигурни информации.

39

Министерството за животна средина и просторно планирање денеска најави пакет засилени мерки со кои ќе се зајакне контролата врз индустриското загадување и ќе се подобри управувањето со природните ресурси. Централно место во најавите доби воспоставувањето на регистарот на загадувачи, нов систем кој ќе собира сигурни и споредливи податоци за емисиите, потрошувачката на енергија, вода и суровини, како и за преносот на отпад – инструмент што, според Министерството, ќе биде клучен за транспарентност и за зголемена одговорност на сите носители на А‑интегрирани еколошки дозволи.

Како што информира министерот за животна средина и просторно планирање, Мухамед Хоџа, новиот закон за индустриски емисии ќе стапи во сила во септември 2027 година. Во периодот што следува Министерството ќе организира средба со сите оператори што поседуваат А-интегрирана дозвола, со цел навремено информирање и подготовка за новите обврски. Тој најави и јавна расправа за новата дозвола на „ТИТАН Усје“, како и засилување на контролните механизми.






– Државната лабораторија се екипира. Надмината е пречката за нови вработувања, ангажиран е човек, се очекува уште еден да биде ангажиран – рече министерот.

Регистарот на загадувачи ќе биде тема на состанок со индустриските оператори во април. Тој ќе содржи податоци за емисии на загадувачи, пренос на отпад, потрошувачка на енергија, вода и суровини и ќе овозможи споредливи и сигурни информации. Регистарот ќе опфаќа мерења што ќе ги проследуваат самите индустрии.

Хоџа посочи дека институциите работат и на мерките за намалување на загадувањето од греењето. Во 21 јавен објект веќе е сменет системот за греење како дел од поширок процес, кој треба да опфати 70-ина објекти. Активна и мерката за субвенционирање инвертер-клими, со која 4.700 домаќинства ќе добијат уреди со повисока енергетска ефикасност.

Министерот најави расправа за Белчишко Блато за заштитено подрачје и јавна расправа на закон за природа, кој ќе биде објавен на ЕНЕР. Во владина процедура набргу ќе влезат законите за Студенчишко Блато и за Охридското Езеро.

Регионалните центри за отпад работат според предвидената динамика, паралелно се спремаат тендери за нови регионални центри.

– Првин ќе почнеме со Новаци и со Русино, во тек е постапката за Свети Николе – рече министерот.

Во врска со колекторскиот систем за Скопје, чија претходна ИПА 2-постапка беше раскината поради неквалитетна изведба, сега продолжува со национално финансирање. Во тек е тендерската постапка за довршување на преостанатите 900 метри, а пречистителната станица е во изградба и треба да биде завршена до 2029 година.

– По пуштањето во употреба, цената за водата може благо да се зголеми бидејќи трошокот за третман на отпадни води ќе се пресметува преку фактурите од „Водовод“, во надлежност на локалната власт – информираа на брифингот.

За малата депонија во ОХИС е формиран интер-партнерски фонд за чистење. До сега се исчистени три од пет базени, а процените се дека има до 1.000 тони отпад со хексахлороциклохексан (HCH) и дополнително загадена почва.

– Договорот за дополнителни средства е веќе потпишан, а тендерската документација е во изработка. Владата има заклучок да обезбеди средства за наредните три години – посочија тие.

Националниот парк Маврово, по повеќе од 40 години, се подготвува да биде репрогласен за национален парк. Постапката е пред јавна расправа, студијата е готова, а дополнително се анализира сегментот на строга заштита.

Директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ивана Гиновска, на брифингот информира дека биле спроведени 366 надзори, издадени 108 решенија и иницирани казни од над 450.000 евра.

Во март е направен и вонреден надзор во „Усје“, каде е мерено присуство тешки метали. Резултатите се очекуваат во наредните денови.

Поврзани содржини