Ќе се одигра ли „блоковска“ битка за локалните избори – Заев, Ахмети и Касами од една, а Мицкоски, Села и Гаши од друга страна?
Ако СДСМ и ДУИ и на претстојните локални избори ја задржат коалицијата, можно е за противкандидати во некои градови да имаат заеднички кандидат од ВМРО-ДПМНЕ, Алијансата и Алтернатива.
Нема да биде изненадување ако на локалните избори догодина партиите првпат настапат во два блока и тоа од една страна актуелните коалициски партнери СДСМ, ДУИ и Беса и од друга страна ВМРО-ДПМНЕ, Алијансата за Албанците и Алтернатива, брифираат извори од партиите. Во таков случај договори за предизборни колаиции би биле парцијални, за одредени градови.
Иако од партиите велат дека е рано да се зборува за позиционирањето за локалните избори, сепак не кријат дека веќе се разработуваат стратегии за изборен настап кој ќе им обезбеди сигурна победа на изборите за градоначалници.
Ако СДСМ и ДУИ и на претстојните локални избори ја задржат коалицијата, можно е за противкандидати во некои градови да имаат заеднички кандидат од ВМРО-ДПМНЕ, Алијансата и Алтернатива.
– Тоа е една од можните опции што би се разгледувала во соодветно време – вели функционер од ВМРО-ДПМНЕ.
И од Алијансата потврдуваат дека е можна соработка со ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори во одредени општини. Сепак, од Алијансата го издвојуваат Кичево за каде се калкулира и со единствен настап на албанскиот политички блок со натпартиски кандидат.
Тоа би значело дека за Скопје, Чаир, Куманово, Гостивар, Тетово, Кичево, Струга… наместо во трка да влезат 7 до 8 кандидати за градоначалници, битката да ја водат само по двајца кандидати.
Доколку дојде до предизборни коалиции помеѓу македонските и партиите на Албанците за овие градови тоа ќе значи дека првпат за локалните избори ќе има блоковска битка.
СДСМ и ДУИ веќе имаат пракса на поддршка во овие градови кога станува збор за локалните избори, дали тоа ќе биде клучно и опозицискиот македонско-албански блок да настапи заеднички, ќе се види допрва. Но, нема да биде изненадување, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ и Алијансата веќe соработуваат, а таа соработка се официализира на конференцијата во организација на Конрад Аденауер.
Друга, помалку веројатна опција е за градовите каде речиси еднакви шанси за победа има и македонски и кандидат Албанец, како што се Кичево и Струга, партиите да настапат во етнички блокови, односно со заеднички кандидат да одат од една страна СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и од друга албанскиот политички блок.
Но клучно за ваков изборен настап е ако партиите се договорат за натпартиски кандидат, што е помалку веројатно.
Секогаш на маса е и моделот секоја од партиите самостојно да влезе во трката за избор на градоначалници.
Локалните избори ќе се оддржат во октомври догодина.