ЌЕ СЕ ОБВИНУВААТ ИЛИ ЗАЕДНИЧКИ ЌЕ БАРААТ РЕШЕНИЕ? Левица и СДСМ предложија, ВМРО-ДПМНЕ се согласи за надзорна расправа во Собранието за аерозагадувањето
Ја прифаќаме заедничката иницијатива на Левица и на СДСМ за надзорна расправа за квалитетот на воздухот. Спремни сме да дискутираме за сè што е направено и за сè што не е направено во изминативе години, рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Тони Јаревски.
Опозициските партии Левица и СДСМ предложија, а владејачката ВМРО-ДПМНЕ ја прифати иницијативата да се одржи надзорна расправа во Собранието за проблемот со загадениот воздух во македонските градовии села и за мерките и активностите што би се спровеле за подобрување на состојбата.
– Ја прифаќаме заедничката иницијатива на Левица и на СДСМ за надзорна расправа за квалитетот на воздухот. И двете партии се во коалиција, исто така, и со градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, едната во формална, едната во неформална коалиција и си имаат поделено повеќе директорски места. Сметаме дека се направени услови и спремни сме да дискутираме за сè што е направено и за сè што не е направено во изминативе години на полето на амбиентниот воздух – рече денеска на прес-конференција пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Тони Јаревски.
Тој нагласи дека ќе овозможат дискусија на која ќе дискутираат и за сите конкретни планови што Владата ги презема на полето на животната средина.
– Би сакал и како претседавач на Интерпартиската група за заштита на животната средина да укажам дека неодамна ја формиравме истата, каде што и предметните партии имаат свои претставници, и секако, имавме во план да развиеме дискусија на овие теми. Но, во ред. Се одлучија да тераат политика на ова поле, ќе ја овозможиме дискусијата и ќе имаме можност не само да подискутираме за сè што е направено и за сè што е ненаправено, туку ќе подискутираме и за сите акциски планови и конкретни мерки што ги преземаат Владата и институциите на полето на подобрување на животната средина – рече Јаревски.
Пратениците Оливер Спасовски од СДСМ и Борислав Крмов од Левица денеска ја најавија иницијативата за свикување на надзорна расправа во Собранието.
Спасовски рече дека иницијативата произлегува од поразителните резултати за квалитетот на воздухот. Намерата е во рамките на Парламентот преку деловнички и законски инструменти да се разговара за прашањето за животната средина, што ги засега сите граѓани без исклучок и би требало да ги обедини сите пратеници во Собранието.
– Зачувувањето на животната средина како темелна вредност гарантирана со Уставот, која е дел од корпусот економски, социјални и културни права, нè тангира секој од нас поединечено и сите нас заедно. Одговорноста, пред сè, на пратениците е заеднички да разговараат и да изнајдуваат решенија и да се преземат конкретни мерки за зачувување на животната средин – рече тој.
Спасовски посочи дека предложената надзорна расправа би требало да одговори на многу прашања и да овозможи на експертско ниво да се разговара за проблематиката, со сите субјекти инволвирани во сферата.
– Ќе можеме да ги чуеме мислењата на институциите, да ги посочиме проблемите, но најважно од сè , да се отвори дебата и преку неа да се побара од власта да преземе конкретни мерки, со цел граѓаните да добијат здрава средина и чист воздух – рече Спасовски.
Тој нагласи дека статитичките податоци за влијанието на загадениот воздух врз здравјето на граѓаните се поразителни и тие мора да ги замислат сите субјекти, особено секој одговорен политичар.
– Конечно мора да се издигнеме на повисоко ниво и за одредени прашања мора да се обединуваме и заеднички да бараме одговори. Темата на животната средина не познава политиканство. Чистиот воздух не може да биде привилегија, туку основа гарантирана со Уставот – рече Спасовски.
Пратеникот на Левица, Борислав Крмов рече дека иницијтивата е позитивен преседан, односно, за прв пат со потпиис од 15 пратеници се бара да се свика надзорна расправа.
– Правото на чист воздух е една од темелните вредности и согласно Уставот и на општеството во целина. Сите гледаме дека тоа не е така. Посебно градот Скопје, но и другите градови оваа зима ги уриваат рекордите според загадувањето. Тука се и Битола, Струмица, Тетово, Охрид, Кавадарци, Кичево, огромен дел од територијата на земјата е со загаден воздух, посебно урбаните центри – рече Крмов.
Тој рече дека според статистиката, во периодот од 2018 до 2020, за две години речиси 4.000 луѓе умреле како последица од загадувањето, што е 18 проценти од вкупната смртност кај населението.
Пратеникот Крмов посочи дека иницијативата за свикување надзорна расправа е со цел да се види како се спроведуваат политиките за заштита на воздухот, како се спроведуваат законите и кои се мерките што се преземаат од страна на надлежните органи.
– Со членот 43 од Уставот е заштитено правото на здрава животна средина и на чист воздух. Имаме редица закони на темата, ратификувани се многу меѓународни резолуции, декларации во таа насока… Попусто се сите позитивни законски норми доколку истите не се применуваат – рече Крмов.