ЌЕ СЕ НАБАВАТ 120 ЕКО АВТОБУСИ Градскиот воз во Скопје се очекува да тргне напролет
Николоски рече дека новиот градоначалник ќе има силен партнер во него, во премиерот Христијан Мицкоски, во Владата и во Министерството за транспорт.
Напролет треба да биде ставена во функција првата линија од градскиот воз што ќе сообраќа од Зелениково до Железничката станица во Скопје, соопшти денеска потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.
– Во однос на првата делница, избран е изведувач и потпишан е договор за делницата од Зелениково, преку Драчево, помеѓу населбите Кисела Вода и Аеродром и завршува на новата железничка станица. Деновиве тој изведувач ќе биде воведен во работа и очекувам првата линија напролет да е функционална. Следната година во рамки на финансиските можности ќе продолжиме со избор на изведувач за другите две линии и на тој начин да го заокружиме прстенот и да имаме функционален воз кој што ќе се надоврзува на автобусите на ЈСП и на тој начин да имаме евтин превоз, да имаме точен и брз превоз и секако да се растовари гужвата – истакна Николоски.
Тој додаде дека новиот градоначалник ќе има силен партнер во него, во премиерот Христијан Мицкоски, во Владата и во Министерството за транспорт.
Николоски најави дека после изборите повторно ќе се распише тендерот за 120 еколошки автобуси.
– Веднаш по завршување на изборите, откако ќе завршат овие законски ограничувања ќе ја продолжиме оваа постапка. Набавуваме 120 автобуси, 80 за Град Скопје и 40 за другите општини. ЈСП треба да има целосна промена на флотата, сега има 250 автобуси и сите тие треба да бидат променети во годините пред нас и тука градот ќе има огромна поддршка -додаде Николоски.