Ќе се издава еврообврзница од 800 милиони евра
Парите ќе служат за буџетска поддршка во 2020 и 2021 година и за рефинансирање на обврските кои достасуваат по основ на отплата на државниот долг.
Владата вчера донесе Одлука за максимален износ на ново задолжување преку издавање на државни хартии од вредност на меѓународниот пазар на капитал – еврообврзница. Износот на евроообврзницата ќе биде 800 милиони евра.
Како што е соопштено, одлуката е донесена на предлог на Министерството за финансии. Со издавањето на еврообврзницата треба да се поддржи ликвидноста на државата во време на пандемија, намалената економска активност, преземените мерки за заштита на економијата и работните места на граѓаните, како и зголемените трошоци во секторот здравство.
Предложениот максимален износ на новото задолжување преку издавање на државни хартии од вредност на меѓународниот пазар на капитал – еврообврзница во износ до 800 милиони евра ќе обезбеди финансиски средства за буџетска поддршка во 2020 и 2021 година и за рефинансирање на обврските кои достасуваат по основ на отплата на државниот долг.
Владата го задолжи Министерството за надворешни работи преку Амбасадата во Лондон, Велика Британија да ја преземе функцијата на агент за процесни услуги во име на земјата претставувана од Министерството за финансии.