Ќе се исправат сите неправилности во учебниците кои ги навредуваат Албанците, договорија Царовска и Груби

Учебниците се повлекуваат од употреба доколку содржат материјали што ги навредуваат историјата, културата и вредностите на сите граѓани на Република Северна Македонија - се вели во соопштението.  

605

Неправилностите и неправдите во сите учебници ќе бидат прегледани и исправени почнувајќи од учебникот по географија за втора година средно образование. Ова денеска на средба го договориле минисерката за образование Мила Царовска со првиот вицепремиер Артан Груби и пратеникот од ДУИ Арбр Адеми откако пред неколку дена група Албанци пред Министерството за образование запалија неколку страници од учебникот по географија, а раекции имаше и кај албанската јавност.

Од кабинетот на Груби соопштија дека во случајот со овој учебник, но и со другите, ќе се примени членот 26 став 2 од Законот за учебниците.






– Овој дел од законот наведува дека учебниците се повлекуваат од употреба доколку содржат материјали што ги навредуваат историјата, културата и вредностите на сите граѓани на Република Северна Македонија – се вели во соопштението.

Според одлуката, во периодот што следува ќе бидат разгледани сите учебници за да се стави крај на недоследностите во учебниците.

Медиумите на албански јазик веќе една недела објавуваат информации за, како што наведуваат, скандалозниот учебник по географија. Албанската јавност се скандализира од содржината на учебникот во делот каде пишува дека  „меѓу денешните македонски Албанци има и родови што себеси се сметаат за староседелци. Главно тоа е македонско население, кое во текот на турското владеење го примило исламот и постепено се албанизирало. Меѓу нив, понекаде има и понекој род што потекнува од некогашните Турци, Роми или Черкези“.

Тие имаат забелешки и во делот каде пишува дека Албанците во Македонија се доселиле во различни периоди, почнувајќи од 1780 година. Спорно е тоа што во учебникот пишува дека  „населувањето на албанското население во Македонија не се одвивало спонтано, туку во најголема мера насилно, плански, со помош на турската власт или на локалните аги и бегови“.

Поврзани содржини