ЌЕ СЕ ГРАДИ ЕДНА ЗГРАДА И ДВА ПАРКА Општина Аеродром го усвои урбанистичкиот план за Лисиче

Финалната верзија на урбанистички план е изработена да го унапреди урбаното живеење и да го подобри квалитетот на живот во Аеродром и во истата се инкорпорирани забелешките и мислењата на сите засегнати страни, велат од Општината.

588

Советот на Општина Аеродром, на вчерашната седница го усвои деталниот урбанистички план за дел од населбата Лисиче кој предвидува изградба само на една зграда, два парка и решава важни урбанистички и комунални прашања на граѓаните кои живеат во овој дел од општината. Финалната верзија на урбанистички план е изработена да го унапреди урбаното живеење и да го подобри квалитетот на живот во Аеродром и во истата се инкорпорирани забелешките и мислењата на сите засегнати страни.

„Со донесувањето на урбанистичкиот план, Општина Аеродром уште еднаш покажа отвореност, транспарентност и грижа за проблемите на граѓаните и истиот отвора можност за понатамошен економски развој на општината. Изработката на деталниот урбанистички се реализираше транспарентно и во неколку фази, со вклученост на граѓаните и експертската јавност. Дополнително, ДУП-от за дел од населбата Лисиче доби позитивно мислење од сите надлежни институции, вклучително Министерството за транспорт и врски, Министерство за животна средина, Градот Скопје и сите надлежни институции“, велат од општината.






Оттаму потенцираат дека станува збор за Детален урбанистички план кој решава важни, децениски прашања на граѓаните и отвора простор за развој и ново зеленило во општината. Од тука, целосно неточни се тврдењата за наводна бетонизација на општината и тие единствено одат во прилог на дневно политичките интереси на одредени политички структури, чија деструктивност, неодговорност и несериозност веќе е потврдена во неколку наврати.

Советниците од СДСМ во Општина Аеродром велат дека градоначалникот Тимчо Муцунски во Аеродром, по три години управување со Општината, ќе остане запаметен по нереализирање на ниту еден проект и само по усвојување на ДУП-от со кој отпочнува бетонизацијата на Лисиче.

„Спорниот ДУП за градска четврт ЈИ 09.01 за населба Лисиче вчера беше „шверцерски” доставен до Советот на Општина Аеродром, како дополнителна точка непосредно пред почетокот на седницата. Мнозинството на ВМРО-ДПМНЕ во Совет и градоначалникот Тимчо Муцунски одлучија да ја одмолчат дискусијата и не дадоа ниту еден одговор на прашањата поставени од опозициските советници на СДСМ“, велат советниците.

Инаку за денеска е најавен протест во 18:30 пред Општина Аеродром од група граѓани за да го искажат незадоволство за шверцски изгласаниот ДУП за градска четврт ЈИ09 09.01 за нас. Лисиче.

Поврзани содржини