ЌЕ СЕ ГРАДАТ СПОРТСКА САЛА И ТЕРЕНИ ЗАД ФФМ Аеродром ќе добие нов спортски дом, вреден 1 милион евра
Министерот за спорт Ристовски, кој заедно со градоначалникот Митески и со претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ ја посетија локацијата каде што ќе се гради салата, рече дека денеска е распишан јавниот повик за изградба на спортската сала во Аеродром.
Аеродром ќе добие нова спортска сала, зад објектот на Фудбалската федерација на Македонија со неколку спортски терени за различни спортови, најави денеска кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник и актуелен градоначалник на Аеродром, Дејан Митески.
„Спортот добива нов дом во Аеродром. Со министерот за спорт Борко Ристовски најавуваме изградба на нова спортска сала во Аеродром, во вредност од повеќе од 1 милион евра и со поддршка од Министерството за спорт и Владата. Лоцирана зад ФФМ, ќе содржи неколку спортски терени и ќе биде вистински поттик за младите генерации да се занимаваат со спорт. Само така градиме здрави и успешни генерации“, објави Митески на Фејсбук.
Министерот за спорт Ристовски, кој заедно со градоначалникот Митески и со претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ ја посетија локацијата каде што ќе се гради салата, рече дека денеска е распишан јавниот повик за изградба на спортската сала во Аеродром.
– Во краток период ќе биде избран економскиот изведувач и ќе започнеме со изградбата на овој значаен спортски објект. Ова е уште еден од проектите со кои го обновуваме спортскиот дух во Македонија и ја градиме современата спортска инфраструктура во сите општини, во сите градови низ цела Македонија. Нашата цел е јасна, да создадеме здрави, активни и успешни генерации – рече Ристовски.