Од стравот од короната зависи и дали туристите ќе патуваат со нови автобуси
Производителите на автобуси очекуваат стивнувањето на пандемијата и растот на туристичките патувања да го нормализира нивното производство.
Откажувањата на патувањата како и кризата во превозот на патници драстично ја намали побарувачката на автобуси. Додека трае кризата производителите на автобуси се обидуваат да преживеет со промена на производството на автобуси за јавен градски превоз. Нивни очекувања се дека масовната вакцинација и стабилизирањето на пандемијата ќе ја нормализира и оваа индустрија и секторите поврзани со неа а тоа се главно туристичките патувања. Туристичките превозници, пак, не се многу расположени за нови инвестиции во услови кога веќе втора година бележат загуби, но дел од нив, како што велат, ќе мора да купат нови автобуси за да се задржат во бизнисот.
– Автобусите генерално се комерцијални возила и се користат во индустриите за транспорт на луѓе, индиректно зависни од туризмот, хотелиерството и угостителството. Ковид пандемијата ги затвори хотелите и угостителските објекти и доведе до откажувања на групни патувања. Во вакви услови индустријата за производство на автобуси (слично или исто како и авиоиндустријата) беше и сè уште е значително негативно погодена. Немајќи поле за бизнис, големите меѓународни тур-оператори, како и меѓуградските транспортери, доколку во меѓувреме не банкротирале, беа принудени да ги откажуваат веќе нарачаните автобуси и да ги одложуваат новите нарачки за некои подобри времиња кога бизнисот на услуги и патување ќе почне да се враќа во нормала – вели Аврам Стојчевски менаџер на компанијата „Ван Хол“ во земјава.
Во периодот до излезот од кризата за кој не знаат кога ќе се случи, компаниите од оваа индустрија се обидуваат да го пополнат со производство на автобуси за градски превоз.
– Но диспаритетот меѓу капацитетите на понудувачите и реалните побарувања за нив се далеку од тоа да овозможат еден нормален производен тек на кој било европски производител – вели Стојевски.
Европските производители на автобуси, како и домашниот производител, очекуваат со масовна вакцинација да се стабилизира здравствената криза, а со тоа да почне да се нормализира и производството.
– Наши очекувања се дека со стабилизацијата на корона кризата, т.е. по масовните вакцинации, бизнисот полека ќе се врати во нормала. И покрај тоа што таа може да потрае цела оваа, па дури и дел од наредната година, сепак компанијата „Ван Хол“ е силно ориентирана кон продолжување на својот зацртан развоен пат. Таа тоа веќе го докажа на пример со лансирањето на прв 100% електричен автобус за американскиот пазар при крајот на 2020 година, понатаму со имплементација на чисти технологии во однос на животната средина кај градските автобуси како што се хибридната и технологијата на горивни ќелии. Компанијата е една од малубројните кои произведува т.н. еколошки трамвај на тркала (Exqui.City). Оваа година се очекува и лансирање на нови модели на автобуси за европскиот пазар, уште помодерни и технолошки и еколошки понапредни – вели Стојчевски.
Колку ќе се остварат овие очекувања на производителите на автобуси ќе зависи од тоа со каков интензитет ќе почнат граѓаните да патуваат. Очекувањата на туристичките превозници се дека нормализацијата на состојбата во овој сектор ќе почне следната година, а подготовките и инвестициите во нови автобуси ќе треба да завршат годинава.
– Тоа секако ќе биде проблематично бидејќи превозниците изминатиов период се исцрпени, барем зброувам за домашните превозници кои скоро и да не беа поддржани од владата. Во Европа инвестицииите ќе одат полесно бидејќи дел од владите имаа добра поддршка на компаниите. Кај нас да се инвестира во автобус е голема инвестиција и ќе биде потребно банките да понудат поволни услови за кредитирање. Цената на нов автобус се движи до околу 300.000 евра, а половните во европските земји достигнуваат до 150.000 евра и без кредит, посебно, по пандемијата тешко да се купи нов автобус – вели Дончо Нацевски од „Арбо травел“.
Според него, и превозот на туристи по пандемијата ќе претрпи големи промени на кои, ако не се прилагодат превозниците ќе треба да ги затворат бизнисите или да ја сменат дејноста.
– Туроператорите со кои соработуваме веќе од следната година ќе бараат автобусите за превоз на нивните клиенти да исполнуваат построги критериуми, што ќе ја наметне потребата од нови инвестиции во автобуси. Колку од превозниците ќе успеат да се прилагодат на новите услови ќе зависи од тоа колку тие изгубиле во текот на пендемијата. Туризмот и превозот на туристи се најпогодените, па може да се очекува дел од превозниците и да ги продаваат автобусите што и го прават во моментов за да се одржат на пазарот, а дел да инвестираат со кредити само за да се задржат во бизнисот – вели Нацевски.
Тој додава дека по вакцинацијата или по стивнување на пандемијата, главно ќе треба да се работи на психичко заздравување на граѓаните и нивниот страв од патување од што ќе зависи и исполнетоста на капацитетите на туристичките места, но и производството на нови автобуси.
Другите автобуски превозници, пак, кои беа принудени да го преполоват превозот на патници трупаа загуби и многу брзо не очекуваат да инвестираат во автобуси.