ЌЕ СЕ ЧЕШЛААТ РЕСТОРАНИ, ГРАДИНКИ, ЗГРАДИ… Општините Центар и Аеродром контролираат сѐ и нема да запрат

Локалните власти иницираа состаноци со релевантните институции и инспекциски служби, кои работат на идентификување и отстранување на потенцијалните ризици, како и на подобрување на почитувањето на законските регулативи.

4,089

Општините Центар и Аеродром спроведуваат засилени инспекциски контроли со цел подобрување на безбедноста на граѓаните, како во угостителските и станбените објекти, така и во училиштата и детските градинки.

Локалните власти иницираа состаноци со релевантните институции и инспекциски служби, кои работат на идентификување и отстранување на потенцијалните ризици, како и на подобрување на почитувањето на законските регулативи.






Општина Центар: Инспекциски мерки за сигурност во објектите

По иницијатива на градоначалникот Горан Герасимовски, во Општина Центар се одржа итен состанок на Штабот за заштита и спасување, на кој присуствуваа инспекциските служби, како и командирот на ПС Беко, Игор Стаменковски. Главна тема беше безбедноста во општината и предлагањето мерки за заштита на граѓаните.
На состанокот беа дискутирани неколку клучни области: безбедноста на станбените објекти, усогласеноста на угостителските објекти со безбедносните прописи, функционалноста на хидрантната мрежа, како и мерките за заштита во училиштата и градинките.

– Првиот состанок го одржавме со директорите на општинските училишта, бидејќи безбедноста на децата е наш приоритет. Сите училишта и градинки имаат изработено План за заштита и спасување, а нивните проценки се одобрени од Дирекцијата за заштита и спасување – изјави Герасимовски.

Инспекциските служби наредната недела ќе одржат состаноци со управителите на станбените згради и регистрираните заедници на сопственици, фокусирајќи се на усогласеноста со нормите за домување, противпожарната опрема и нејзиното одржување. Дополнително, ќе се закаже состанок со Подрачното одделение за заштита и спасување – Центар за координирани акции.

Општината ги потсетува угостителските објекти на нивната обврска за спроведување безбедносни мерки, а инспекциската служба ќе продолжи со контролите. Управителите се должни да подготват потребна документација која ќе биде предмет на увид. Во случај на неправилности, ќе бидат издадени решенија за отстранување на недостатоците во рок од 8 дена.

Општина Аеродром: Контроли во угостителските и станбените објекти

Во текот на минатата недела, инспекциските служби на Општина Аеродром извршија контроли во над 100 угостителски објекти. Во моментов се анализираат собраните податоци за усогласеноста со законските прописи и безбедносните стандарди. Истовремено, општината подготви план за контрола на хидрантските мрежи и пристапите во станбените згради, а од понеделник ќе започнат инспекциските проверки во соработка со куќните совети и управителите.

Вршителот на должноста градоначалник на Општина Аеродром, Дејан Митески, испрати барање до сите основни училишта и детски градинки да достават податоци за состојбата со хидрантската мрежа, противпожарната опрема и плановите за евакуација.

„Општина Аеродром прави сѐ што е во нејзина надлежност за заштита на граѓаните и обезбедување безбедни услови за живот и работа. Инспекциските служби ќе продолжат со контролите со цел да се зголеми нивото на безбедност во сите објекти на територијата на општината“, се вели во соопштението од Општина Аеродром.

И двете општини повикуваат на соработка од страна на граѓаните, сопствениците на објекти и институциите, со цел унапредување на безбедносните стандарди и создавање на побезбедна средина за сите.

Поврзани содржини