ЌЕ ПОЧЕКАМЕ ГАСОТ ДА ГО НАМАЛИ ЗАГАДУВАЊЕТО Експерти велат потребни се најмалку 10 години
Покрај Скопје уште Струмица и Куманово засега имаат можност да го доведат гасот до домовите на своите жители.
Јасно е дека со гасифицирање на домаќинствата на поголемите градови во земјава ќе се намали можноста за загадување на воздухот од загревањето на домовите, но процесот за македонски услови ќе потрае подолго отколку што се очекува.
Експерти велат дека ќе бидат потребни најмалку 10 години граѓаните да се адаптираат на новите услови, ако во меѓувреме биде завршена целата подготовка за приклучување на домаќинствата на гас. Сепак, најголема корист, според експертите, од гасификацијата ќе имаат компаниите и институциите.
И Владата се надева на ваков ефект врз екологијата од примената на гасот. Покрај изградбата на магистралните гасоводи, на почетокот на годината најави изградба на дистрибутивната мрежа преку јавно – приватно партнерство, за што како што беше речено, има интерес на повеќе странски компании. Интересот е што повеќе домаќинства и компании да се приклучат на гасот, на почеток само за греење, а подоцна и за друга употреба.
– Уште најмалку 10 години земјава не може да се надева дека гасот ќе го намали загадувањето. Сè уште не е изграден планираниот магистрален гасовод, а за изградба на дистрибутивна мрежа може да се зборува дури откако ќе се утврди каков е интересот на компаниите и граѓаните за таква вложување. Инаку без економски интерес никој нема да гради дистрибутивна мрежа. Затоа треба да се направи една поопсежна анкета која ќе покаже каков е интересот за гасот кај домаќинствата и компаниите – вели Димитров.
Според него, најлесно ќе се гасифицираат државните институции и индустриските капацитети каде што употребата на гасот ќе замени друг енергенс кој е поскап, но кај домаќинствата постапката ќе оди потешко.
– Секое домаќинство ќе треба прво да биде подготвено на една ваква вложување кое опфаќа замена на сите апарати и инсталирање на цел систем на загревање. Ќе треба освен купувањето на печка на гас да ги адаптираат и оџаците. Но, прво треба да направат пресметка дали гасот ќе биде поевтиниот енергенс. Мое мислење е дека најлесно за адаптирање на греење на гас е кај домаќинствата кои имаат веќе инсталирани системи за греење и поимотните семејства и очекувам токму тие први да изразат интерес за приклучување на гас – вели Димитров.
Процесот на адаптирање на граѓаните на гасот, според него, ќе трае подолго бидејќи мора да се смета дека треба да се инвестира во процес на замена на апаратите за домаќинства.
Покрај Скопје, уште Струмица и Куманово засега имаат можност да го доведат гасот до домовите на своите жители. Во трите града засега на гасоводна мрежа се приклучени компании и одделни државни и општински институции, а домаќинствата и натаму најмногу се топлат на дрва, а воздухот, според последните испитувања најмногу се загадува од греењето на дрва, мазут и на нафта, како и од возењето на возилата на дизел.
Гасот е стигнат и до Штип, но нема информации дека во овој град се прават напори да се гасифицираат барем индустрирките капацитети и општинските установи.
Владата на почетокот на годината најави изградба на дистрибутивната мрежа за повеќе градови преку јавно – приватно партнерство, за што како што беше речено, има интерес на повеќе странски компании. Постапката запре, бидејќи компаниите кои се заинтересирани не можеа да го видат економскиот интерес од вложувањето во дистрибутивна мрежа.
За изградбата на дистрибутивната мрежа, според Димитров, проблем е и законското дефинирање на дистрибуцијата и преносот на гас.
– Законот нема разграничено што е пренос, а што дистрибуција на гас како што тоа го има во секторите електрична енергија каде што имаме пренос МЕПСО и дистрибуција ЕВН дистрибуција. И кај гасот оној што ќе го транспортира гасот ќе сака да наплати за услугата исто како и тој што ќе го испорачува до крајниот корисник. Едно е преносна мрежа, друго е дистрибутивна. Тоа, досега не е регулирано, а не се размислува и за измени на Законот за енергетика во тој дел – вели Димитров.
Експертите од областа на енергетската ефикасност сметаат дека употребата на гасот ќе придонесе за многу почист воздух и дека земјава нема друга алтернатива. Тие се повикуваат на основните карактеристики на природниот гас според кои , тој при согорувањето во најмалку 20 отсто е помала емисијата на штетните гасови во однос на другите горива, речиси воопшто го нема сулфурот како нус продукт и е енергетски ефикасен.
– Поголем дел од населението се загрева на дрва, при што во процесот на согорување на дрвото во воздухот се испуштаат цврсти честички. Кога греењето би се заменило со гас, тоа не би било случај и затоа е подобро да се забрза процесот на гасификација на домовите – сметаат тие.
Сепак, сите се согласни дека не е успешна гасификација ако се изградат неколку километри магистрални и дистрибутивни гасоводи и ако се овозможи нивна инсталирана моќ со некој квантум, а трошиме 10- 20 отсто од истиот како што е случајот сега во Скопје.
– Тоа не е успешна приказна. Успешна приказна е ако од инсталираниот квантум 100, потрошиме 70 отсто или повеќе и тогаш таа вложување ќе биде профитабилна и рентабилна. Значи мора да разбереме дека за да се постигне привлечност за употребата на гас државата мора да изгради инструменти, да изгради и спроведе стратегија со која ќе се привлече крајниот потрошувач без разлика дали е индустриски или неиндустриски потрошувач, или домаќинство. Секој ќе си најде свој материјален интерес, а поред тоа имаме и еден навистина длабок општествен интерес, а тоа е екологијата, која ни вели дека најеколошкото гориво кое може да го користиме во овој момент и со кое ќе придонесеме кон подобра и поздрава животна средина е токму природниот гас – вели експерт.
Според него, како ќе биде приклучувањето на домаќинствата и колку тоа ќе чини ќе зависи и од стратегијата што државата ќе ја избере и спроведе. Дали тоа ќе се даде како кредит или ќе се исплаќа преку цената на гасот, сè е отворено.
Искуствата покажуваат дека основната цена на приклучокот (Струмица и Куманово) е некаде околу 600 до 800 евра, а цената на целата адаптација што треба да се направи во домаќинствата, ако нема ништо претходно од инсталација како што се радијатори, котел или печка, ќе зависи од тоа што сакаат корисниците. Ако е со печки тоа е поевтино и не би требало да биде повеќе од 1.000 евра за еден просечен стан од 80 квадрати, а доколку е системот со котел тогаш тоа е околу 2.500 евра – е пресметката на експертите.