ЌЕ НИ ГИ ПРЕПИШАТ ПРОЕКТИТЕ Апасиев ќе ја чува во тајност програмата за Град Скопје
Програмата ќе биде испечатена, но не пред кампањата, бидејќи искуството ни кажува дека често ни ги препишуваат проектите, истакна лидерот на Левица, Димитар Апасиев.
Ќе имаме советнички листи во 40 општини, а деновиве ќе биде готова и програмата за Град Скопје. Сепак, нема да ја објавиме сè до крајот, бидејќи се плашиме од препишување, рече лидерот на Левица, Димитар Апасиев, на денешната прес-конференција на која го промовираше Петар Георгиевски-Камиказа за кандидат за градоначалник на Град Скопје.
– Програмата ќе биде испечатена, но не пред кампањата, бидејќи искуството ни кажува дека често ни ги препишуваат проектите. Анкетите, на мое чудење, се оптимистички и покажуваат дека Перо Камиказа влегува во втор круг – рече Апасиев.
Кандидатот за градоначалник од редовите на Левица, пак, истакна дека сега не можел да најави големи проекти затоа што не знаел со каков буџет ќе располага.
– Јас не знам колку пари ќе ми бидат оставени во буџетот, затоа не сакам да ветувам нешто што потоа нема да може да се реализира – рече Георгиевски.