ЌЕ ИСЧЕЗНЕ ЛИ СДСМ ПО ИЗБОРИТЕ ВО ОКТОМВРИ? На партијата на Филипче не ѝ се пишува добро
Социјалдемократите се пред историска пресвртница - локалните избори во октомври би можеле да бидат клучниот момент во судбината на СДСМ. Со едноцифрен рејтинг и со растечко незадоволство во редовите на партијата, постои реален ризик СДСМ да ја доживее судбината на грчкиот ПАСОК, бугарските социјалисти и на други европски левичарски партии, кои од политички гиганти се сведоа на маргинални сили.
Локалните избори во октомври годинава можеби ќе бидат последниот тест за политичката егзистенција на опозицискиот СДСМ. Последната изјава на премиерот Христијан Мицкоски, во која посочи дека постои реална опасност СДСМ целосно да згасне поради едноцифрениот рејтинг, повторно го отвори прашањето кое долго време виси во воздухот – дали македонските социјалдемократи ќе доживеат судбина слична на грчкото ПАСОК?
Во историјата на современата политичка Европа, примери на некогаш моќни социјалдемократски партии кои исчезнале или паднале на маргините се зачестени. Највпечатлив пример е ПАСОК во Грција. Ова политичко движење, кое некогаш доминираше на политичкиот простор во соседната земја, доживеа катастрофален пад поради неспособноста да се справи со економската криза што ја зафати земјата во 2009 година.
Социјалдемократите тогаш не успеаја да понудат излез од кризата, а тоа го искористи левичарската партија Сириза на Алексис Ципрас, која презеде иницијатива, ја освои довербата на граѓаните и го турна ПАСОК на маргините, каде остана до денес.
Слична ситуација денес може да се забележи и во Бугарија, каде тамошната Социјалистичка партија по долги години доминација сега едвај го преминува изборниот праг и е рангирана на петтото место.
Во Шпанија, традиционалната Социјалистичка партија загуби голем дел од поддршката поради подемот на ПОДЕМОС, партија која им понуди на гласачите нова, свежа левичарска опција.
Во Франција некогаш моќната Социјалистичка партија денес е маргинална, со минимална политичка релевантност.
Дали оваа европска политичка динамика ќе се преслика и врз СДСМ? Македонските социјалдемократи веќе подолго време имаат сериозни проблеми со градење јасна идеолошка и програмска платформа, која би ги убедила гласачите во нивната автентичност и способност за управување со државата.
Рејтингот на партијата, според последните анкети, се движи во едноцифрени бројки, што може сериозно да го ограничи изборниот потенцијал на СДСМ на следните избори.
Ваквата ситуација претставува екстремно неповолен развој за партијата, забележува премиерот и лидер на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
– Градиме, се бориме низ целиот свет, а Венко Филипче со една изјава вели – ‘јас прифаќам сѐ што ќе ми ставите на маса, само вратете ме на власт’. Тоа не е конструктивност, тоа е рушење. Затоа имаат едноцифрен рејтинг и мислам дека постои сериозна опасност дали таа политичка партија ќе продолжи да постои по локалните избори. Не би навлегувал подетално во анализа, но кај Филипче го забележувам предавничкиот, поданички и кодошки однос – изјави Мицкоски.
Сепак, искуството покажува дека политиката е полна со пресврти, а судбината на СДСМ ќе зависи од тоа дали ќе успее да се реформира, да ја консолидира својата база и да ги убеди гласачите дека може да биде автентичен политички фактор. Ако тоа не се случи, овие локални избори би можеле да бидат последни на кои ќе ја видиме оваа партија во релевантна улога на македонската политичка сцена.
Поранешни истакнати членови на СДСМ, во разговор за Плусинфо велат дека се крајно разочарани од актуелното раководство и од начинот на кој партијата ја води политиката. Тие забележуваат дека денешното раководство нема ниту визија, ниту сила да го врати СДСМ на вистинскиот пат.
Една од нив е екс-функционерката на СДСМ, Софија Куновска, која смета дека ваквиот СДСМ одамна нема никаква идеолошка врска со партијата кога ги удри темелите на независна Македонија.
Искрено жалам што СДСМ е паднат на ова дереџе. Оваа внатрешна состојба на партијата штети на демократските процеси во нашето општество.
– Или да бидам прецизна, од СДСМ се останати само централата и чесните членови во месните одбори кои сѐ уште веруваат дека ова раководство навистина се бори за некакви идеали, а не да го зачува нелегално стекнатиот имот на оние кои ја држат партијата во заложништво. Колку побрзо се освести партиската база дека е потребен длабок дисконтинуитет од „алаш вериш“ погрешните политики од претходно, толку повеќе шанса за СДСМ да почне да си го враќа потенцијалот. Вака е непрепознатлив и неатрактивен дури и за традиционалните гласачи. Искрено жалам што СДСМ е паднат на ова дереџе. Оваа внатрешна состојба на партијата штети на демократските процеси во нашето општество. Ова ВМРО-ДПМНЕ е ужасно слабо и дезориентирано, а ваквиот СДСМ му служи како алиби. Срамот е заеднички – ни изјави Куновска.
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски смета дека партијата на Филипче нема целосно да згасне како правен субјект, но дека целосно ќе се дефакторизира како политичка сила во Македонија.
– Јас уште пред повеќе од 5 години кажав дека СДСМ ќе пропадне како партија и дека потезите коишто ги влечат постојано водат кон реализација на тоа сценарио. Изборот на лидер на партијата заедно со раководството покажува колку суперсонично тонат во последно време. Сепак, не верувам дека СДСМ целосно ќе го снема од политиката и дека ќе згасне како правен субјект, но дефинитивно ќе дојде до ситуација кога ќе мора да се задоволи само со неколку советници во општините – објаснува Пекевски.
Тој му порача на Мицкоски да не се радува за положбата на СДСМ, бидејќи, како што вели, немањето конкуренција е лошо за демократијата во државата.
– Немањето конкуренција создава чувство на губење на реалноста. Потребно е да постои опозиција која ќе може вистински да се спротивстави на власта и да биде коректор на одлуките. Но, како што сега стојат работите, во однос на претстојните локални избори во октомври, максимумот што може да го освои СДСМ е едно до две градоначалнички места во некои мали општини. И тоа ќе биде тотален дебакл – изјави Пекевски.
Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, пак, смета дека нејзината партија е далеку од згаснување.
– Ние постојано слушаме од ВМРО-ДПМНЕ, ако се вратиме во минатото, ги лажеа и граѓаните дека Европската Унија ќе се распадне. Сега ги слушаме повторно со некакви прогнози, дека ќе се распадне партијата. Што повеќе гледаат дека СДСМ нуди квалитет и дека ќе понуди кандидати коишто навистина се квалитетни и ќе работат за интересите на граѓаните, како што, впрочем, досегашните градоначалници од редовите на СДСМ го покажаа тоа — дека работат во интерес на граѓаните, така ВМРО-ДПМНЕ ја пласира оваа теза, обидувајќи се да наметне некаква слика, а точно знаат во своите редови дека работата не им е баш добра – изјави Кузеска.
На последните парламентарни избори што се одржаа во мај минатата година, СДСМ освои 18 мандати, исто колку што освои и коалицијата Европски фронт, па со тоа го зазеде второто односно третото место на листата политички партии со најмногу освоени пратенички места. Осамена на врвот, секако, е политичката партија ВМРО-ДПМНЕ со освоени 58 мандати или 40 повеќе од СДСМ.
