ЌЕ ИМААТ ЛИ КРАЈ САМОВОЛИЈАТА НА БЕЌИМ НЕЗИРИ? Упадот во М-НАВ не е негов прв скандал
Во 2010 година нападнал инструктор-контролор за летање, затоа што не потпишал дека Незири ја поминал обуката за контролор. Царовска објави дека ПИОМ под раководство на Незири со години не ги уплаќал придонесите за 12 илјади осигуреници во вториот пензиски столб и направил штета од 19 милиони евра, но никогаш не одговараше за тоа.
Синоќешниот упад во кулата за контрола на летање не е прв инцидент на советникот на М-НАВ Беким Незири, објави ТВ Сител во прилог под наслов „Кој е Беќим Незири, вечен проблематичен функционер на ДУИ“.
Незири, кој вечерва беше на распит во јавното обвинителство, беше директор на Фондот ПИОМ, исто така и министер за економија, како и секторски директор на М-НАВ, јавното претпријатие во кое сега е советник, без обврска да доаѓа на работа.
Додека бил директор за економски и правни работи во оваа институција во 2010 година нападнал инструктор-контролор за летање, затоа што не потпишал дека Незири ја поминал обуката за контролор. Како што тогаш објави весникот „Вест“, снимките за нападот врз инструкторот подоцна биле избришани, а нападнатиот контролор се отселил во Норвешка.
Додека тој беше директор во Фондот за пензиско осигурување, тогашната министерка за труд и социјална политика Мила Царовска објави дека ПИОМ под раководство на Незири со години не ги уплаќал придонесите за 12 илјади осигуреници во вториот пензиски столб и направил штета од 19 милиони евра. Иако тогаш беа најавени кривични пријави, Незири за тоа никогаш не одговараше. Во одбрана тогаш му застана министерот Бујар Османи кој изјавите на Царовска ги нарече „несреќни“ и „неточни“.
Анкетните листови на Незири додека беше јавен функционер покажуваат дека поседувал имот од околу 260 илјади евра во станови и недвижнини. Пред две години стана и косопственик на приватна болница во Чаир. На нејзиното отворање беше целиот врв на ДУИ, но и тогашниот министер за здравство Венко Филипче.