ЌЕ ИМА СУБВЕНЦИИ ЗА ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ, А НЕ ЗА ПРОФИТЕРИТЕ Расте извозот на земјоделските производи
Планираме систем на субвенционирање да биде насочен кон вистинските земјоделци. Кон оние коишто вистински произведуваат, а не кон оние малкумина коишто се обидуваат да профитираат на грбот на земјоделците, вели премиерот Христијан Мицкоски.
Охрабрува растот на извозот на земјоделските производи во првите месеци од оваа година, а Владата ќе ги задржи овие параметри на среден и на долг рок, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски.
– Имаме раст на извозот во првите 5 месеци, од речиси шеесетина, близу 70 проценти, што е добро, охрабрувачки за земјоделците. Добро е и за државата, бидејќи е помал дефицитот што се однесува на увозот на храна – изјави Мицкоски.
Тој додаде дека фокусот на Владата е да ги помага земјоделците, тие да произведуваат за да може и да извезуваат, но и да ги задоволат трпезите на македонските граѓани.
– Така ќе продолжиме и во иднина, со тоа што планираме тој систем на субвенционирање да биде насочен кон вистинските земјоделци. Кон оние коишто вистински произведуваат, а не кон оние малкумина коишто се обидуваат да профитираат на грбот на земјоделците. Така функциониравме и досега, така ќе продолжиме да функционираме и понатаму – рече премиерот Мицкоски.