ЌЕ ИМА ЛИ ПРЕДВРЕМЕНИ ПАРЛАМЕНТАРНИ ИЗБОРИ? Мицкоски и Ахмети за еден час зборувале само за две работи
Во моментов ВМРО-ДПМНЕ е најголема пратеничка група со најголем број грaдоначалници и советници, па има политичко право и кредибилитет да бара предвремени парламентарни избори, рече Христијан Мицкоски по средбата со лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Предвремени парлaментарни избори се потребни час поскоро, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по завршувањето на едночасовната средба со лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Мицкоски рече дека со Ахмети разговарале само за две теми, односно и за спорот со нашиот источен сосед.
– Сега кога е веќа јасно дека поминува и декември, а земјава не успеа да издејствува датум за преговори со Европската Унија, одеднаш почнаа да се бараат некои нови шест месеци за преговори со Бугарија, односно последниот адут којшто го имаше оваа влада заминува во неповрат. Имајќи ја предвид состојбата во општеството, криминалот и корупцијата, нефункционалните институции, недисциплината, лошата економска и енергетска состојба во земјава и уште многу други фактори коишто негативно влијаат, мојот став е дека само со сериозен ресет на системот, многу макотрпна работа и со нови луѓе можеме да излеземе од оваа кризна состојба, а за тоа се потребни предвремени парламентарни избори. Така што, јас го кажувам мојот став, а не ставот на господинот Али Ахмети, дека предвремени парлaментарни избори се потребни час поскоро од овие причини и овие аргументи кои ги имаме. Сепак, во моментов ВМРО-ДПМНЕ е најголема пратеничка група со најголем број грaдоначалници и советници, има политичко право и кредибилитет да бара предвремени парламентарни избори, бидејќи победи два пати на локалните избори и во првиот и вториот круг убедливо – истакна Мицкоски.
На средбата со Ахмети, Мицкоски ги повторил тезите, односно дека треба да се почитува Резолуцијата усвоена во парламентот и изразил загриженост поради фактот дека растат апетитите на Бугарија, а на тој начин само се уништува преговарачката позиција и ништо не се добива за возврат.
– Јас лично и ВМРО-ДПМНЕ цениме дека треба да се напушти принципот на коленичење и сервилност, треба да се покаже карактер и да се вложиме максимално сите за да го покажеме тој карактер. Тоа е она коешто е моја порака, како и тоа дека доста е од срамови и понижување, народот е фрустриран затоа што многу отстапки направи во оваа наша независност, а во суштина уште сме во предворјето и не можеме да го почнеме тој процес на преговори. Тоа е нашата принципиелна позиција и таа позиција подготвен сум да ја бранам и со факти и со аргументи било каде и пред било кој – истакна Мицкоски.