ЌЕ ИМ СЕ СТАВИ ЛИ КРАЈ НА СОМНИТЕЛНИТЕ ЗДРУЖЕНИЈА? Маричиќ најавува поддршка за законот, Николоски прашува што прават разузнавачите
Тие здруженија не се финансирани ниту од свои членови, ниту преку бугарското МНР, туку од една фондација каде главен финансиер и сопственик е еден бугарски тајкун. Клучното прашање и за Агенцијата за разузнавање, Агенција за национална безбедност и финансиско разузнавање е што прават овие институции и зошто спијат – праша Николоски.
Слободата на здружување е светост во една демократија и таа мора да се почитува, но исто така треба да се почитуваат и јавните вредности кои се поврзани со антифашизмот – изјави вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ во интервју за Канал 5.
Тој смета дека се потребни измени на Законот за здруженија и фондации и дека овој закон, кој е стар десетина година треба да се ревидира.
– Вредно е да се разгледа иницијативата на опозицијата за промена на законот. Имавме сигнали од пратениците од владејачкото мнозинство дека би го прифатиле тоа – рече Маричиќ.
Вицепремиерот истакна дека сите се свесни дека треба да се промени законот и дека Владата е отворена за разговори како најдобро да се направи тоа.
Во настап на ТВ Сител потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски рече дека
ВМРО-ДПМНЕ очекува поддршка за предложените измени со кои ќе се спречи контроверзни имиња да бидат имиња на здруженија на граѓани, односно да се злоупотребува правото на граѓаните да се здружуваат.
– Тоа ќе важи и за веќе регистрираните здруженија во моментов во Македонија, такви има две и во најава е уште едно. Се надевам дека ќе го поддржат, но морам да кажам дека сум скептичен. Прво законот е утре дури 20 точка на дневен ред, и второ пред него се ставаат точки коишто доколку има власта чесна намера да се донесе законот, нема да се стават, односно би се ставиле на друга седница. Ако е власта чесна треба да го стави прва точка, па после тоа да се гледаат другите точки – изјави Николоски во „Тема на денот“ во Дневникот на Сител.
Тој потенцираше дека со овој закон нема да може да ги користат имињата кои ги користат сега како Цар Борис, Цар Фердинанд итн. и додаде дека власта треба да го испита потеклото на финансиите и начинот на кој се финансираат овие здруженија.
– Тие не се финансирани ниту од членовите на здруженијата, ниту преку бугарското МНР, туку од една фондација каде главен финансиер и сопственик е еден бугарски тајкун, главно присутен во медицинскиот бизнис, кој хара низ Македонија. Клучното прашање и за Агенцијата за разузнавање, Агенција за национална безбедност и финансиско разузнавање е што прават овие три институции и зошто спијат? Основен опис на работа им е заштита на уставноправниот поредок на Македонија, а поголем упад од овие територијални, јазични, културни, народни претензии и оживување на фашизмот, што може да биде друго? Директно се удира во темелите на државата – изјави Николоски.