ЌЕ ГО РЕПРЕГОВАРАМЕ ДОГОВОРОТ ЗА КОРИДОРИТЕ Мицкоски вели дека со репреговарање договорот во Романија поевтинел за 30%
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски синоќа во гостување во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат, коментирајќи го договорот за коридорите 8 и 10Д, истакна дека владата кога го потпишувала не водела сметка за државниот интерес и за интересот на граѓаните, додека компанијата си ги заштитила сопствените интереси на најдобар можен начин.
Тој додаде дека планот на идната влада која ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ е да го репреговара овој договор и да го направи како што треба со цел да се избегнат огромните пенали за кои луѓето од власта не воделе сметка на време.
– Можно е во светот на бизнисот на два начина да завршите договор. Едниот е договорот да го прекинете и да плаќате пенали, а овде сигурно ќе плаќаме огромни пенали затоа што според истиот тој договор којшто не е демантиран од Владата, одговорен суд е судот во Париз според правилата Меѓународната трговска организација на кој што ќе се применува законодавството на Англија и на Велс. Еден сосема поинаков тип законодавство, споредено со македонското законодавство каде што државата е во подредена положба. Тоа е едната опција, да го раскинеме договорот, да немаме автопати и државата да плаќа пенали. Вториот е тоа што ќе го наследиме, да го направиме како што треба. Јас лично ќе се занимавам како инженер и посебно сум загрижен зашто се потврдија сите мои стравувања. И од вчера практично видовме дупчалки со кои се отпочнуваат геолошките истражни работи. Тие што се инженери знаат што зборувам. Без истражни работи, без геологија вие немате проект, а како ќе правите нешто за коешто веќе е добиен аванс 200 милиони или колку и да беа – истакна Мицкоски.
Тој додаде дека овој проект многу загрижува бидејќи се потврдиле сите стравувања, па затоа со компанијата и со стратешките пријатели треба да се седне, да се испреговара нешто што ќе биде заеднички интерес, а пред сѐ, интерес на граѓаните.
– Јас би сакал да го видам овој пристап на паралелно проектирањеи изведба и баш би сакал да видам кога ќе дојде редот да се прават виадуктите и тунелите. Истрагите треба да покажат дека тој паралелен начин на таа секција не може технички да биде изведен, па кога ќе треба сето ова паралелно на друг начин да се прави, но и тука си се заштитиле од компанијата. Јас немам ништо против компанијата, таа си ги заштитила нејзините интереси, но имам против овие во владата што не ги заштитиле нашите интереси. И тука си се заштитиле. Велат и грешките во проектирањето ќе си ги плаќате. Така што тоа е проект кој што многу ме загрижува и проект на кој што ќе треба да му се посвети многу внимание. Инаку историјата покажува дека и во Романија договорот се репроектирал и дека поевтинел и до 30% со репреговарање. Така што не е невозможно и нејќам и тука да ми кажат – е тоа ви е најдобриот предлог. Не, не е најдобар. Може да се преговара и да се репреговара и ако навистина сакаат од компанијата да бидат пријатели и ако навистина нашите стратешки пријатели се стратешки пријатели на оваа земја ќе ни помогнат заедно да седнеме, да испреговараме нешто што ќе биде заеднички интерес, а пред сѐ интерес на граѓаните – потенцираше Мицкоски.