ЌЕ ГО ПОТПИШЕМЕ ЛИ ПРОТОКОЛОТ НА НЕВИДЕНО? Владата подготвува „блиц-криг“ сценарио
Прифаќањето на предлогот без претходно да ни го соопштат Протоколот ќе ѝ донесе нова политичка криза на земјава, но власта уште сега се подготвува за такво нешто. Властите веруваат дека ќе можат со помош на ЕУ и САД да го релативизираат и да го апсорбираат тој удар, но генерално, ќе има страшна поделеност во Македонија, коментираат политичките аналитичари.
Ќе изврши ли власта „блиц-криг“ операција за експресно прифаќање на францускиот предлог без претходно на македонската јавност да ѝ го претстави билатералниот Протокол со Бугарија?
Шансите да се реализира едно вакво сценарио, објаснуваат политичките експерти со коишто разговараше Плусинфо, а притоа ќутенката да се заобиколи Собранието и на пратениците да не им се даде можност да дебатираат за Протоколот од кој најмногу зависи историјата, па и иднината на државата, се огромни.
Нѐ лажат!
Во оваа држава може сѐ да се случи и воопшто не би ме чудело ако денеска или утре Македонците се соочат со нов тежок предавнички удар, вели универзитетската професорка и пратеничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова.

– Имаме Закон за надворешни работи и таму многу убаво пишува дека надворешната политика не ја креира ниту Владата, ниту претседателот на државата. Тие само ја спроведуваат, но надворешната политика се креира во парламентите. Дали видовте што беше првата изјава на бугарскиот експремиер Бојко Борисов во врска со францускиот предлог? Тој рече: „Чекаме веднаш да биде доставен предлогот во Парламентот“. И така се случи. Предлогот им беше доставен на бугарските пратеници и тие го дискутираа на седница. А нашиот премиер Димитар Ковачевски прво рече „не“ на Самитот во Брисел, а потоа се врати во Скопје и по неколку дена се појави нов изменет предлог. Ама ако предлогот е навистина изменет, тогаш тој повторно ќе стигнеше во бугарскиот Парламент. Значи, лага е. Станува збор за ретуширање, а политички дебили како нашите прифаќаат сѐ што ќе им се понуди. За да биде уште посмешно, премиерот излезе со изјава дека нема обврска предлогот да оди на разгледување пред пратениците – изјави Силјановска-Давкова за Плусинфо.
Според професорката, политичарите на власт имаат точно определена цел.
– Јас од овие ликови очекувам сѐ и сешто, јасно ви е? Прво, тие сега сакаат да останат на власт. Второ, сакаат да го одглумат почетокот на преговорите како врвно достигнување. Ама тоа е почеток на маратон, а маратонот ќе го суди Бугарија. И сега тресат глупости дека најголемиот поддржувач ни била Грција. Тогаш, што мајка бара Преспанскиот договор во францускиот предлог? Не ви е јасно? Па тоа е новото вето, слушајте ми го зборот. Бугарија не го тргна ветото, туку го трансформираше во многу вета и практично нѐ стави во притвор. Грција си го внесе Преспанскиот договор и практично нѐ држи во дланка – објасни Силјановска-Давкова.
Криза не ни бега
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски вели дека целата оваа политичка ситуација е многу лоша за Македонија, оти, како што посочува, власта е подготвена да направи сѐ за да се прифати францускиот предлог.
– Министерот за надворешни работи Бујар Османи почна да нѐ заплашува дека ова е последниот предлог за нас и дека ако не биде прифатен, тогаш ќе следуваат меѓуетнички тензии. А тоа не го кажува бадијала. Целта е кај македонската јавност да се креира негативна атмосфера. Не би ме изненадило ако предлогот од Франција го прифатат на сила. Тие го сменија државното име на сила, па сега не би се изненадил ако направат уште еден таков потег. Тоа е нивниот стил. Властите во земјава слепо ги слушаат насоките од ЕУ која се покажа дека кон Македонија е крајно лоша – објаснува Пекевски.
Прифаќањето на предлогот без претходно да ни го соопштат Протоколот ќе ѝ донесе нова политичка криза на земјава, но власта уште сега се подготвува за такво нешто.
Ако се реализира сценариото и ако македонските власти ќутенката го прифатат францускиот предлог, Пекевски смета дека на земјава не ѝ бега сериозна политичка криза.
– Прифаќањето на предлогот без претходно да ни го соопштат Протоколот ќе ѝ донесе нова политичка криза на земјава, но власта уште сега се подготвува за такво нешто. Властите веруваат дека ќе можат со помош на ЕУ и САД да го релативизираат и да го апсорбираат тој удар, но генерално, ќе има страшна поделеност во Македонија. Ние одиме од криза во криза. Никој не сака јасно и гласно да ни каже што точно се случува и за што точно се преговара. Молкот само покажува дека повторно ќе има некакво ново откажување од наша страна, слично на откажувањето од државното име. Започнувањето преговори со ЕУ ништо не значи, особено ако знаеме дека целиот процес може да трае десетина години. Тоа, во пракса, се десетина изгубени генераци – изјави Пекевски.
Невиден преседан
Јована Мојсоска, член на Президиумот на Левица, за Плусинфо открива дека нејзината партија поседува информации дека власта е подготвена утре да го потпише Протоколот.

– Нашите информации се дека власта е подготвена утре да го потпише Протоколот, а кој министерот за надворешни работи Бујар Османи сѐ уште одбива да го објави. Самиот Османи најави дека е подготвен веднаш да го потпише Протоколот со бугарската страна, штом Владата го усвои предлогот. Ова претставува опасно подривање на сите демократски принципи, со што директно ќе се заобиколи Собранието како највисок Законодавен дом. Од транспарентноста на Владата околу консултирањето за предлогот, единствено видовме средба составена од невладини организации блиски до СДСМ и познати апологети на власта – вели Мојсоска.
Скандалозно е што Османи сѐ уште не го објавува протоколот, додава таа, кој всушност е најопасниот дел и предвидува целосно ревидирање на историјата, учебниците, филмовите по бугарски терк.
– Во тој протокол, македонската влада е должна сите наставни материјали да ги испраќа на преглед во Бугарија, со цел тие да бидат цензурирани. Ваков преседан нема во ниту европска држава, додека ЕУ го поддржува ова барање на Бугарија. Од друга страна, вицепремиерот Бојан Маричиќ изјави дека Протоколот сѐ уште не е потпишан од македонската страна, додека Османи изјавува дека е подготвен да го потпише. Сето ова упатува на тоа дека будноста кај македонскиот народ мора да се држи на највисоко ниво овие денови пред обидот на СДСМ и ДУИ за уште едно национално предавство – изјави Мојсоска.