ЌЕ ГО ОТКОПАМЕ ЛИ ЌУПОТ ЗЛАТО НА ПОПОВА ШАПКА? Скијачкиот рај ни е пред носот, само треба да го видиме

Вистинското богатство на Попова Шапка – Јелак е откриено пред половина век. Истражен е потенцијалот, испроектирани се најубавите патеки на северните падини, каде што има квалитетен снег и сезоната може да трае најдолго. Ако ја следи логиката на профитот, инвеститорот Техно Алпин ќе го „освои“ најубавото што го нуди нашата снежна убавица Шара. Оваа анализа ја објавуваме со цел да помогне за остварување на таа цел.

1,347

Какви се плановите за развој на Попова Шапка, сега откако стана познато дека италијанската компанија Техно Алпин ќе биде стратешкиот инвеститор, од кого се очекува во првата фаза на проектот да вложи повеќе од 50 милиони евра, а до крајот уште 130 милиони евра? Дали Македонија избра најдобрата стратегија за разговор со Италијанците? Какви се плановите на компанијата „Елемтурс“, која сега стопанисува со нашиот најпознат ски-центар? Може ли Попова Шапка да се модернизира и да го искористи своите огромни потенцијали?

Што сакаме ние – скијачки или излетнички центар?






За да се дојде до вистинските одговори на овие прашања и за да не страдаме пак од болката од која страда нашиот најголем летен туристички центар Охрид – фатално отсуство на развојна стратегија – клучната дилема што мора да се расчисти во главите на тие што ќе одлучуваат е што може и што сакаме ние да биде Попова Шапка. Во неколку написи, но и во неформални разговори со луѓе од владата, автoрот на овој текст има кажано дека Попова Шапка е нашиот најголем развоен туристички потенцијал и дека на оваа неверојатна планина е закопан еден ќуп од злато што чека да биде откопан. Но, ќе го откопаат само тие што навистина знаат што е зимски туризам.

Првото прашање, на кое треба да се понуди јасен и прецизен одговор, е дали сакаме Попова Шапка да ја развиваме како скијачки или како излетнички центар. Според мислењето на експерти со кои Плусинфо се консултира веќе подолго време, предност мора да имаат скијачите и ски-туризмот. Зошто? Затоа што тие се најпосакуваните гости, тие коишто трошат најмногу пари. Не случајно Австрија, земја без излез на море, е европска туристичка велесила.

Скијачот сака да има добар и лесен пристап со своето возило до скијачките терени (за тоа е спремен да плати паркинг по цена од 5 до 10 евра дневно), сака квалитетни и со вештачки снег заснежени патеки (за тоа плаќа меѓу 30 и 50 евра дневен ски-билет), сака пристоен хотел по можност со лифт до кој не мора да патува со автомобил или со хотелски шатл (сите хотели во зимските центри во овој период од годината интензивно се букираат, а за цена во принцип и не се прашува многу) и сака бачила, ресторани и забава. Излетникот, пак, којшто доаѓа на чист воздух, на сончање и евентуално на санкање, може да го помине денот и со 10 евра. Скијачот без размислување ќе потроши најмалку 50 евра и ако денот се погоди, ќе биде среќен и задоволен и ќе посака пак да дојде.

Погледнете ја ситуацијава во овој момент во ски-центрите во регионов. Во бугарските центри Боровец, Банско и Пампорово ски-сезоната сѐ уште не отворена, поради недостиг на снег и поради високите температури за овој период од годината. Високите ски-зони во Боровец (Јастребец и Маркуџик) најверојатно ќе бидат отворени за десетина дена, а домаќините се надеваат дека сите патеки и лифтови ќе бидат во функција некаде пред Нова година. Слична е ситуацијата и во Банско. Копаоник во Србија отвори минатиот викенд, но со многу ограничен капацитет. За квалитетно и безбедно заснежување на патеките со вештачки снег се неопходни извесно количество природен снег и поволни, ниски температури. А тоа сега никаде го нема.

Никаде, освен…

Кога во овој момент би имале скијачка инфраструктура на најповолната северна страна на Попова Шапка – Јелак, каде што потенцијалот е 6 патеки за смук над 1.500 метри надморска височина, во вкупна должина од неверојатни 47 километри, ние во би биле единственото место на Балканот каде што во овој момент би се скијало. Снег има, а температурите се релативно поволни. Дури и со половина од овој проектиран потенцијал, еден модерен центар Попова Шапка – Јелак во овој момент би можел да прими до 10.000 скијачи дневно (сега капацитетот е 2.000 дневно), а домаќините би млателе тешка пара. Сезоната би завршила најверојатно кон средината на април, како и во сите други модерни скијачки меки во регионот.

Гондола и „напад“ на јужната падина – погрешна стратегија!

Што значи оваа приказна, за која знае секој љубител на скијањето и од Македонија и од регионот?

Апсолутен приоритет на стратешкиот инвеститор Техно Алпин и на неговите домаќини мора да биде развојот на скијачкиот туризам. За тоа е потребно да се обезбеди комотен пристап до скијалиштата и да се „освојат“ највисоките коти и најповолните ски-патеки на северната страна (погледнато од Попова Шапка кон гребенот Церипашина, тоа се падините десно над Јелак). Тука, покрај Церипашина (2.525 метри надморска височина), стратешки важна кота е блискиот Син Врв (2.531 мнв), познат и под името Антени (на самиот врв има железни столбови и антени, од таму и второто име).

Овие патеки се испроектирани уште пред половина век. Инвеститорот, претпоставувам, ќе сака веднаш по почетните вложувања во првата фаза да почне да заработува пари, за да вложува понатаму. Тоа е логиката на профитот, а само следењето на таа логика гарантира успех во еден ваков грандиозен проект.

Но, судејќи по последниот јавен настап на Адем Авзиу, директор на „Елемтурс“, Македонија во преговорите со Техно Алпин има намера да настапи со една поинаква стратегија, форсирајќи ја реализацијата на Мастер планот подготвен во 2010 година од Ekosign. Авзиу намерите на „Елемтурс“ ги објасни во емисијата „Економски магазин“ на Алсат-М:

Плусинфо, со помош на нашиот ски-експерт Жарко Трпкоски, претседател на ски-клубот „Љуботен“ и долгогодишен директор на Шарпланинскиот куп (од 1994 до 2009 година), човек со големи познавања и многу контакти со експерти за проектирање и изградба на ски-центри, го рецензираше тој план и укажа на неговите клучни слабости.

ЗА ПОПОВА ШАПКА СЕ ПОТРЕБНИ МНОГУ ПАРИ, АМА И ПОДОБАР ПЛАН Експерт ги открива слабостите на Мастер планот и предлага решенија (АНАЛИЗА)

За жал, во спомнатото интервју за Алсат-М, директорот на „Елемтурс“ вели дека според нивните планови, приоритет за првата фаза ќе биде санација на постоечките ски-лифтови и посебно на сегашниот двосед „Св. Илија“ (на чие место ќе се подигне шестосед), две нови ски-патеки на левата страна од „Св. Илија“ кон месноста Репетитори, нови паркинзи и пристапни патишта до нив, заснежување на сите постоечки патеки со вештачки снег, два нови хотела и реновирање на хотелот „Славија“, а по можност и гондола од Тетово до Попова Шапка.

Што се однесува до гондолата, јасно е дека со инвеститорите ќе се водат многу тешки преговори, бидејќи тоа ќе биде скапа инвестиција што нема многу да им значи на скијачите. Од Тетово до Попова Шапка и сега води пристоен пат, кој во зимски услови треба добро да се одржува. Клучниот проблем на стратегијата на „Елемтурс“ е форсирањето на јужната страна на падината, од Аеродром до Репетитори, која може да биде идеална за изградба на хотелски капацитети, но не е погодна за скијање. Котите се ниски (околу 1.300 мнв), страната е јужна, а тоа значи задоцнет старт на сезоната, помалку скијачки денови, потешко заснежување на патеките со вештачки снег и поскапо одржување на патеките.

Тој концепт е целосно спротивен на трендовите за „освојување“ што повисоки коти (над 1.500 мнв) и кога за тоа постои можност, за ориентирање кон северните страни на падините, кои секогаш „држат“ поквалитетен снег до доцна во сезоната. Природата, за среќа, нашата снежна убавица Шара ја обдарила токму со такви предности. И тие предности се увидени во една студија за развој на зимскиот туризам на Попова Шапка – Јелак од 1974 година, подготвено од Студиото Акау од Женева. Во таа студија се испроектирани сите поважни патеки во овој дел од планината. Во меѓувреме, во овие безмалку 50 години, техниката драстично напредуваше, но планината не е променета. Го замоливме нашиот експерт Трпковски да ги објасни наодите во оваа студија и неговата анализа ја објавуваме на крајот на овој напис.

Што знаат фри-рајдерите, а не знаат нашите „стратези“?

Во овој момент овој ски-центар не можете ни да го најдете на мапите на познатите центри во регионот. Но, за една ретка категорија скијачи, Попова Шапка е познато име. Токму поради изобилието на квалитетен снег на високите северни падини. Тоа се фри-рајдерите, скијачите кои до највисоките коти пристапуваат со специјални возила (ратраци) или дури и пешки и потоа скијаат по необработени патеки. Најубавите патеки за фри-рајд се наоѓаат токму на овој потег, на падините од Син Врв и Церипашина кон Јелак и кон сегашното јадро на Попова Шапка. Кој не верува, еве нека ужива малку:

И тука доаѓаме до најважната поента – дали е можно да се „нападне“ северната страна и тоа да се „помири“ со идеите на „Елемтурс“?Да, можно е. И тоа уште во првата фаза на проектот. После толку многу написи за Попова Шапка, врз основа на разговори со разни експерти (пред се со Жарко Трпкоски, кој и мене ми ја промени перспективата) и после многу истражување, си земам слобода да  презентирам еден можен план за вин-вин решение во 5 точки:

1. Добра е идејата за оснежување на сите постоечки патеки со вештачки снег, за реконструкција на сите постоечки лифтови, па дури и за изградба на нов шестосед на местото на сегашниот двосед „Св. Илија“ на јужната падина, вклучувајќи и изградба на голем паркинг на оваа локација и пристапен пат до него. Иако, за волја на вистината, тој нов шестосед би „освоил“ кота која веќе е освоена од постоечкиот шестосед, чија изградба беше приказна за себе. Доколку инвеститорот има желба да стартува со два нови хотела, јужната падина веројатно е вистинското место за нив.

2. Еден голем централен паркинг во месноста Сидол (која се наоѓа практично на патот кон Попова Шапка, над Лисец), треба да биде почетната точка од која скијачите ќе ја освојуваат северната падина во ски-зоната Јелак. На оваа локација и сега постои мал импровизиран паркинг, од каде што во екот на сезоната, кога патот нагоре кон Попова Шапка се затвора поради преголем метеж, комбиња ги преземаат скијачите и го носат до терените. На оваа локација постои голем рамен простор, на кој може и треба да се изгради еден голем паркинг, покриен со гранулиран камен а не со асфалт (поевтино и попрактично)

3. Од паркингот Сидол еден лифт (шестосед) треба да води до превојот Попова Шапка – Јелак. Ова е втората клучна кота што мора да се освои. Од тука води патека удолу кон домот Јелак на север и удолу на југ кон сегашното централно јадро на Попова Шапка. Ова е идеално место за бачила и за друга инфраструктира за одмор на скијачите, кои потоа од тука ќе се враќаат до Сидол, скијајќи низ еден прекрасен предел.

4. Од домот Јелак кон Син Врв (врвот позади Церипашина, погледнато кон север) треба да се подигне шестосед. Оваа ски-зона треба да добие посебно име, нормално Јелак. И така како што Боровец има три зони (Ситњаково, Јастребец и Маркуџик на над 2.300 мнв), така и нашиот центар, за почеток, ќе има две зони – Попова Шапка и Јелак. Тука, од Син Врв и Церипашина кон Јелак и кон Попова Шапка, всушност, е вистинскиот скијачкиот рај што треба да се открие. Тука се најубавите патеки, од кои поголем дел ги исполнуваат критериуми и за почетници скијачи.

5. Со ваква организација, добар дел од скијачите ќе го напуштат патот од Тетово кон Попова Шапка и ќе се паркираат кај Сидол над Лисец. Помал дел ќе се упатуваат кон паркингот на јужната падина кај стартот на „Св. Илија“. Патот во продолжение, како и сега, ќе води до викенд-населбата и до почетокот на сегашниот шестосед и до седешницата кон Церипашина. Сепак, за целосно поврзување на сите патеки и лифтови, еден шестосед може да се подигне од кривината кај Воениот дом до превојот Попова Шапка – Јелак.

Во продолжение, анализата на Жарко Трпкоски на испроектираните ски-патеки и на нивните карактеристики:

Преглед на патеките за смук во ски доменот Попова Шапка – Јелаk

Патеките за смук во ски-доменот Попова Шапка – Јелак се идентификувани во „Студијата за развој на зимскиот туризам на Попова Шапка- Јелак“ (1974 година), од г-ѓа Надин и г-н Жан Итен, архитекти-урбанисти од студиото за архитектура и урбанизам Акау, Женева, на која ѝ претходи студијата „Развој на зимскиот туризам во Југославија“ (1968 година), нарачана од ОЕЦД, Париз, изработена од истата проектантска куќа, од архитектите-урбанисти г-н Е. Мишел Ре и г-н Жан Итен.

Архитектите-урбанисти од Акау, во периодот пред 1968 година, а посебно од 1970 до 1974 година, повеќе пати ги извидувале терените на Попова Шапка – Јелак, во различни периоди од годината, сами или во придружба на познавачи на масивот Шар Планина, пешки, со скии и со помош на општинските власти, со џип и со гасеничар. Овие различни извидувања и дискусиите со компетентни личности, познавачи на Шар Планина, биле основа за составување на студијата.

Потенцијалот на ски доменот Попова Шапка – Јелак е дефиниран со ски патеките со вкупна висинска разлика од околу 11.000 метри, од кои 6 патеки за смук со денивелација од близу 1.000 метри, кои ги задоволуваат критериумите на ФИС. Потенцијалот на доменот Попова Шапка – Јелак се споредува со потенцијалот на светски познатиот туристички центар Цермат, еден од нajзначајните на Алпите, чии патеки имаат вкупна денивелација 32.500 метри, од кои 11 патеки со денивелација поголема од 1.000 метри. Патеките на Попова Шапка – Јелак се една третина од Цермат, додека потенцијалот на цела Шар Планина, пак, со 100.000 метри вкупна денивелација на патеките, од кои 80 патеки со денивелација над 1.000 метри, е три пати поголем од тој на масивот Цермат.

Од горната табела може да се види дека капацитетот на патеките на Јелак учествува со скоро 60 % според висинската разлика во вкупниот потенцијал на доменот Попова Шапка – Јелак. Но, она што е уште поважно е дека патеките на Јелак се извонредни, со северозападна до североисточна ориентација, која обезбедува долготрајна снежна покривка и снег со најдобар квалитет. Долниот дел на патеките се наоѓаат во пошумени зони и се посебно пријатни во идеалните сончеви денови, но и во магловитите „бели“ денови.

Во ски доменот Попова Шапка – Јелак идентификувани се 6 патеки за смук коишто ги задоволуваат критериумите на ФИС со денивелација од 800 до 1.100 метри.

Пет патеки се во доменот Јелак и една во скијачкиот домен Попова Шапка. Стартот на 4 патеки е под Син Врв на 2.470 мнв и 2 патеки од Церипащина на 2.530 мнв. Целта на Јелашките патеки се во две заравнини, една на 1.500 и другата на 1.600 мнв.

Патеката Баубинува, која тргнува од Церипашина и се спушта до главниот истек на Попова Шапка на 1.700 мнв, е истата патека на првиот Шарпланински смук од 1947 година, со што започнува големата меѓународна репутација и традиција на Шарпланинскиот куп.

Важно е да се напомене дека во моментот кога е правена студијата, 1974 година, во тогашна Југославија немало хомологизирана патека за смук, се до Сарајево ЗОИ ’84, кога се хомологизирани 2 патеки и толку, така е до ден денешен. Во тој контекст, може да се оцени колкав потенцијал лежи во доменот Попова Шапка – Јелак. Со хомологизирање барем на една патека за спуст и една за супер џи, со врвни карактеристики, туристичкиот ски центар Попова Шапка –  Јелак ќе може да организира и натпревари од меѓународна класа во сите четири алпски дисциплини.

Поврзани содржини