ЌЕ ГО ИЗГРАДИМЕ ЧЕБРЕН, ЌЕ ЈА ПРОДОЛЖИМЕ ГАСИФИКАЦИЈАТА Од ВМРО-ДПМНЕ ветуваат енергетска независност на земјава
Од партијата велат дека посебно внимание ќе се обрне на дистрибутивниот систем за природен гас и тоа со правилна стратегија, со паролата „Гас до секое домаќинство во Македонија" се со цел секој граѓанин да му биде овозможен пристап до природен гас.
ВМРО-ДПМНЕ ветува дека главен акцент во работењето, ако дојде на власт, ќе биде спроведување на проекти во енергетиката, преку кои, Македонија ќе стане независно енергетска земја.
Како што се наведува во денешното соопштение, посебно внимание ќе се обрне на дистрибутивниот систем за природен гас и тоа со правилна стратегија, со паролата „Гас до секое домаќинство во Македонија” се со цел секој граѓанин да му биде овозможен пристап до природен гас.
„По преземањето на власта ќе се посвети внимание на гасификација, како изградба на интерконекторите за природен гас, со соседните земји, потоа изградба на примарната инфраструктура, со цел да можеме без проблем да се поврзат двете когенеративни постројки, но истовремено и на примарна преносна мрежа за гас и за другите градови, со цел во иднина и таму да се направат постројки за топлинска и електрична енергија.
Интензивно ќе се започне со градба на топлификациони мрежи за почеток, Битола и Скопје, односно Скопје има но не во цел град и затоа ќе се продолжи. Најважното што го интересира секое домаќинство, тоа е електричната енергија, бомбардирани сме од фотоволтаици и ветерни електрани, кои ги градат приватни тајкуни од кастата на СДСМ и ДУИ, земјата ни е одземена, а од таа енергија нема ни трага ни глас, се продава по белиот свет“, се вели во соопштението.
Од партијата додаваат дека посебно место ќе има проектот Чебрен.
„Проектот за изградба на централата Чебрен, ќе биде предмет на една сериозна, научна физибилити студија која треба да е дело на македонските универзитети, експерти и стручњаци, МАНУ и македонските компании.
На Македонија од стратешка природа и е потребен уште еден голем резервоар на вода. Тоа е проект кој треба да се гледа долгорочно и тоа е проект за иднината, не само за Македонија како држава, туку и за иднината на идните генерации, кои се неродени, тој проект нема само енергетско значење, туку може да има социоекономско и да има огромно значење во земјоделието, бидејќи системот кој понатаму каскадно ќе следи, практично служи за наводнување на десетици илјади хектари земјоделска површина“, се наведува во соопштението.
Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека катастрофалната состојба во енергетиката, во Македонија, која ја оставија ДУИ и СДСМ, ќе биде исправена, со многубројни значајни проекти, преку кои бенефит ќе имаат како граѓаните така и државата.