Ќе гледаме ли во кампањата јадење живи луѓе, како што најави Заев пред единаесет години?

Другарчињата сепак нека внимаваат. Времињата се сменети. Да не им запне залакот в грло...

6,199
На само два дена пред официјалниот почеток на изборната кампања за локалните избори, Финансиската полиција му поднесе кривична пријава на актуелниот градоначалник на Општина Петровец од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, кој е кандидат и за нов мандат.
Во информациите објавени во медиумите, пријавата е детално опишана и по природата на нештата, во земја во која ретко се почитува презумпцијата на невиност, таа се зема здраво за готово. Речиси како пресуда.
 
Зошто баш на два дена пред изборите?
 
Работите стануваат појасни ако се знае дека Финансиската полиција постапувала по барање на вицепремиерот Љупчо Николовски, а овој, пак, реагирал на „анонимна пријава”. Така барем е соопштено.
 
Баш згодно. Ако сакаш да го оцрниш политичкиот противник, напиши за него анонимка, потоа министерот за антикорупција ќе пријави во полиција (финансиска полиција во случајов), а таа ќе истражува, ќе истражува и на два дена пред почетокот на изборната кампања, триумфално ќе објави кривична пријава. И власта ќе се надева дека со самото тоа кандидатот на опозицијата е политички нокаутиран.
 
Хммм… Не сум баш сигурен дека ваквите грди манипулации и злоупотреби на институциите на овие избори ќе поминат баш лесно. Веќе ги има и ќе ги има, но големо прашање е каков ефект ќе предизвикаат.
 
Го гледам Максо во Куманово, на пример. Смирено, со такт, но прилично остро ѝ објаснува некои работи на полициската инспекторка, очигледно испратена да малтретира и да заплашува работници кои вршат градежни работи за општината. Ѝ кажува дека не е надлежна да го прави она што го прави. Фатена во тесно и вознемирена поради тоа, инспекторката прво нешто „рецитира” пред градоначалникот, а потоа се повлекува и бега, свесна дека се нашла на погрешно место, во погрешно време и со погрешна задача.
 
Кој и зошто ја довел оваа жена во непријатна ситуација? Зошто полицијата изигрува градежна инспекција? За да ги заплашува независниот кандидат Димитриевски и неговите приврзаници? За да испровоцира инцидент?
 
Кој и да го сторил тоа, треба да е свесен дека ваквите нелегитимни и политикантски акции за оцрнување на политичките противници, пред и за време на кампањата, ќе наидат на реакции. Се надевам, на многу остри реакции – од опозицијата, од медиумите, од независните набљудувачи на изборниот процес, како и од мисијата на ОБСЕ/ОДИХР.
 
Другарчињата мора да научат дека ваквите паланечки и простачки финти пред избори веќе не палат и дека со нив само себеси си прават штета!
 
Оти, веќе се знае за валканите планови во текот на кампањата дел од кандидатите на опозицијата да бидат затрупани со кривични пријави, а други да бидат заплашувани со закани и со копромитации, при што нема да се штедат ни членовите на нивните семејства и други луѓе околу нив.
 
Грдо е тоа. Многу грдо!
 
Ова ли е тоа јадење живи луѓе, што ни беше најавено од Зоран Заев во декември 2010 година? Малку ли беше реваншизам од 2017 година наваму? Или ќе има уште?
 
Само, сепак нека внимаваат другарчињата. Времињата се сменети. Да не им запнат залаците в грло…
Поврзани содржини