ЌЕ ГЛАСАМЕ НА КИЛОМЕТАРСКИ ЛИВЧИЊА, АМА СЕКОЈ ГЛАС ЌЕ ВРЕДИ ИСТО Македонија никогаш поблиску до една изборна единица!

Воведувањето една изборна единица повторно се враќа на маса како една од најгорливите теми во македонската политика. Додека премиерот Христијан Мицкоски повикува на обединување околу изборните реформи, аналитичарите го поздравуваат предлогот како фер и математички праведен. Но, старите етнички и партиски поделби стискаат кочница – особено албанските партии кои стравуваат од загуба на застапеност, и кај македонската опозиција која стравува од влијание на дијаспората.

2,508

Прашањето за воведување една изборна единица – тема која со години одѕвонува во македонските политички кругови – повторно се актуелизира откако премиерот Христијан Мицкоски на вчерашната собраниска седница го повика целото политичко милје да застане зад измените на Изборниот законик, со кои Македонија би се префрлила на модел со една изборна единица и овозможено гласање на дијаспората, не само во дипломатско-конзуларните претставништва, туку и надвор од нив, онаму каде што законите на другите држави го дозволуваат тоа.

Предлогот, иако има јасна поддршка од премиерот и од дел од пратениците од владејачкото мнозинство, уште во стартот ги отвори старите политички линии на поделба – делумно по етничка, делумно по партиска логика.






Според аналитичарите, моделот на една изборна единица е најблиску до начелата на фер застапеност, но и до намалување на т.н. „мртви гласови“, односно оние гласови кои пропаѓаат и коишто никогаш не се преточуваат во пратенички мандати.

Сè почесто се спомнува и логистичката оневозможеност за гласање на дијаспората. Експертите и дел од пратениците се согласни дека нашинците во странство треба да имаат право на глас, но тоа треба да се овозможи со воведување електронско или гласање по пошта, а не со патување стотици километри до најблиското дипломатско-конзуларно претставништво (ДКП).

Најсилно противење, според познавачите, се очекува од албанските политички партии, за кои сегашниот систем претставува баланс што им гарантира бројна застапеност во Парламентот.

Математички издржано

Воведувањето една изборна единица е математички издржано, особено поради тоа што Македонија е мала држава и воопшто нема потреба од шест изборни единици, вели политичкиот аналитичар Петар Арсовски за Плусинфо.

Една изборна единица многу поточно го пресликува расположението на гласачкото тело отколку 6 изборни единици.

Петар Арсовски Политички аналитичар

– Досега се зборуваше за три измени на Изборниот законик. Едната беше да има отворени листи, а тоа значи гласачите да можат во списокот даден од партиите да кажат кој да оди понапред, а кој поназад. Втората измена беше воведување една изборна единица. И третата беше една изборна единица и гласање на дијаспората. Отворените листи изгледаат многу комплициран проект и затоа можеби политичките партии во последно време ја игнорираат оваа промена, иако таа е препорачлива затоа што ќе овозможни директен линк помеѓу избирачите и избраните. Затоа велам дека воведувањето една изборна единица е математички издржано и многу практично решение. Нема потреба да има шест изборни единици, особено поради тоа што таквото нешто овозможува во одредена изборна единица пратеник да се избира со 9.000 гласови, а во друга изборна единица пратеник да се избира со 6.000 гласови. И тоа е разлика од скоро 50% во бројот на гласови потребни за еден човек да влезе во Парламентот. Значи, во принцип, математиката го поддржува спојувањето на Македонија во една изборна единица – објасни Арсовски.

Единствениот проблем, посочи тој, во воведувањето една изборна единица е тоа што на секое гласачко ливче ќе се појават по 120 кандидати за пратеници, односно гласачкото ливче ќе биде прилично долго.

– Идејата на Изборниот законик е што е можно поточно да се преслика расположението на гласачкото тело во Парламентот. Една изборна единица многу поточно го пресликува расположението на гласачкото тело отколку шест изборни единици. Политичките партии, особено албанските, досега се бунеа и не прифаќаа една изборна единица затоа што автоматски ќе се намали бројот на пратеници Албанци во македонскиот Парламент. Но, како што во моментов стојат работите, сметам дека повикот на премиерот Мицкоски е оправдан и би можел да биде поддржан од пратениците – изјави Арсовски.

Глас од дијаспората

Во однос на гласањето на дијаспората, апсолутно е потребно да им се овозможи на нашинците во странство да гласаат без да патуваат стотици, па и илјадници километри до дипломатско-конзуларните претставништва, туку тоа да можат да го сторат преку пошта или преку електронско гласање, додава Арсовски.

– Логистички е проблематично нашите луѓе од дијаспората да одат до дипломатско-конзуларните претставништва само за да гласаат. Логика во гласањето на дијаспората има само доколку се воведе далечинско гласање, бидејќи само така тие ќе можат да учествуваат во изборот на пратениците во Македонија. Ќе можат да гласаат нормално како да се дома. И тоа е нормално, бидејќи Македонија веќе има огромна дијаспора – изјави нашиот соговорник.

Арсовски смета дека опозицијата ќе се противи на предлогот дијаспората да гласа на изборите во Македонија.

– Традиционално, дијаспората е поддржувач на десничарските партии секаде во светот. Така што, сметам дека СДСМ ќе се противи на идејата да им се овозможни на нашинците во странство да гласаат, бидејќи знае дека најголемиот дел од дијаспората ќе гласа за ВМРО-ДПМНЕ. Но, не е важно дали ќе се противи една партија или нема да се противи. Многу поважно е да се изработи систем кајшто сите политички партии ќе имаат еднакво право да прават кампања, ќе имаат еднаков пристап до гласачите и еднаков број гласачи ќе имаат право да гласаат. А дали на некоја партија ѝ одговара или не ѝ одговара, тоа е секундардно прашање – објасни Арсовски.

СДСМ и Левица не велат „не“

Лидерот на СДСМ Венко Филипче изјави дека е подготвен да разговара за воведување една изборна единица, но како што додаде, за ваквиот предлог треба да се разговара со сите политички партии.

– Подготвени сме да разговараме за било што, меѓутоа тоа е работа во која треба да учествуваат сите политички партии затоа што не е само прашањето за една изборна единица, туку тука е и прашањето за цензусот, за отворените листи – кратко изјави Филипче.

Од Левица, пак, велат дека токму воведувањето една изборна единица е нивниот највисок политички приоритет.

– Уште на почетокот на овој мандат кога се носеа измените за да се отворат нови министерства, а за кои беше потребно двотретинско мнозинство, ние на власта ѝ ги понудивме нашите шест пратеници во замена за воведување една изборна единица – ни изјави пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ.

На албанските политички партии никако не им одговара воведување една изборна единица. За нив идеално е да има три изборни единици, од кои едната ќе им носи најмногу албански пратеници. И мислам дека сегашните шест изборни единици претставуваат некаков компромис помеѓу една и три изборни единици.

Амар Мециновиќ Пратеник, Левица

Тој вели дека токму воведувањето една изборна единица е еден од највисоките политички приоритети на партијата.

– Во процесот на носење на измените на Изборниот законик, ние ќе се заложиме за воведување една изборна единица како наш највисок приоритет. Јасно ни е нам, и вам, и на гласачите, па и на ОБСЕ, дека со сегашниот изборен модел многу гласови пропаѓаат. Затоа, сметаме дека е неопходно воведување една изборна единица, ама би дискутирале за деталите, особено за оние детали кои се поврзани со дијаспората. Спремни сме уште веднаш да почнеме да дискутираме како да се направат потребните измени – објасни Мециновиќ.

Сепак, тој предвидува дека битката ќе биде многу тешка.

– На албанските политички партии никако не им одговара воведување една изборна единица. За нив идеално е да има три изборни единици, од кои едната ќе им носи најмногу албански пратеници. И мислам дека сегашните шест изборни единици претставуваат некаков компромис помеѓу една и три изборни единици. Лично мислам дека владејачкото мнозинство нема да има храброст за да воведе една изборна единица, но можно е да изненади – ни изјави Мециновиќ.

Од Демократска обнова на Македонија (ДОМ) ја поздравуваат иницијативата на премиерот за воведување една изборна единица, но како што додаваат оттаму, истата треба да биде проширена со воведување на пропорционален изборен систем, без праг, со отворени листи и со 50% застапеност на жени на листите.
„Ова е предлог за кој ние со години се залагаме и за кој сме убедени дека е клучот за посуштинска демократизација и поправедно претставување на граѓаните во нашето Собрание“, велат меѓу другото од ДОМ.

Официјален став се обидовме да побараме и од коалицијата Вреди, но до објавувањето на текстот не добивме одговор.

АЈДЕ ДА ИЗГЛАСАМЕ ЕДНА ИЗБОРНА ЕДИНИЦА, АМА ДА ЈА ВКЛУЧИМЕ И ДИЈАСПОРАТА Мицкоски со предлог до опозицијата

 

Поврзани содржини