ЌЕ ГИ „ЗАКОПА“ ЛИ ГАШИ ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА БРАНИТЕЛИ? Предлогот на Славјанка Петровска се сопна на првиот чекор

Повеќе предлози за обештетување на бранителите во изминатите години поминаа неславно. Предлогот на пратеничката на СДСМ многумина го оценуваат како збунувачки и комплициран, но собранискиот Деловник наложува тој да влезе во собранискла процедура. Наспроти ова, пратеничката Илире Даути и спикерот Африм Гаши одбиваат да свикаат седница на надлежната собраниска комисија.

139

Заглавија ли предложените измени на Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили на Македонија на почетокот на собраниската процедура?

Претседателката на собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади, Илире Даути, од Европскиот фронт (ДУИ), вчера не закажа расправа за овој закон во рок од 24 часа по изгласувањето на потребата за неговото донесување на пленарна седница. Потоа ни спикерот Африм Гаши не ја закажа седницата на матичната комисија.






Прекршен собранискиот Деловник?

Со тоа, двајцата го прекршија Деловниикот за работа на Собранието, па засега останува неизвесно каква „судбина“ ќе имаат измените што ги предложи пратеничката Славјанка Петровска од СДСМ, кои не дочекаат да влезат во собраниска процедура кога таа партија беше на власт. Неизвесно е и тоа дали предложените измени ќе останат за „уметнички впечаток“ и никогаш нема да бидат усвоени, како што досега поминаа повеќе предлози за обештетување на бранителите.

Од Собранието не одговараат на новинарските прашања зошто Гаши не ја закажува собраниската комисија, откако пратеничката Даути вчера изрично одби да го стори тоа, со објаснување за медиумите дека ја исполнила должноста како пратеничка Албанка и дека нема да закажува „закон што селектираат и дискриминира и не предвидува решение на статусот и правата и на борците и инвалидите на ОНА“.

Пратеничката Петровска, која е предлагач на законските измени, вели дека очекува Гаши да не дејствува партиски, да го почитува Деловникот и да ја закаже седницата на собраниската Комисија за социјална политика.

– Како што ја закажа за денеска седницата на Комисијата за финансирање и буџет во врска со задолжувањето од унгарската банка, исто така треба да ја закаже и седницата на оваа комисија, откако претседателката одби да гп стори тоа. Според Деловникот, роковите се кратки, затоа што измените се носат по скратена постапка. Јас го повикувам спикерот Гаши да не делува партиски, туку како прв парламентарец меѓу еднаквите и да ја закаже комисиската седница – вели Петровска за Плусинфо.

Кој создава меѓуетнички тензии?

Предлог-измените на Законот за безбедносните сили вчера предизвика бура помеѓу македонскиот и албанскиот политички блоки помеѓу власта и опозицијата. Откако опозициската ДУИ и владејачката коалиција Вреди категорично се изјаснија дека нема да го поддржат овој закон додека не се донесе и закон за правата на борците од поранешна ОНА, владејачката ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски вчера ги обвини СДСМ и ДУИ дека со овој предлог сакаат да создадат меѓуетнички тензии.

Пратеничката Петровска не се согласува со тоа тврдење и потсетува дека ВМРО-ДПМНЕ. додека беше во опозиција, лани поднесе сличен закон за обештетување на правата на бранителите.

– Ова законско решение е слично на она што го поднесе Драган Ковачки. Во тоа време ние го носевме Законот за вработените во Министерството за одбрана, за прв пат се носеше таков закон во државата, а ВМРО-ДПМНЕ го блокираше со над илјада амандмани. Нивната поддршка ја условуваа со наша поддршка на измените на Законот за бранители. Па затоа, ги прашувам, како сега СДСМ со овој предлог посакува дестабилизација и дали тие, исто така, со цел дестабилизаицја, тогаш предложија сличен предлог за бранителите? И ако сметаат дека целта е да се предизвикаат меѓуетнички тензии, зошто тогаш завчера го поддржааа ставањето на овој закон на дневниот ред на пленарната седница во Собранието? – вели Петровска.

Што предвидува предлогот на Славјанка Петровска?

Според предлогот на Петровска, еднократен надоместок за нематеријална штета од 80.000 евра ќе им се исплати на семејство на загинат или починат припадник на Армијата и на Министерството за внатрешни работи, а оваа одредба важи за семејствата на сите војници и полицајци кои ги изгубиле животите во вршењето на службените должности во периодот од 1991 до 2024 година. Еднократниот надомесок ќе им се исплати и на семејствата на загинатите војници во хеликоптерската несреќа кај Катлановско Блаце во 2008 година, на семејствата на загинатите полицајци во авионската несреќа во Ротимље кај Мостар, Босна и Херцеговина, на семејствата на загинатите во полицајци во хеликоптерската несреќа во Струмица во 2014 година, како и на семејствата на загинатите полицајци во Диво Насеље, Куманово во 2015 година.

Доколку членовите на семејствата веќе добиле паричен надоместок според досегашното законско решение, ќе им се исплати само разликата до новата сума на надоместокот. Целта на измените е да се изедначи надоместокот членовите на семејствата на безбедносните сили.

Стојанче Ангелов не се согласува со предлогот

Претседателот на партијата на бранителите Достоинство, Стојанче Ангелов, вели дека и тој пред неколку месеци предложил сличен закон за обештетување на припадниците на безбедносните сили, но со помала сума за надоместокот. Тој не се согласува во овој закон да бидат опфатени и загинатите во хеликоптерските несреќи, претседателскиот авион и во терористичкиот напад во Диво Насеље.

– Семејствата на загинатите во нереќата кај Катаново се обештетени, а обештетени се и семејствата на загинатите во Диво Насеље. Полицајците во Струмица, пак, во хеликоптерската несреќа загинаа во несреќен случај, не во акција за одбрана на државата. Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили на Македонија точно дефинираат на кои сили се однесува – на војници и полицајци кои организирано учествувале во одбрана на независноста, територијалниот интегритет и суверенитетот на Македонија и во спречување на насилно уривање на демократските институции, сметано од 1 јануари 2000 година. Хеликоптерските несреќи не беа организирана одбрана на суверенитетот, туку беа несреќи, а Диво Насеље беше терористички напад. Доколку и овие категории бидат опфатени, во законот ќе треба да се измени и законската дефиниција на поимот припадник на безбедносните сили на кои овој закон се однесува – вели Ангеловски за Плусинфо.

Со амандмани измените можат да се подобрат

На овие забелешки пратеничката Петровска одговара дека доколку Ангелов смета дека е потребно да се измени дефиницијата за безбеднисните може слободно да поднесе иницијатива и преку некој пратеник да се поднесе амандман за тоа.

– Јас повикав секој кој смета дека има начини ова законско решение да се подобри, да го надополни предлогот со амандмани, кои парламентарното мнозинство може да ги усвои – вели Петровска.

Поврзани содржини
na