ЏЕЈ ДИ ВЕНС Е ИДНИОТ НАСЛЕДНИК НА ТРАМП?! Американскиот претседател има двајца фаворити за лидери на МАГА
Претседателот на САД, Доналд Трамп, за првпат јавно го посочи потпретседателот Џеј Ди Венс како веројатен наследник на движењето МАГА, но сепак се воздржа од конкретна поддршка за кој било кандидат за 2028 година.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, го гледа потпретседателот Џеј Ди Венс како личноста која ќе ја преземе водечката улога во неговото движење „Да ја направиме Америка повторно голема“ (МАГА) во иднина, како и можен републикански претседателски кандидат во 2028 година.
– Па, мислам дека најверојатно. Да бидеме фер, тој е потпретседателот – изјави Трамп на прашање дали Венс е наследникот на МАГА, за време на настан во Белата куќа во вторникот.
Тој, исто така, сугерираше дека Марко Рубио – кој моментално служи како државен секретар, вршител на должноста советник за национална безбедност и вршител на должноста државен архивар на САД – би можел да му се придружи на Венс на некоја идна републиканска претседателска листа, како „некој со кого можеби би се здружил со Џеј Ди на некој начин“.
Трамп се воздржа од конкретна поддршка за кој било кандидат
Но, Трамп сепак се воздржа од конкретна поддршка за кој било кандидат за 2028 година.
Ова е најблиску до тоа Трамп да покаже отворена поддршка на Венс за идна претседателска кандидатура.
Кога во февруари беше прашан дали го гледа Венс како свој наследник, Трамп рече:
– Не, но тој е многу способен.
Тогаш додаде дека е „прерано“ да се размислува за 2028 година.
– Мислам и дека имаме неверојатни луѓе, некои од луѓето се тука со мене на бината. Значи, прерано е, секако, да се зборува за тоа, но тој навистина одлично си ја врши работата и најверојатно би бил фаворит во овој момент – рече Трамп во вторникот, додека стоеше покрај секретарката за внатрешна безбедност Кристи Ноем и покрај главната обвинителка Пем Бонди, меѓу другите.
Трамп уште во мај ги именуваше Венс и Рубио како можни наследници.
Рубио нема огромни амбиции за претседателска функција
Најновиот коментар на Трамп доаѓа откако Рубио минатиот месец изјави дека Венс „би бил одличен кандидат ако реши да се кандидира“.
Рубио, кој се кандидираше за претседател во 2016 година, ги намали своите лични амбиции во интервју за „Фокс њуз“, велејќи дека е фокусиран на својата моментална функција државен секретар и дека би бил задоволен ако тоа биде „врвот“ на неговата кариера во јавната служба. Сепак, додаде:
– Никогаш не знаете што носи иднината; никогаш не треба да се исклучи нешто.
Овие коментари доаѓаат и откако Трамп во вторникот изјави дека „најверојатно нема“ повторно да се кандидира за претседател. Тој и неговите сојузници во неколку наврати ја спомнаа идејата за трет мандат. Тоа е забрането според 22. амандман на Уставот, но Трамп постојано навестува дека постојат „методи“ со кои би можел да го заобиколи тоа.