Ќе ја киднапира ли Али Ахмети и кампањата на СДСМ?
Мојот одговор е во стилот на репликата на легендарниот Миќа Орловиќ, кој на точниот одговор на натпреварувачот во еден стар популарен квиз, ќе возврати: Да, ама не е битно! СДСМ ионака ќе доживее тежок пораз на изборите.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, изјави дека треба да се игнорира иницијативата на Али Ахмети во иднина шефот на државата да се избира во парламентот, со двотретинско и со Бадентерово мнозинство. И заменик шефот. И помошникот заменик…
И јас би играл така.
Со тоа не сакам да кажам дека таа и било која друга идеја за промена на Уставот е нелегитимна. Напротив.
Но, сега се избира претседател на општи и непосредни избори, со мандат од 5 години. После изборите и по конституирањето на извршната власт, ќе има доволно време спокојно да се дебатира за сите иницијативи и барања поврзани со конститутивниот акт.
Ова секако се однесува и на барањата на Албанците, но сигурен сум дека ќе има и иницијативи кои ќе потекнат од мнозинската етничка заедница, македонската. Подолго време експерти ја заговараат тезата дека нашиот „Франкештајн Устав“ треба темелно да се редизајнира во еден конзистентен акт.
Како и да е, Уставот во овој момент не произведува проблеми од животно значење за македонските граѓани и не постои сериозна причина токму сега, во пресрет на изборите, да се исцрпуваме во една конфликтна дебата за некакви недомислени нови уставни решенија.
Али Ахмети ги промовираше трите главни наративи на кампањата на ДУИ и на претседателскиот кандидат Бујар Османи – шеф на државата и негов заменик избран од парламентот; поделба на народот на т.н. проевропски фронт и на проруски илегални герилски единици; и Бугари во Уставот пред составувањето на новата влада после изборите.
Настрана фактот што самонаречениот „европски фронт“ не е баш европски како што се претставува – во рововите на тој фронт „европејците“ се длабоко зацапани во калта на корупцијата, која не е европска вредност. Да ја занемариме и болната вистина дека приказната за руското влијание во нашата земја е лажна вест со која се кодошат Македонците и се етикетираат како антиевропски ентитет во регионот. Настрана и проценката дека во новиот парламент најмалку половина од пратениците нема да гласаат за сегашниот предлог на уставните промени за внесување на Бугарите во конститутивниот акт.
Задачата тие наративи да ги спакува и да ги облагороди ја има Бујар Османи. И како што се виде во поткастот на Плусинфо, Османи прилично добро си ја врши својата работа.
Сепак, Али Ахмети не може да претендира да ја сетира агендата на целата кампања. Не може да му се дозволи тој да ги постави клучните точки на дневниот ред за кој ќе се расправа сега, но и во официјалниот дел од кампањата.
Ниту една партија не е обврзана да ги адресира темите кои нему му се важни и на нив да дава одговори.
Освен можеби СДСМ.
Само СДСМ веројатно нема да се осмели резолутно да се спротивстави на уценувачките тези на Али Ахмети (иако социјалдемокартите во почетокот ја отфрлија иницијативата за претседателот), бидејќи наративот за конфронтацијата меѓу т.н. европски и т.н. проруски сили е дел и од нивната пи-ар стратегија. Во таа смисла, како што беше случај и во владата на Димитар Ковачевски, така и сега во кампањата, социјалдемократите ќе бидат доживувани како партија под неформална команда на штабот од Мала Речица.
Ова дополнително го урнисува рејтингот на СДСМ во предизборието, веќе урнисан со кризата со личните документи и со други незгодни теми.
Верувајте, не би сакал да ги оспорам анализите на стратезите на и околу Бихаќка, за дострелите на нивното несудено предизборно партнерство и на нивната колаборација со ДУИ. Таму веројатно проценуваат дека социјалдемократите од тоа ќе добијат нешто, па и не е страшно Ахмети да ја киднапира и кампањата на СДСМ.
Секој си прави свој есап, иако есапот секогаш не излегува на пазар. А овој есап сигурно е погрешен.
Жал ми е што тоа морам да го кажам вака грубо, ама – мил ми е Платон, но помила ми е вистината.
Вистина е дека во пресрет на претстојните претседателски и парламентарни избори, електоратот очекува решенија за многу крупни проблеми кои го оптоваруваат животот на граѓаните. Македонија станува сѐ посиромашна, сѐ покорумпирана и сѐ покриминализирана, таа веќе е едно непристојно место за живеење и затоа луѓето масовно се иселуваат од своите огништа.
Сериозните политичари кои ги бараат гласовите на избирачите не смеат да си дозволат дебатата да се измести и да се префрли во дискурсот на т.н. геополитички теми. Иако кај нас сите се експерти за геополитика, па затоа и не знаеме зошто се урна авионот на Борис Трајковски, но знаеме кој и како го убил рускиот опозиционер Алексеј Навални.
Сериозните политичари не смеат сега да се фокусираат и на идеите за преуредување на односите меѓу двете најголеми етнички заедници. Особено не сега, кога албанската заедница доживува најголем напредок во историјата на македонската држава. Нема никакво оправдување за форсирање на една таква чувствителна дебата, во која неодговорни поединци можат да предизвикаат меѓуетнички тензии.
Ете затоа, на иницијативата на Ахмети треба да се одговори во стилот на репликата на легендарниот Миќа Орловиќ, кој на точниот одговор на натпреварувачот во еден стар популарен квиз, ќе возврати: Да, ама не е битно!
Значи, изберете „да“ или „не“, но задолжително со додавката „не е битно“.
Дали си за промена на Уставот, со цел претседателот да се бира во парламентот?
Мојот одговор гласи: Не, ама не е битно!
И насловното прашање: Ќе ја киднапира ли Али Ахмети и кампањата на СДСМ?
Мојот одговор: Да, ама не е битно!
И вака и онака, СДСМ ќе доживее тежок пораз на изборите.