Две жени и дете депортирани од Турција вчера се прифатени во Скопје

598
Три женски лица се прифатени во постапка за депортација од Турција во текот на вечерта на 10.03.2020 година, преку Меѓународниот аеродром Скопје. Од нив две се со регулиран статус на државјанки на  Македонија и едно малолетно лице од две години, за кое треба да се спроведе постапка за стекнување државјанство. Лицата се депортирани со редовен авионски лет од Република Турција, поточно од бегалскиот камп Газиантеп, откако претходно одреден период престојувале во воените зони во Сирија и во Ирак.
На аеродромот во Скопје, трите лица биле прифатени од стручни екипи на Министерството за здравство, Министерството за труд и социјална политика и Министерството за внатрешни работи при што сите екипи постапиле во рамките на своите надлежности, соопшти Владата.

Согласно протоколите за здравствена и социјална заштита, на аеродромот се направени првите контролни здравствени прегледи и извршени анкети и разговори, при што им се дадени и совети за нивното натамошно згрижување, здравствена и социјална заштита.

Откако се направени службени формалности за потврдување на идентитетот и првичните здравствени прегледи, тие се информирани дека согласно член 31 од Законот за заштита на населението од заразни болести, како и поради нивно здравствено згрижување и потреба од остварување на правата од социјалната заштита, им е врачено решение за ставање под здравствен надзор и обезбедување на здравствена заштита.

Лицата се сместени во објект под надзор на Министерството за труд и социјална политика, Центарот за социјални работи Скопје, поради фактот дека доаѓаат од подрачја со зголемен епидемиолошки ризик, вклучително и поради тековните мерки за превенција од корона вирусот.

Откако ќе помине периодот на здравствен надзор, и ќе бидат завршени сите медицински прегледи и тестови, особено од аспект на здравствена заштита на двегодишното дете, по претходна одлука на соодветен стручен тим од Министерството за здравство, на трите женски лица ќе им биде овозможено да бидат прифатени од нивните најблиски, како и да бидат интегрирани во системот за социјална заштита по стручна процена на надлежните служби на Министерството за труд и социјална политика.

Поврзани содржини