Две парични награди од државата за освоени медали во странство на основецот Дамјан на кој МОН не му даде награда што победи средношколци на натпревар по математика

„Детето чудо“ Давков освои сребрен медал на Јуниорска балканска математичка олимпијада и бронзен медал на Балканската математичка олимпијада.

438

Министерството за образование и наука ќе му додели две парични награди на „детето чудо“ Дамјан Давков од Штип на кое му ја скрати наградата бидејќи како основец учествувал на натпревар по математика за средношколци и таму освоил прво место. Наградите овој пат МОН  ќе му ги даде за освоени високи места на меѓународни математички натпревари, односно за освоениот сребрен медал на Јуниорска балканска математичка олимпијада и за освоениот бронзен медал на Балканската математичка олимпијада. Двата натпревара беа одржани во 2020 година.

Од Министерството за образование кое официјално соопшти дека ќе му ги додели паричните награди соопштија дека Комисијата за оценување на апликациите  овој пат оценила дека ученикот ги исполнил условите за добивање парична награда од државата.






Давков, како што соопшти МОН  имал две апликации на јавниот повик за доделување парична награда за освоена прва, втора или трета награда или златен, сребрен, односно бронзен медал на меѓународен натпревар од областа на математиката, информатиката и природните науки на кој се наградуваат и наставникот  кој му предава на ученикот и менторот.

„Младите како Дамјан Давков се најдобриот репрезент на државата на меѓународно ниво и потврда дека имаме висок човечки потенцијал кој ќе обезбеди подобра иднина за општеството. Министерството за образование и наука ќе продолжи да ги поддржува талентираните ученици и во иднина, вреднувајќи го нивниот труд и постигнати резултати и стимулирајќи го развојот на нивниот капацитет, преку доделување стипендии за талентирани средношколци, доделување парични награди за освоени први места на државни натпревари и високи постигнувања на меѓународни натпревари и олимпијади“, се наведува во соопштението.

МОН, се додава во соопштението, ќе настојува  и понатаму да креира нови и да ги унапредува постојните политики за поддршка на талентираните ученици, со цел овозможување целосно остварување на нивниот потенцијал и стимулација за вложување на сопствените знаења и способности во развојот на државата.

„Младите се дел од целиот тој процес преку групата МОН-млади формираната на иницијатива на министерката Царовска,  преку која даваат свој придонес во дефинирањето на новите мерки, активности, проекти и слично“, стои во соопштението.

Но, претходно МОН не мислеше така кога го одби неговото барање за парична награда за освоено прво место на државен натпревар по математика за средношколци. Комисијата на МОН тогаш оцени дека основецот не требало да се натпреварува на натрпевар за средношколци иако пред тоа на основец му било дозволено да се натпреварува со повозрасни ученици од него. Награда не му беше доделена ниту на неговиот наставник и ментор Кокан Радев од основното училиште ,,Ванчо Прќе” од Штип, бидејќи и тој не предавал на средношколци туку на основци.

 

Поврзани содржини