ДВЕ НЕДЕЛИ ИНСПЕКЦИЈА, А „ЗИМЗОЛЕНД“ НЕ ЗАПИРА Општина Аеродром тврди дека само проверува документи

Општината уверува дека не стои зад организацијата и најавува мерки по завршување на инспекциската постапка.

584

Општина Аеродром соопшти дека инспекциските служби веќе две недели работат на случајот со „Зимзоленд“, манифестација која беше поставена на приватно земјиште и предизвика реакции во јавноста. Од Општината велат дека постапката е започната на 28 ноември и дека сите околности околу одобрението за поставена урбана опрема темелно се проверуваат.

Иако „Зимзоленд“ секојдневно привлекува голем број посетители, од Општина Аеродром повторуваат дека тие не се организатори на настанот, ниту, пак, учествуваат во програмските активности. Во моментов, инспекциските екипи ја разгледуваат документацијата и утврдуваат дали има прекршувања.






„Нашите служби работат професионално и посветено, исклучиво во рамките на нашите надлежности. По завршување на инспекциската постапка, ќе бидат преземени мерки согласно законот, доколку се утврди основ за тоа“, соопштија од Општина Аеродром.

Надлежните уверуваат дека транспарентноста и безбедноста на граѓаните остануваат врвен приоритет. Додаваат дека внимателно ги следат сите активности околу манифестацијата и најавуваат дека јавноста ќе биде навремено информирана за секој следен чекор.

Откако вчера дел од медиумите објавија за потврдата на Општина Аеродром дека ќе се отстранува забавниот парк „Зимзоленд“, а скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски соопшти дека паркот две недели работел без дозвола од Град Скопје, реагираше организаторот на манифестацијата.

„Во последните часови на одредени медиуми се појавија неточни информации и шпекулации дека Зимзоленд ќе биде затворен. Ве информираме дека ова не е точно“, велат организаторите во објава на социјалните мрежи. Точно е дека во претходните денови имаше инспекциски надзори, но до надлежните служби беше доставена целосната и потребна документација. Нашата мисија останува иста – да создадеме магични моменти, радост и новогодишна атмосфера за сите деца и нашите драги семејства“, велат организаторите вечерва во објавата со содржина спротивна на она што денес го наведоа институциите.

Поврзани содржини