ДВАПАТИ ПРОВЕРИ СИ ГО ЏЕБОТ ПРЕД ДА РЕШИШ ДА КУПИШ СТАН Цената на квадратот расте ли расте
Сегашната цена во одделни делови на Скопје е енормно зголемена како резултат на големата побарувачка, на која нема соодветна и квалитетна понуда.
Цената на станбениот квадрат во земјава ќе расте, главно поради високите трошоци што ги имаат компаниите за струја, репроматеријали и горива, но и како резултат на злоупотреби на состојбата и интересот на граѓаните да инвестираат во недвижнини, велат градежници и познавачите на пазарот на недвижнини.
Според нив, сегашната цена во одделни делови на Скопје е енормно зголемена како резултат на големата побарувачка, на која нема соодветна и квалитетна понуда.
Цената на квадратен метар, според она што може да се види во огласите во Центар и Карпош во просек е од 1.700 до 1.800 евра некаде достигнува и до 2.000 евра. На продажба во овие населби главно се стари станови, но има и новоградби. Во другите делови од Скопје цените се малку пониски и се движат од 950 до 1.600 евра.
Трендот на високи цени на недвижнините не ги одминува ниту другите градови во земјава. Квадратот најскап е во Охрид каде што достигна 1.450 евра, барем според она што се нуди од агенциите за недвижнини.
Градежниците велат дека цените ги билдаат високите трошоци за репроматеријали, енергија и транспорт кои ги имаат, но и интересот на потрошувачите да инвестираат во недвижнини.
– Цените се во нагорна линија, но со забавено темпо во овој период. Тоа што мислевме во почетокот на годинава ќе се стабилизираат цените, веќе не важи бидејќи трошоците на компаниите растат. На кое ниво и кога ќе се стабилизираат цените на квадратниот метар ќе зависи од траењето на кризата, трошоците на компаниите, но и од однесувањето на потрошувачите и дали тие ќе почнат да купуваат квалитет, наместо местоположба на градбата – вели Андреа Серафимовски, претседател на Градежната асоцијација во Стопанската комора.
Пресметките направени во ова здружение, неодамна говорат дека дел од репроматеријалите кои ги користат градежниците имаат пораст и од 200 отсто поради цената на струјата и горивата, а не се знае уште колку ќе растат.
– Како пример би навел дека цената на цементот е зголемена од 70 евра на 108 евра за тон, бетонот не може да се набави под 23.000 евра, а цената на струјата со која работиме е 900 евра и ќе расте. Дел од производителите на репроматеријали поради цената на струјата ги затворија погоните и набавуваат на пазар производи бидејќи им е поевтино да ги купат отколку да ги произведат. Посебно драстичен скок на цените ќе има кај челичните конструкции каде што огромен процент во цената влегува струјата која се користи во нивно производство – вели Серафимовски.
Тој вели дека ако државата сака да ги одржи одделни бизниси ќе треба да ја субвенционира или ограничи цената на струјата на одредено ниво.
– Грција, на пример, ја ограничи цената на струјата на 110 евра, во услови кога на слободниот пазар таа е 900 евра. Дали тоа ќе го направи и државава ќе зависи од волјата и можностите – додава тој.
Серафимовски не крие дека одделни градежници и трговци со недвижнини ја злоупотребуваат ситуацијата и нудат енормно високи цени за недвижнини кои немаат квалитет соодветен на цената. Такви се цените во Центар и Карпош каде што нема голема понуда на станови.
– Цената во Центар и Карпош во просек е од 1.700 до 1.800 евра за квадрат и е енормно висока бидејќи не е соодветна на квалитетот на градбите во овој дел од Скопје. Имавме таква состојба и во Аеродром, но по зголемувањето на одобренијата за градба цената се стабилизира. Дали овој начин на градење на цената на становите ќе продолжи во овие делови од градот ќе зависи од однесувањето на потрошувачите кои сега купуваат локација, а не гледаат каков квалитет добиваат. Апелираме граѓаните да размислуваат за квалитетот, а не за локацијата на која се продава градбата – вели Серафимовски.
Неговиот колега Никола Велковски, неодамна за Плусинфо изјави дека, високите цени на становите ќе останат високи и поради фактот што дел од градежниците кои располагаат со високи суми на пари градат продаваат и заминуваат.
– Во градежниот сектор последниве години влегоа трговци кои внесоа огромни пари, градат и си заминуваат. Во борбата за добивање локација за градење овие трговци им нудат високи цени на сопствениците на парцелите кај кои, пак, во меѓувреме сè повеќе растат апетитите. Па така, цената сега од 25 отсто нето изградена станбена површина од пред една година порасна на 30 отсто. Конкретна цена за градежен квадрат, меѓутоа, не може да се каже бидејќи од парцела до парцела таа се менува според желбите и апетитот на сопственикот на парцелата и желбата на градежниците да ја добијат. Но, ова зголемување секако го плаќа крајниот купувач на станот со тоа што ќе плати 1.800 или 2.000 евра за квадрат во која не добива и соодветен квалитет на градбата – изјави Велковски.
Дека цените на становите не запираат да растат покажуваат и податоците на Народна банка кои се однесуваат на период од шест месеци. Во вториот квартал, според овие податоци растот на цената на становите е за 16,5 отсто.
Според податоците на Државниот завод за статистика, во јуни 2022 година се издадени 277 одобренија за градење, од кои 132 или скоро половина се за објекти од високоградба. Најмногу од нив во скопскиот регион 78 од кои во Центар се дадени само 3 одобренија за градба, а во Карпош се издадени 16 одобренија за градба.