ПОЗНАТИОТ ЛЕК „КЛЕКСАН“ ОДИ НА ПОЗИТИВНАТА ЛИСТА Од крајот на ноември ќе се зема на рецепт во аптека
Станува збор за двата антикоагуланси „еноксапарин“ и „надропарин“, кои досега беа на болничката позитивна листа и за домашно лекување граѓаните мораа да користат рефундации.
Два лека против згрутчување на крвта од крајот на ноември ќе може да се земаат на рецепт во аптека, истакна денеска генералниот директор на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски.
Тој по брифингот со новинарите изјави дека станува збор за двата антикоагуланси „еноксапарин“ и „надропарин“, познати како „клексан“, кои досега беа на болничката позитивна листа и за домашно лекување граѓаните мораа да користат рефундации.
– Граѓаните веќе не мора да се малтретираат по шалтерите на Фондот за да ги рефундираат средствата за овие лекови. Ќе има полесен пристап до лековите, а ние ќе имаме помал протисок за работа и ќе можеме да се концентираме на други прашања – рече Клековски.
 
			