ДУРИ 26 ВИДОВИ ТОКСИЧЕН ОТПАД СЕ ГОРЕЛЕ ВО „ДРИСЛА“ Надлежните си ја префрлаат топката

„Дрисла“ не е парично казнета, туку даден ѝ е рок од 90 дена да ги откаже договорите и да поднесе барање за измена на својата еколошка дозвола. Според в.д. директорот Стојковски, изминативе два месеци, откако е на функцијата, направени се вкупно 327 надзори, од кои 164 редовни, 73 контролни и 90 вонредни надзори. При тоа издадени се 42 решенија и изречени се четири прекршочни санкции и три платни налози.

352

Дури 26 видови на опасен отпад се гореле во ЈП „Дрисла“, меѓу кои и отпад од пестициди, киселини и жива, а претпријатието отпрвин добило дозвола во февруари, а потоа забрана за својата А-интегрирана дозвола од Инспекторатот за животна средина, јавува МИА. Сегашниот в.д. директор Сретен Стојковски вели дека е нејасно зошто воопшто била издадена дозволата, а ја обвинува претходната директорка дека пет месеци не реагирала по ова прашање.

– Симптоматично е како претходната директорка пет месеци од издавањето на дозволата не реагирала пред да биде разрешена, иако учествувала во инспекцискиот увид и знаела дека „Дрисла“ нема инсталации за третман и преработка на опасен отпад – рече в.д. директорот на ДИЖС.






Тој додаде дека од правниот субјект ЈП „Дрисла“ е побарано да постапи согласно член 116 од Законот за животна средина и да поднесе барање до надлежен орган, Управата за животна средина при МЖСПП, за измена на интегрираната еколошка дозвола и да ги раскине сите склучени договори за прием и третман на тие видови на опасен отпад.

– Ние со решение им забранивме на „Дрисла“ да примаат таков отпади им дадовме рок да си достават барање до МЖСПП. Исто така, и Министерството е известено со информација за нашето решение, така што „Дрисла“ веќе не може да прима таков опасен отпад. Рокот е 90 дена. Во моментов „Дрисла“ има А-интегрирана еколошка дозвола каде во еден од прилозите, прилог 3, има 36 шифри на опасен отпад коишто се наведени во дозволата, а никаде во дозволата нема објаснување за екологијата, инсталации и начин на преработка и складирање на таквиот отпад што е симптоматично и не знам како е издадена таква дозвола за таков вид на отпад – истакна Стојковски.

Допрва ќе се истражува што било горено во Дрисла

Директорот наведе дека работат на тоа да дојдат до конкретни сознанија што од опасен отпад е фрлано во „Дрисла“.

– Во дописот до МЖСПП побаравме да се направи генерална еколошка ревизија со којашто ќе се направи увид во комплетната состојба со „Дрисла“. Бидејќи при пренос на сопственоста од Јавно приватно партнерство во ЈП било потребно да се направи генерална еколошка ревизија тоа не е направено, пред издавањето на дозволата – посочи Стојковски.

Тој информираше дека „Дрисла“ собира комунален, медицински и има можност за собирање на градежен шут загаден со азбест.

Според в.д. директорот Стојковски, изминативе два месеци, откако е на функцијата, направени се вкупно 327 надзори, од кои 164 редовни, 73 контролни и 90 вонредни надзори. При тоа издадени се 42 решенија и изречени се четири прекршочни санкции и три платни налози.

– За разлика од тоа, во периодот август-септември 2020, направени се вкупно 263 надзори, 168 редовни, 61 контролен и 34 вонредни надзори. Од овие податоци можеме да дојдеме до заклучок дека бројот на вонредни надзори е зголемен за 200 отсто во однос на 2020 година, рече Стојковски.

Ги казнувале и „Охридски Комуналец“ и рудник во Пробиштип

Тој додаде дека за непостапување по решение на државниот инспектор за животна средина од Охрид за запалена нестандардна депонија, во два наврати се изречени две прекршочни санкции и два платни налози на правниот субјект ЈП „Охридски комуналец“ и одговорното лице во претпријатието, за прекршоци од прва категорија каде се предвидуваат казни од 2.000 до 3.000 евра за правното лице и 400 евра во денарска противвредност за одговорното лице и прекршок од втора категорија, каде е предвидена казна од 6.000 евра за правното и 800 евра за одговорното лице.

– За непријавен еколошки инцидент во рудникот Булмак во Пробиштип по решение на државниот инспектор за животна средина од Пробиштип издадено е решение за расчистување на локацијата и барање за спогодување до Комисијата за спогодување при МЖСПП за прекршок од трета категорија, каде е предвидена глоба од 100.000 евра, посочи директорот на ДИЖС.

Горат многу депонии по градовите, но само општините можат да казнуваат

Тој нагласи дека во истиот период имале и голем број на пријави за запалени нестандардни депонии во цела држава, пријави за ископ на песок за регулација на речни корита, контрола на рибници во Вруток и други пријави коишто не се во нивна надлежност и тие биле препратени до овластените општински инспектори и други органи за постапување по нив.

– Еден од општинските инспектори, Андријана Забеговска Георгиевска конечно се охрабри и реагираше и изрече прекршочна санкција со платен налог од прва категорија за правното лице ЈКП „Пролетер“ – Ресен, посочи Стојковски.

Поврзани содржини